Текстот е објавен на 23-ти септември 2011-та во неделникот „Фокус“ во бројот 847
Иако можеше да се чујат шеги од типот – Македонија е Гинисов рекордер во прославување на четврто место, нашите кошаркари дефинитивно ја заслужија сета почит што им се укажа со прославата на скопскиот плоштад. Нивниот подвиг добива на тежина со оглед на тоа што речиси никој во Македонија (ниту потписникот на овие редови) не очекуваше кошаркарите да стигнат до полуфиналето и тоа со победа над ужасно квалитетната репрезентација на домаќинот Литванија, триумф извојуван во една трилер завршница.
Резултатот е уште позначаен ако се знае дека првенството го почнаа со пораз против просечната Црна Гора, но оттогаш едноставно ги надиграа повеќето противници, а можеме слободно да кажеме оти нашите им пружија најголем отпор на старо-новите европски прваци Шпанците, поголем од оној со кој им се спротиставија вицешампионите од Франција. Лаички кажано, на некој начин сме втората кошаркарска нација на Стариот континент и она што можеби најмногу нè радува – излезе дека во овој момент Македонија ја има најсилната кошаркарска репрезентација на Балканот.
„ИЗЛЕЗИ МОМЧЕ” СТАНА НЕОФИЦИЈАЛНА СПОРТСКА ХИМНА
Еуфоријата на скопскиот плоштад е уште поразбирлива поради фактот што кошарката е веројатно вториот најпопуларен спорт на светот (по фудбалот) и затоа е нормално што бронзените медали од Истанбул на нашите каратисти не беа ниту оддалеку слично поздравени. Овој успех единствено може да се мери со оној на ракометарките на „Кометал Ѓорче Петров”, но радоста овој пат е сепак поголема бидејќи оваа победа беше извојувана на натпреварување на национално ниво. Сето ова е разбирливо и веруваме дека нема некој што не се радувал, па дури и опозиционерот Јани Макрадули, иако нашиот колега Јанко Илковски веројатно нема да се согласи со нас.
И доколку го читате текстов, веројатно насетувате оти следува едно „ама”, односно дека ќе се обидеме да дадеме еден друг поглед на случувањата околу празничната еуфорија по победите на нашите кошаркари. Имено, прво по социјалните мрежи, а подоцна по улиците, училиштата и на крајот на трибините во Каунас, се слушаше една песна која според нас и уште неколкумина, е најблаго речено – недолична. Станува збор за композицијата која неформално го носи називот „Излези момче” и која ги содржи стиховите „излези момче право на тераса и поздрави ја гоцевата раса” и „кренете раце високо горе, наше ќе биде и Солунско поле”. Колку е популарна песната покажува и фактот дека ако на Гугл ги пребарувате клучните зборови, ќе најдете повеќе од 70.000 резултати.
Речиси сите се согласуваат со тоа дека песната е на работ на нешто што се нарекува расизам и оти содржи отворено иридентистички стихови. Расизмот се гледа во издвојувањето на Македонците како посебна (гоцева) раса, а иредентизмот е отворен и јасен во стиховите во кои се кажува дека Солунско поле ќе биде наше, односно македонско.
Она околу кое се бијат битките, најмногу по социјалните мрежи Твитер и Фејсбук, е дека дебатата е непотребна, оти се работи за песна која потекнува од стадионските трибини и оти тамошниот репертоар никаде во светот не се разликува (што е жива вистина). И можеби не е многу страшно ако една таква песна остане внатре во стадионите, каде можеби тоа е дел од супкултурата, но она што навистина е невкусно е вакви стихови да излегуваат од устите на нашите кошаркари. А – тоа се случи!
Го видовме видеото во кое кошаркарите по еден триумф во соблекувалната ја пеат оваа песна, потоа продолжуваат во тимскиот автобус, за на крајот неколку музичари да направат и техно верзија на веќе популарните стихови. Ништо чудно оваа студиска верзија од песната да заживее на стадионите и во спортските сали!
Не требаше човек да биде визионер или надарен предвидувач за да сфати оти истите стихови ќе ги пее насобраниот народ на плоштадот во Скопје при пречекот на спортистите и оти и самите кошаркари ќе ја прифатат песната од масата.
ПЕСНАТА НА АРКАНОВЦИ
Едноставно, како што „Македонско девојче” од ракометарското игралиште на Ѓорчепетровки почна да се пее по плоштадите, само поради тоа што и ракометарките играа на таа песна, јасно беше дека истото ќе се случи и со неформалната кошаркарска химна. Она што подоцна се дозна, дури откако се разви дебатата за песната, е дека таа е, всушност, преработка на српската навивачка химна „Ми смо шампиони” напишана од контроверзниот панкер Тони Монтано (Велибор Миљковиќ) и тоа уште точно пред дваесет години.
Според белградскиот неделник “Време”, Монтано уште од раната младост бил пријател со познатиот Жељко Ражњатовиќ – Аркан, човекот кој беше водач на една од српските паравоени формации и кого го убија во атентат во 2000 година. Аркан се прослави како водач на една од навивачките групи на фудбалскиот клуб “Црвена ѕвезда”.
Српско “Време”, во серијалот за Аркан, пишува дека кога почнала војната Монтано заедно со Оливер Мандиќ пристапиле во доброволната гарда попозната како „Тигри”, додека авторот на „Ми смо шампиони” ја напишал и химната за „Обилиќ”, тимот кој го поседуваше сопругот на Цеца. А според Википедија, Монтано на крајот од деведесетите важел за фигура блиска и до Социјалистичката партија на Србија и тој бил човекот што ги организирал поголем дел забавите при промоциите на „странката” на Слободан Милошевиќ.
И да се вратиме на нашите кошаркари. Една од најчестите фрази што може да се чуе е дека тие се нашите најдобри амбасадори и дека ниту еден политичар не ја промовирал Македонија како што тие тоа го направија. Тешко е да не се сложиме со констатацијава и токму затоа сметаме дека е не требаше токму тие да ги пеат контроверзните стихови и дека тоа е, еве да речеме – недипломатски.
Едноставно ако се на некој начин амбасадори така и нивните постапки надвор од теренот имаат одредена политичка тежина, дополнително ако се знае дека политиката и тоа како е присутна во спортот. Да беше поинаку, немаше само на нашите дресови да фали името на државата и многумина да се шегуваат оти „Витаминка”, спонзорот на репрезентацијата, е всушност нашето име. И сето ова поради спорот со Грција!
Важно е уште да се спомне дека во 2007 година Агенцијата за млади и спорт организираше избор на нова химна и тогаш од 12 понудени композиции граѓаните ја избраа „Македонија навива за вас”, песната што ја испеа Тоше Проески, која колку што нам не држи сеќавањето одлично беше прифатена меѓу навивачите. А оваа песна за проблематична може да ја смета само грчкиот политичар Караџаферис, како лидер на тамошната Националистичка партија, оти во еден од стиховите Тоше го спомнува Александар Македонски.
Ние, пак, се прашуваме што се случи со навивачката песна „Црвена”, која ја пееше Ристо Самарџиев и која до скоро ечеше од трибините!?
ЈАВЕН ЛИНЧ ЗА КРИТИЧАРИТЕ
Но, како што велат старите, од лошото има полошо. Така што, ако не чини тоа што кошаркарите пеат иридентистички стихови, она што е најстрашно е јавниот линч врз неколку интелектуалци кои се огласија против песната „Излези момче”. Така, Роберто Беличанец и новинарката Тања Милевска ја критикуваа песната на своите фејсбук-профили, додека колешката на Милевска, Билјана Секуловска, тоа го стори во нејзината редовна колумна во „Вест”. На удар се најде и професорката Мирјана Најчевска, која напиша дека е претерано тоа што кошаркарите ги нарекуваат херои и тоа оти ќе добијат медал за заслуги на народот од претседателот Ѓорге Иванов.
Хајката по овие луѓе кулминираше откако весникот „Вечер” објави непотпишан текст (барем во он-лајн изданието), критикувајќи ги овие ставови и притоа дозволи да се објавуваат секакви коментари против овие луѓе, кои според весникот каде Драган Павловиќ – Латас е уредник се интелектуалци во наводници и „тие очајнички се обидуваат да го деградираат успехот на нашите спортисти, повикувајќи се на наводното фашистичко значење на навивачката песна”.
Она во што е во право „Вечер” е дека мнозинството граѓани навистина застана против оваа група на луѓе и имаше најразлични коментари од културни и пристојни („па и во кошарката ли најдоа нешто што им пречи”), преку ставови дека тоа се дефетисти и дежурни мрчатори, до јавни навреди и закани по животот изречени на Фејсбук.
Ете, како за илустрација, една порака упатена кон Беличанец, по сите навреди и закани, кои нормално дека нема да ги спомнеме, завршува со нацистичкиот поздрав – sieg heil!
„Доколку не викаш на цел глас ура заедно со сите мора да бидеш столчен, казнет, изложен на малтретирање и прогласен за издајник. Ваков вид на едноумие никогаш немало во времето на Социјалистичка Република Македонија. Ова е насилство врз поединецот кое е незапамтено на овие простори од 1948-та па наваму. А медиуми како Вечер и тие што пишуваат во нив како Латас, се маши на овој вид на пропаганда. Тие одат и чекор понатаму. Со насловите и содржините под тие наслови повикуваат на линч против мене и сите оние како мене кои имаат поинакво мислење за одреден настан. Резултатот на овој повик веќе се гледа во огромното количество на навреди и закани кои се испратени на мојот ФБ профил и на мојот блог. Ова е училишен пример на вознемирување како што е дефиниран во меѓународните документи и во нашите закони” – напишала Најчевска на нејзиниот блог „Квадратурата на кругот”.
А со зборовите на професорката веројатно би се сложил и чешкиот писател Милан Кундера (авторот на „Неподнослива леснотија на постоењето”) кој во својот сатиричен роман „Шега” пишува токму за комунизмот во Чешка и тоа баш за годината 1948 која ја спомнува и Најчевска. „Тие години беа прогласени за најрадосни од сите и секој што не се радуваше веднаш паѓаше во сомнеж дека е разочаран од победата на работничката класа, или дека индивидуалистички е потонат во својата внатрешна тага (што воопшто не беше помала вина)”, пишува Кундера за времето кое тогаш се нарекувало „историски оптимизам на победничката класа”.
ЛИЦЕМЕРНА ХИСТЕРИЈА
Нам, пак, хистеријата против критичарите на песната нè потсетува на една владина реклама од кампањата „Ти си Македонија”, која се вртеше на телевизиите пред неколку години. Во видео-спотот се прикажани навивачи на стадион во моментот кога се свири химната. Сите се станати со рака на срцето и орно пеат, додека еден „неранимајко” си зборува на мобилниот телефон. Момчето се сепнува откако сите околу него прекорно го погледнуваат и тој веднаш станува.
Рекламата завршува со приказ како момчето што не станало да навива е всушност дупка во знамето поради која тоа ќе се скине. Инаку, ваква слична кампања имаше пред неколку години и во Германија, а критиките на тамошната јавност беа дека повикот „Ти си Германија” е идентичен со дел од пропагандните пораки на нацистичка Германија.
Жустрите реакции против овие интелектуалци (без наводници) се резултат на една перманентна кампања против сите нив, позната во јавноста како битка против Соросоидите кои поради „кој знае какви причини и мислат само лошо на државава”.
Невладиниот сектор од каде што произлегуваат овие луѓе е клекнат на колена, а по затворањето на А1, едноставно нема претставник на мас-медиумите кој ќе укаже дека таа песна едноставно не е пристојна и таа реакција да стигне до масата па и до ушите на кошаркарите. Уште пострашно е што нема кој да реагира и во јавноста да застане на страната на овие луѓе. Некој што, еве на пример, јавно нема да се сложи со нив, ама да даде се од себе нивниот глас да се чуе!
Очекуваната радост создаде толку голема хистерија што дури и критиката кон една навивачка песна се доживеаја како атак врз кошаркарите, кои во очите на повеќето се небаре богови и ништо лошо не смее да се каже за нивните постапки.
Иако повеќето од засегнативе возљубени фанови не следеле кошарка претходно, а оние другите имале барем по еден лош збор за истите спортисти по почетниот пораз од Црна Гора. Ако лажеме ние, не лаже интернет изданието на „Вечер”, каде и ден денес може да се прочитаат острите критики против нашите кошаркари и квалификации од типот – тешко нам со ваква репрезентација.
Тања МИЛЕВСКА, новинар
УСПЕШНИТЕ СПОРТИСТИ ИМААТ ГОЛЕМА ОДГОВОРНОСТ
Поранешната дописничка на А1 телевизија од Брисел Тања Милевска е една од ретки која реагираше поради содржината на песната „Излези момче” и таа е дел од малата група на интелектуалци кои поради ставот жестоко се напаѓани по друштвените мрежи.
„Лично закани не сум добила, оти пораки не можат да ми праќаат луѓе кои ги немам на Фејсбук, но затоа имаше мал милион лица кои одеднаш добија желба да ми станат пријатели на оваа друштвена мрежа. Како и да е, контроверзни навивачки песни имало и ќе има, но проблемот настана во моментот кога кошаркарите ја промовираа речиси во официјална песна на репрезентација, пеејќи во два наврати во две различни видео клипчиња – во соблекувална и во автобус – и на крај на плоштад.
Оваа песна не смее да биде химна на репрезентација на држава која е препознатлива по својата мултиетничност, репрезентација која својот успех го доживеа пред сè благодарение на Афроамериканец и држава која има многу сериозен проблем со својот јужен сосед. Спортска репрезентација, особено ако носи големи успеси, не смее да заборави дека игра исклучително важна улога на јавната сцена. Како што политичарите имаат одговорност во изградбата на менталитетите, така и сите останати идоли, било да се спортисти, пејачи, бизнисмени, се клучни актери и нивната моќ и влијание носат одговорност.
На кошаркарите и на селекторот е сега да одбијат да ја играат политичката игра што некои кругови упорно им ја наметнуваат, користејќи ја нивната победа за разгорување на националистичките страсти и да застанат во одбрана на толерантноста, исто како што се поздравуваат со ривалскиот тим на крај на натпревар, во тој дух треба да се однесуваат и на јавната сцена. Па ако ништо друго од почит кон Меккејлеб чија „раса“ се борела за слобода, смета Милевска.
МТВ не срамоти
БУГАРИТЕ НИ СЕ СМЕАТ ПОРАДИ МАКЕДОНОИДИТЕ
За наводната посебност на македонската раса имаше и една емисија која одеше на јавниот сервис, а клипот денес на интернет е познат под името „Македоноиди”.
Ако добро помните, во видеото со глас се јавува Господ и им се обраќа на Македонците, односно како што вели тој на Македоноидите, луѓето од кои потекнува целата бела раса. Демек, останатите раси биле Негридите, Монголоиди и се останато било Мулати.
Интересно е дека денес по бугарските сајтови може да се најдат коментари во кои тие тераат потсмев на овој видео-клип, слично како што кај нас им се смеевме на стотината Грци кои ја блокираа границата, само поради тоа што нивната кошаркарска репрезентација убедливо изгуби од нашата!