Неодамнешното запленување на доверливи владини документи на раскошниот имот во Мар-а-Лаго, поранешната „зимска Бела куќа“, јасно покажува колку безбедносна загриженост претставува поранешниот американски претседател, велат експертите.
Доналд Трамп е под истрага на ФБИ за можни прекршувања на Законот за шпионажа, кој, меѓу другото, спречува споделување на доверливи информации на оние кои не се овластени да ги имаат.
Дури и како претседател, Трамп го правеше тоа. На почетокот на својот мандат, тој спонтано му даде на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров многу доверливи информации за операцијата против Исламската држава.
Но, Мар-а-Лаго, каде се организираат свадби, прослави и добротворни вечери, е особен трн во окото на американските разузнавачи.
Иако Тајната служба го обезбедува поранешниот претседател и локацијата, нејзините агенти немаат овластување да ги контролираат гостите или членовите на клубот на Трамп.
Налогот за претрес на имотот на Трамп јасно покажува загриженост за националната безбедност, изјави поранешната функционерка на американското Министерство за правда, Мери Мекорд.
-Очигледно беше многу важно за нив безбедно да ги вратат документите. Имањето високо доверливи документи на место каде што посетуваат бројни странски посетители и други кои можеби имаат врски со странски влади и агенти создава значајна безбедносна закана – рече таа.
Трамп тврди дека тоа не се доверливи документи. Според него, сите документи со кои располага се декласифицирани и дека биле на безбедно место.
Агентите на ФБИ зедоа десетици кутии со документи, вклучително и некои со информации за одбраната, од имотот претходно оваа недела.
Министерството за правда не објави каде и како се чувале документите и фотографиите, но лежерноста во Мар-а-Лаго е добро позната.
Добар пример е свечената вечера на Трамп со тогашниот јапонски премиер Шинзо Абе, која беше организирана во 2017 година на огромната тераса на отворено во Мар-а-Лаго со многу други гости.
Вечерата беше нарушена од севернокорејски ракетен тест, па гостите кои „кружеа“ наоколу можеа да го слушнат и снимат разговорот на Трамп и Абе за контрамерки.
Белата куќа тогаш одлучи да постави безбедна просторија во Ма-а-Лаго за чувствителни разговори. Таму Трамп и неговите соработници одлучија да извршат воздушни напади врз Сирија поради употребата на хемиско оружје.
По донесувањето на одлуката, Трамп се подготви за свечена вечера со кинескиот претседател Си Џинпинг. Притоа, тој издржал до чоколадниот десерт за да не му разјасни на својот кинески колега што има намера да прави.