Пред и по почетокот воената интервенција во Украина, кон Руската Федерација се воведени дури 11.000 разни санкции од страна на Европа и Западот, кон кои се придружи и Македонија. Во интервју за најновиот број на неделникот „Фокус“, извршниот директор на Македонско-руската стопанска комора, Дејан Бешлиев, вели дека воведувањето на било какви санкции се крајно неповолни за меѓународната трговијата, странските инвестиции, целокупната соработката на компаниите и воопшто – за економските релации меѓу земјите.
-Економските санкции воведени кон Руската Федерација во овој момент несомнено имаат свое влијание и врз економијата на нашата земја. Директно, таа штета и не е премногу голема со оглед на ниското ниво на трговија меѓу компаниите од двете земји, која со години се задржа на бројката од околу 200 милиони долари меѓусебна размена на годишно ниво. Далеку пострашни се индиректните штети, заради драстичните поскапувања на енергијата, храната, суровините, имајќи предвид дека нашата економија е силно извозно зависна – вели Бешлиев.
Подетално ако се навлезе, додава тој, проблеми ќе имаат македонските компании кои увезуваат одредени стоки од Русија, што се значајни за нивните производни процеси. Тоа, според него, се однесува на вештачкото ѓубриво, стаклото и други производи, кои сега ќе треба да се набавуваат од други пазари и по повисоки цени. Во извозот, кој засега се одвива без ограничувања од руска страна, пак, Бешлиев објаснува дека голем товар претставуваат разните забрани за преминување преку одредени територии и енормно зголемените трошоци за превоз на стоката.
-Воведените забрани за авиосообраќај предизвикаа речиси запирање на движењето на луѓето меѓу двете земји, како на бизнисмените, така и туристите, а најупорните мора да плаќаат исклучително скапи авио-билети. Еве, на пример, минатата година по долго време по повеќе од дваесет години и големи залагања беше воспоставена директна авионска врска на Скопје со Москва и Санкт Петербург, и само по неколку месеци целиот проект беше прекинат заради почетокот на конфликтот – истакнува Бешлиев.
Тој посочува дека веќе со месеци продолжува да се одржува високата вредност на размената меѓу Македонија и Руската Федерација. До крајот на јули, како што појаснува, таа е за два и пол пати поголема отколку во истиот период од минатата година. Во овој период, според него, Русија е тринаесетти трговски партнер на земјава, пред Словенија, Холандија, Чешката Република, САД…
-Од една страна, членки сме на НАТО и кандидат-членка за влез во ЕУ, а од друга страна, нема соодветна инфраструктура и поддршка за супституција на начин за добивање на потребните енергенси. Ваквата состојба на крајот ќе се одрази за што сме веќе сведоци – на сите, при што бизнисите се најзагрозени, а граѓаните на крајот ќе го платат и најголемиот цех – и за сигурноста на своето работно место, за секојдневните поскапувања на пазарот и на големата цена за греење зимава – вели Бешлиев.
Целиот разговор прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.
Влатко СТОЈАНОВСКИ