Како Путин ја „уби“ короната

За да се „заборави“ корона вирусот, придонесува и војната во Украина, која речиси еден месец е под „опсада“ од Русија на чело со претседателот Владимир Путин.

by Fokus

Повеќе од шест милиони луѓе починаа досега од ковид 19 во светот, пандемијата е далеку од завршена порача на една од последните прес-конференции првиот човек на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус.

Во последните неколку недели, во повеќето земји може да се забележи драстично олабавување на мерките, со тоа на некој начин корона вирусот оди во втор план, иако од сите страни дел од лекарите алармираат да нема премногу опуштање бидејќи може да се врати на голема врата.

Во некои од земјите повторно има зголемување на бројките, но затоа пак се намалени хоспитализациите. Таков пример е Германија, каде што според страницата „worldometer“, на која секојдневно стигнуваат информации за нови заразени, починати, како и вкупен број носители на ковид 19 само во текот на вчерашниот ден има 214.035 нови случаи.

Потоа, тука е и Франција со 29.445 новозаразени од ковид, Русија со 21.101 заразен само за едно деноноќие, додека пак во Италија има 30.720 носители на опасниот вирус, а во Австрија за 24 часа има 49.071 заразен.

Со високи бројки уште котира и Грција, па така само во текот на вчерашниот ден таму се регистрирани 27.489 нови случаи.

НАМАЛЕНИ БРОЈКИ ВО СЛОВЕНИЈА, ХРВАТСКА, АЛБАНИЈА…

Тоа што може да се забележи како поразлично е дека во соседните земји во последниот период нагло опаѓа бројот на носители на заразниот ковид 19.

Па така, во Србија само во еден ден има 1.783 нови случаи, во Словенија 909, додека пак во Босна Херцеговина се регистрирани 143 носители на корона вирусот. На листата со најмал број заразени котира Албанија и тоа само 27 заразени во еден ден.

Ваквите бројки не изненадуваат со оглед на тоа што речиси секаде е намален бројот на тестирања или пак граѓаните се помалку одат да се тестираат. Главна причина за тоа е новиот сој на ковид, омикрон кој има полесна клиничка слика, па повеќето од луѓето го прележуваат и без да бидат свесни дека се заразени.

Од СЗО, исто така се загрижени што неколку земји драстично го намалуваат процентот на тестирање.

„Ова ја намалува нашата способност да видиме каде е вирусот, како се шири и како се развива“, вели првиот човек на Светската здравствена организација.

Сепак, и во земјите каде што се уште има повеќе заразени, се намалени хоспитализациите и смртноста.

Дополнително за да се „заборави“ корона вирусот придонесува и војната во Украина, која речиси еден месец е под „опсада“ од Русија на чело со претседателот Владимир Путин. Сите вести објавени  на ова тема само повеќе придонесоа опасниот ковид да оди во втор план, а од сите страни „бомбардираат“ наслови со страшните случувања во Украина.

Намален број на заразени од ковид во последниот период има и во Македонија. Бројките се движат околу 300 и нешто на дневно ниво, со исклучок на понеделник кога се прават помалку тестирања, па со тоа има значителен пад и на новите случаи.

Постигнатиот гол на фудбалерот Александар Трајковски на фудбалскиот меч меѓу Македонија и Италија беше пресудно овие две недели да се заборави корона вирусот, барем во Македонија, а еуфоријата продолжува и со натпреварот вечерва со Португалија, каде што ако победат може да се пласираат на Светско првенство.

Досега во светот се регистрирани повеќе од 420 милиони граѓани носители на опасниот вирус, како и повеќе од 6 милиони починати.

Ирена Мулачка

 

 

Поврзани новости