Кредитната агенција Фич вчера ги објави анализите за кредитниот рејтинг на Македонија. По овој повод, Министерството за финансии испрати соопштение до јавноста во кое се вели дека „пет години по ред Фич го потврдува стабилниот кредитен рејтинг на Македонија и дека ова е големо признание за економските политики кои ги води Владата“.
Но, ако се прочита оригиналното соопштение на Фич, може да се прочитаат многу работи кои Министерството за финансии изумило да ги пише во своето соопштение. Колку за пример, во соопштението на министерот Ставрески стои дека „Фич прогнозира дека годинава економијата ќе порасне за 3,5 %, а забележано е и намалување на невработеноста“.
Во оригиналото соопштение пак, се вели следново: „Невработеноста незначително се намали, но остана на висока стапка од 28,4 отсто во првиот квартал од 2014 година“.
Во соопштението на Ставрески пишува дека кредитната агенција Фич оценила дека „iиздавањето на еврообврзницата придонесе за раст на девизните резерви“.
Од друга страна, во соопштението на Фич објавено на нивната веб-страница стои: „Динамиката на долговите на Македонија се очекува да бидат менаџирани, но како резултат на издавањето на еврообврзницата се очекува дека генералниот долг ќе продолжи да расте до 39 отсто во 2014 година. Владиниот долг се очекува да расте, но ќе остане во „ББ“ линијата во 2015-2016. Но, 80 отсто од јавниот долг е во странска валута, па така и движењето на долгот е високо зависен од стабилноста на валутата“.
Како главни ризик фактори кои можат да предизвика негативен рејтинг, Фич ги наведува падот на побарувачката за македонските извозни производи кои би придонеле да се загрози стабилноста на јавните финансии и фиксниот курс на валутата. Освен тоа, како еден од главните ризици е посочено влошувањето на политичката клима или меѓуетничките односи кои можат да водат кон продолжена нестабилност.
И за крај, она што е заборавено да се спомне во соопштението на Министерството за финансии, а го има вооригиналниот извештај е следново:
„Најголемата опозициска партија СДСМ не ги призна изборните резултати во април 2014 година и го бојкотираше парламентот. Етничките тензии летово исто така водеа кон тешка политика состојба. Во тој контекст, а и во однос на проблемите околу спорот со Грција за името, не даваат прогрес во однос на членството во НАТО и ЕУ на краток рок“.
Очигледно, секој сака да го прочите она што му одговара. Но, реалноста е малку поинаква.