Текстот е објавен на 26 јули 2013 во неделникот „Фокус“ под насловот „Боливудската приказна за Субрата добива офшор-шмек“!
Пишувал
Владо АПОСТОЛОВ
Македонските љубителите на седмата уметност веќе неколку месеци во кината може да го погледнат последниот филм на Леонардо ди Каприо снимен по романот „Големиот Гетсби“. Интересно е дека во овој филм за првпат на холивудското платно се појавува индиската актерска икона Амитаб Башан, кој во татковината е познат како близок пријател на една друга ѕвезда, ама од бизнис-секторот. Негов другар е никој друг, ами „нашиот“ Субрата Рој, кого во Македонија властите го претставија како спасител кој ќе инвестира неколку стотици милиони евра во туристички центар, земјоделието, медицината и во уште неколку бизниси. Честите посети на Рој и на неговото семејство и срдечноста со која ги пречекува вицепремиерот Зоран Ставрески оставаат впечаток дека целата приказна за „Сахара груп“ е излезена од некое боливудско сценарио, ама со холивудски набилдан буџет!
ИНДИСКИТЕ ВЛАСТИ ЗАСПАЛЕ, А СУБРАТА СЕ РАСФРЛАЛ
Приказната навистина звучи филмски бидејќи Рој при првата посета во Скопје се пофали оти го почнал бизнисот со 40 долари, а сега неговата компанија вреди 25 милијарди. Сепак, нашата јавност знае дека газдата на големата „Сахара“ има проблеми со индиските власти кои бараат да врати некаде околу четири милијарди долари бидејќи во јуни 2011 година индиската Комисија за хартии од вредност (СЕБИ) го обвини оти неовластено собирал пари од поединечни инвеститори. Според индискиот печат, обвинување има и од тамошната Централната банка, кое датира од август истата година. Во февруари годинава, пак, СЕБИ нареди да се замрзнат сите банкарски сметки на првиот човек на „Сахара груп“, како и целиот негов подвижен и неподвижен имот, додека малку подоцна истата институција изрази желба Субрата да биде уапсен!
Најинтересно е тоа што се случувало во меѓувреме, во периодот од година и пол, кога СЕБИ го отвора случајот за Рој до моментот кога ги замрзнува неговите банкарски сметки. Светло врз овој период фрла еден од најтиражните индиски весници, кој излегува на англиски јазик „Д Хинду“. На 1 февруари годинава, во овој медиум се појавил текст со наслов кој тврди дека „Сахара“ се расфрла со пари за луксузен хотел во Лондон и за спонзорства во Формула 1 додека малите инвеститори сѐ уште си ги чекаат парите од компанија. Весникот се повикува на официјална белешка од одделението за финансиско разузнавање на индиското Министерство за финансии, кое датира од 30 март 2012 година.
Во белешката стои дека податоците што таа ги содржи се добиени од странска институција, која, исто така, работи во областа на финансиското шпионирање, но текстот не открива од која држава потекнуваат информациите. Нејсе, овој допис тврди дека Субрата Рој е целосен сопственик на фирмата „Амби Вели“, која е регистрирана во 2010 година на островот Маврициус кој е позната офшор-дестинација во Индиски Океан, додека со мало интернет-истражување може да се потврди дека навистина постои ваква компанија на овој остров, и тоа со адреса во гратчето Порт Луис.
„Д Хинду“, повикувајќи се на белешката, тврди дека „Амби Вели“ добила значителни средства од фирмата „Сахара Гросвенор хаус хоспиталити“, и тоа во октомври и во ноември 2011 година, неколку месеци откако СЕБИ ги покрена обвиненијата против Субрата Рој и додава дека и втората фирма е 100 отсто негова. Понатаму, во текстот пишува дека индиските власти лани во март добиле информација дека фирмата од Маврициус планира да префрли осум милиони фунти во банка на Каналските Острови (меѓу Велика Британија и Франција) на кои се наоѓа, исто така, познатата офшор-дестинација Џерси, но тоа не било се. Разузнавачите предупредиле дека „Амби Вели“ сака да префрли дури 190 милиони фунти во лондонскиот оддел на „Банката на Кина“. Дополнително, од оваа островска компанија се слеале пет милиони фунти како спонзорство за Формула 1 тимот, Сахара форс Индија.
Овој влијателен весник на крајот заклучува дека доказите откриваат оти владата во Индија не успеала да реагира кога во 2012 година се префрлени околу 203 милиони фунти на сметки преку океанот. „Д Хинду“ прашува зошто не се реагирало и зошто тогаш не му биле замрзнати сметките на Субрата Рој!
Вреди да се потсети дека 25 дена пред индиските власти да го добијат предупредувањето, во Њу Делхи (Индија) беше владина делегација предводена од премиерот Никола Груевски. Како што и ден денес тврди владиниот сајт, делегацијата присуствувала на уште еден бизнис-форум организиран од „Сахара Индиа Паривар“, а покровител на настанот бил нејзиниот сопственик Субрата Рој.Интересно е и дека како сопственик на македонската „Сахара пуре“ се јавува лондонецот, веројатно со индиско потекло, Сукхбиндер Синг Хир, за кого навистина е тешко да се добијат податоци на интернет.
Наше е да потсетиме и дека „Сахара“ на стартот од годинава, веднаш по првата овогодишна посета на Субрата, се огласи дека нема повеќе долгови.
НЕОСТВАРЕНИОТ СОН ВО ИНДИЈА ОЖИВУВА ВО ОХРИД
Разузнавачката белешка укажувала и дека Субрата е поврзан со политичарот и лидер на една партија Мулајам Синг Јадав, човек за кого може да се најдат многу интересни податоци на веб-страницата на Викиликс. Индискиот бизнисмен Рој и политичарот Мулајам Синг Јадав се спомнуваат во еден таканаречен кабел на Викиликс, во кој американските дипломати зборуваат за политичките реперкусии на една приватна посета на Бил Клинтон во Индија, во септември 2005 година.
Меѓу другото, викиликсот пишува дека многумина во тамошниот Конгрес сметаат дека Синг Јадав е политичар што користи закани и насилство за да осигури гласови, додека соговорниците на американските дипломати откриле оти тој е еден од највалканите политичари на најголемиот полуостров во светот. Пријателството меѓу Субрата и овој политичар е тема и на блоговите во Индија, но интересно е дека интернетчиите во овој дел од Азија ја коментираат и најавената инвестицијата на „Сахара“ во Охрид. Според нив, тоа не е ништо друго ами исполнување на дводеценискиот сон на Рој, кој првично требало да се оствари во индискиот регион Сандарбанс. Субрата имал план да изгради голем туристички ресорт на речната делта во индискиот регион Западен Бенгал. Туристичкиот центар требало да се протега на 250 квадратни километри низ резерватот и како најголема атракција биле замислени таканаречените лебдечки градови, кои требало да бидат хотели изградени над водата. Проектот предвидувал туристите да доаѓаат до хотелите со посебни брзи пловила налик на глисери, а предвидени биле и 45 бротчиња со проѕирен под, додека до ресортот ќе можело да се стигнува и со хеликоптер.
Идејата на Субрата никогаш не се реализирала бидејќи мештаните и екологистите сериозно се спротивставиле знаејќи дека тој регион е познат по мангровата шума и е место во Индија каде што живеат најголем број тигри, но и неколку други загрозени животински видови. Стравот бил дека со градежните операции и со работата на туристичкиот центар ќе се загрози мангровата шума, која овој остров од делтата го штитела од циклони. Проблематично било, што иако инвестицијата била замислена како јавно-приватно партнерство меѓу Субрата и државата, сепак жителите на регионот речиси и ништо да не знаеле за проектот. Отпорот кон Субрата се случил во 2004 година, а нецела деценија подоцна се чини дека индискиот тајкун ќе ја преслика идејата врз Охридско Езеро.
Тоа што овој бизнисмен сака да го гради во Охрид треба да се простира на 240 хектари и, како што самиот најави, ќе биде еден од десетте најубави туристички центри во светот со голф-терени, спа-центри и со казино на вода. За таа цел е ангажиран архитектот од Англија Том Рајт, чии цртежи стануваат реалност меѓу облакодерите во Дубаи. Инвестицијата би требало да привлече милиони туристи од целиот свет.
А, како некаков старт на неговите инвестиции во Македонија може и да се смета купувањето на хотелот „Ино спектар“. Интересно е дека овој проект Индијците на интернет често го коментираат и го нарекуваат Лас Вегас на Балканот.
ПРОЕКТИ РОЈ
Субрата и неговите партнери во владата на Груевски имаат задача да ја убедат МПЦ да му продаде на Индиецот дел од своето земјиште во Љубаништа, додека охридскиот митрополит Тимотеј веќе се огласи оти не дава ниту педа од господовата почва и притоа го нарече Субрата Рој обичен мангуп. Летово Рој стана доктор по економски науки и уште не ја прослави титулата како што треба, веднаш ја посети Македонија по вторпат годинава бидејќи ни беше гостин и во јануари кога вети дека ќе го направи триесетметарскиот споменик на Мајка Тереза. За реализација на спомен-обележјето, според македонските портали, Субрата добил гага парцела од околу 600 квадратни метри, а ако се точни претпоставките на пратеникот од Либералната партија Ивон Величковски, газдата на „Сахара груп“ нема да го преврти ќесето ниту за земјата во Охридско. Величковски, јавно на парламентарната говорница, се посомнева дека атрактивно земјиште на крајбрежјето ќе се продава за едно евро по квадрат доколку се изгласа законот за индустриски зелени зони, кој минатата недела влезе во собраниска процедура. Демант не чувме!
Владиниот тим на чело со Ставрески го однесе симпатичниот мустаклија и до Дојранско Езеро, но за ова природно богатство засега Индиецот нема бизнис-решение.
Пред да нѐ напушти, Субрата на посебна прес-конференција свечено најави дека влегува во АК „Џумајлија“ и вети дека за три години ќе вложи 200 милиони евра. Индиецот даде беса оти кога ќе се заокружи инвестицијата во агрокомбинатот, работа ќе најдат 2.000 души, кои, меѓу другото, ќе треба да се грижат и за околу 20.000 крави!
И дека приказната е навистина епска, покажува и тоа што претставниците на „Сахара“ потпишаа и меморандум за соработка со Министерството за здравство, претставувано од Никола Тодоров. Македонски лекари ќе одат на обуки во Индија, Субрата ќе им го покрива сместувањето додека владата ќе се погрижи за патот.
Јаготка на шлагот околу сагата со Индиецот е тоа што минатата недела неговиот син Сушанто доби македонско државјанство. Како што забележа „Утрински весник“, наследникот на Субрата поднел барање за државјанство врз основа на член 11 од Законот за државјанство, а не врз основа на ланската уредба, која овозможува странците да добијат пасош ако инвестираат минимум 400.000 евра и ако вработат најмалку десетмина. Тоа значи дека државата ќе има некаков особен научен, економски, културен, спортски или друг интерес од тоа што Субрата џуниор, меѓу другото, ќе добие и право на глас!
Читателите веројатно ќе си припомнат дека едно од многуте ветувања што беа лиферувани од Рој и од неговите домаќини во Скопје беше дека тој ќе вложи и во македонската филмска индустрија. Доколку тоа се случи, не треба да нѐ изненади ако во Македонија дојде неговиот пријател од Боливуд Амитаб Башан, но тоа што треба да нѐ загрижува е случајно и Холивуд да не се заинтересира за сагата на Субрата во Македонија. Ќе пукне срам ако за потребите на нивниот блокбастер со балканско-индиска тематика, наместо Леонардо ди Каприо, го ангажира актерот Саша Барон Коен, кој е најдобро познат по филмскиот лик Борат!
Субрата како домаќин
ЛУКСУЗЕН ПОЈАДОК?
По индиските интернет-сајтови има интересни детали за помалку необичната дружба меѓу нашата власт и Субрата Рој. Па, така, на еден од блоговите се шпекулира дека за време на посетата во Индија, македонскиот премиер Никола Груевски со хеликоптер одлетал на едно од туристичките места на „Сахара“ само за да појадува со Субрата!
„Има нека тајна веза“
МАЈКА ТЕРЕЗА И СУБРАТА
Посебно е интересна исповедта на Субрата Рој за неговите релации со Мајка Тереза. Потресната приказна сѐ уште гордо стои на владиниот сајт и во неа ќе прочитате дека токму Мајка Тереза е причината зошто Субрата се врзал со Македонија и затоа најавил отворање лекувалишта за најтешко болните и за сиромашните во државава.
Наводно, пред да умре Мајка Тереза, таа му оставила аманет да се грижи за сиромашните деца и како што вели самиот – не му било јасно зошто таа токму него посебно го сакала!