Како комичните сцени во Собранието се изродија во тешка „касапана“!

by Фокус

Текстот е објавен на 28 декември 2012-та година.

Пишувал
Влатко СТОЈАНОВСКИ

По бурната 2011 година, пред сѐ поради предвремените парламентарни избори, актуелната 2012 година, на политички план почна релативно мирно и тивко, иако заврши бурно и стравотно. Кратко речено, годинава што изминува главно ја одбележаа серијата опозициски митинзи низ Македонија во рамки на промоцијата на кандидатите за градоначалници, откако претходно целокупната македонска опозиција се обедини во еден сојуз. Потоа, навидум внатревладината битка меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, предизвикана од серијата националистички потези на двете страни, кои непланирано или фингирано, сеедно, ги поткопаа меѓуетничките односи. И на крајот, двојниот неуспех на интеграциски план, бидејќи земјава повторно не стана членка на НАТО и не доби датум за преговори со ЕУ.

Но, меѓу таканаречените крупни политички настани, овие дванаесет месеци понудија низа гафови, киксови, потфрлања од страна на политичарите, како и нивни свесни меѓусебни навреди и вербални напади, кои кулминираа со физичка пресметка меѓу спротивставените политички страни. Во храмот на демократијата – Собранието, опозицијата веќе не учествува откако беше насилно отстранета од собраниското обезбедување по налог на власта!

ЛОПОВИ, АПАШИ… ИЛИ ВЛАДА НА ВМРО-ДПМНЕ

Вообичаено, парламентот е една до главните арени каде што се води политичката борба, па логично, во голема мера токму таму се изразуваат политичките конфронтации. Ако ги селектираме најинтересните моменти наназад, очекувано почетната точка е собраниска расправа околу усвојувањето на буџетот за следната година, кој власта насилнички, надвор од деловничките процедури, законот и Уставот, го истурка по секоја цена. Според многумина, овој процес предизвика таква драма, зачинета со дејство кое може да се опише како трагикомично.

Имено, се почна кога владејачките пратеници се обидоа да ја започнат работата на Законодавно-правната комисија. Поради решителноста на опозиционерите да не дозволат ова работно тело да расправа за амандманите додека тие не поминат на комисијата за финансирање и буџет, настана тотален карамбол. Така, опозициските пратеници ја саботираа работата на седницата, па кога сдсмовската пратеничка Билјана Казанџиска го повлече микрофонот на претседателката на комисијата Благородна Дулиќ, кабелот на микрофонот го скрши ноктот на Дулиќ, кој мораше да го бандажира, бидејќи, нели, може да си направи поголема штета. Во момент на нервоза, пак, на истата седница Дулиќ му довикна на прилепчанецот Горан Сугаревски дека не се наоѓа меѓу мајмуни од Прилеп, реагирајќи на неговото викања.

Во целата каша, Драгиша Милетиќ од српските радикали влезе во вербална пресметка со координаторката на пратеничката група на владејачката партија Силвана Бонева. Тоа го предизвика нејзиниот колега Илија Димовски да возврати, покажувајќи со прст кон Милетиќ, што пак, го испровоцира радикалот да се втурне кон Димовски и тој да го впери својот прст кон неговото лице. Притоа, дојде и до минимален контакт, додека во меѓувреме се случија неколку закани.

Инаку, потпретседателот на Собранието од редовите на социјалдемократите Јани Макрадули го предупреди Димитрија Стевананџија – да не си игра, откако вмровскиот пратеник му подметнуваше апарати за снимање. Набргу потоа, Макрадули неколку минути говореше од говорница речиси истовремено со Владанка Авировиќ од социјалистите. Претседавачот со комисијата, Горан Мисовски од НСДП, пак, саркастично прокоментира дека Авировиќ со попречување на говорникот фактички го опструира носењето на буџетот.

Во продолжението на буџетската расправа, конфликтот се движеше кон кулминација, бидејќи опозиционерите свиреа со труби и вувузели, ја пееја химната, и извикуваа – „лопови, лопови”!

Мисовски, како одговор на забелешката на Илија Китановски дека србокомунистите употребуваат српски зборови, посочи дека македонската верзија на овој збор е „Влада на ВМРО-ДПМНЕ”. Или пак, додаде тој, уште еден синоним за лопов е прекарот на вмровскиот градоначалник на Демир Капија – Апаш!

КОЈ Е БАНДИТ И ИДИОТ, А КОЈ КОДОШ И ДЕБИЛ?

Додека сето тоа се случуваше, и заврши како што заврши – со извлечени и истуркани пратеници, со скинати кошули и џемпери, со удари во стомакот и падови на глава, албанските пратеници, пред сѐ, оние од власта, беа целосно дистанцирани, тивки и мирни. Токму затоа, во кулоарите сите се шегуваат дека се заразиле со тактиката на молчење, која во народниот дом ја промовираше координаторот на пратеничката група на ДУИ, Талат Џафери, обидувајќи се, на тој начин, да го троши времето со цел да не помине законот за посебни права на бранителите.

Поточно, на почетокот говореше маратонски, но најверојатно откако ги потроши сите мисли, одлучи да молчи, бидејќи и онака, ефектот е ист без разлика дали комуникацијата е вербална или невербална. Меѓутоа, најинтересен дел беше кога го прекрши молкот со стихови од македонскиот поет Ацо Шопов, од песната Тишина: „Ако носиш нешто неизречено, нешто што те притиска и пече, закопај го во длабока тишина, тишината сама ќе го рече”.

За разлика од креативноста на „интегративците”, албанската опозициска партија бараше директна и безмилосна блокада на овој, за нив антиалбански и дискриминаторски закон. Во таа насока, овластениот предлагач на законот Веле Георгиевски од ВМРО-ДПМНЕ бараше кратење на говорите и бројот на реплики неколку пати во низа, а мнозинство од пратениците ги прифаќаше предлозите, Зијадин Села побара пратениците да гласаат дали собранието да му изгради куќа на Георгиевски, сакајќи да направи карикатура од начинот од одлучување. Села отиде и еден чекор понатаму кога на истата седница најави дека ако има потреба, ќе го запалат парламентот за да го блокираат законот, при што извади запалка за да демонстрира сериозност.

Кога станува збор за албанските пратеници, тие најжестоко се судрија за време на седницата за интерпелација на владата, кога двете страни разменија најсочни навреди. Тогаш, министерот за економија Валон Сарачини од албанската владејачка партија ги нарече своите конкуренти бандити, поради начинот на однесување и стилот на облекување. Но, не му останаа должни ниту пратениците од ДПА, ословувајќи го Сарачини како дебил, кој нема ниту две чисти. Во тој контекст, двете страни за малку ќе се степаа кога Имер Алиу од опозициската партија го нарече колегата Џевад Адеми кодош. Во контранапад, Адеми ги ослови сите од ДПА како идиоти.

Наспроти оваа енергичност, Алиу покажа игнорантски однос кон Изет Зеќири од третата албанска парламентарна партија НДП, кога одговарајќи на новинарско прашање, истакна дека не знае кој е тој. Извесен период пред тоа, координаторот на пратеничката група на ДПА распали по Зеќири на една од седниците за пратенички прашања, бидејќи со своите десетици прашања и потпрашања дејствувал во прилог на власта на која и одговара неполезно арчење на времето. Арно ама, пратеникот на НДП на овие потценувања, дека, со други зборови – не е никој и ништо, прокоментира дека тој е човекот кој вработил член од семејството на оној што го прозива!!!

ОД КОМЕДИЈА ДО ТРАГЕДИЈА

Дури и кога атмосферата во законодавниот дом не беше толку тензична и напната, одвреме-навреме некој ќе ја разбиеше монотонијата. Еден од нив Ромео Тренов, со пораката дека владата ќе троши колку што сака, објаснувајќи – власт сме или што сме!

Исто така, вреди да се спомене и легендарната вмровска пратеничка Бети Кузмановска, која периодов потврди, како што самата изјави, дека е горда послушничка на премиерот. На тој начин, Кузмановска испровоцира реакции од колешките од опозицијата, дека и треба ладен туш, за да се отрезни. Покрај тоа, се уште сите ја паметат црната шега на Павле Саздов од Канада за едноминутно молчење за опозиционерот Тито Петковски, за, според Саздов, политичката смрт на Петковски!

Од друга страна, овие пораки можеби заслужуваат да не се третираат како моментален испад, туку како елемент кој открива цел еден концепт во суштината на владеење. Тоа најјасно дојде на израз со исфрлувањето на новинарите и опозиционерите од Законодавниот дом, за кој спикерот Трајко Велјановски велеше дека изобилува со демократија, бидејќи новинарите се чувствувале како дома, а опозиционерите ги имале сите права. Дури, замислете, на координациите први биле послужувани со кафе. Сепак, на крајот, чувството на опуштеност и лежерност покрај домашното кафе се претвори во симболично кажано – касапана за противниците!

Бисер на годината
ЛАЖЕШ КУРВО – НЕ ЛАЖАМ!

Гафовите што допреа до пошироката јавноста не беа дел само од Собранието, туку се случуваа и надвор од него. За време на еден од „спонтаните” протестите против опозицијата, кога еден од луѓето кои се незадоволни поради тоа што СДСМ веќе седум години не му ги исполнува неговите барања(!?), некој сочно му довика – „лажеш курво!”, тој мртов ладен, го порекна обвинувањето дека лаже. Во однос, пак, на етикетата, не изусти ниту збор!

Киксовите на премиерот
ХИПОКРИТ ИЛИ ХИПОКРАТ, АЛТРУИСТ ИЛИ АУТИСТ?

Премиерот Никола Груевски постојано потенцира дека неговиот лут ривал Бранко Црвенковски вешто манипулира со масите, бидејќи бил одличен и слаткоречив говорник. Не навлегувајќи дали со тоа признава дека е свесен за своите слаби говорнички способности, јасно е дека слабо му одат странските јазици откако бараше помош од Виктор Мизо за да прочита една реченица на англиски јазик, односно на латиница.

Неговите последни киксови, кои подразбираат сосема погрешна употреба на некои зборови од латинско потекло, беа мета за исмејување на некои интернет медиуми и социјалните мрежи. Меѓу нив, секако, е употребата на синтагмата „хипокритовата заклетва”, наместо „хипократова заклетва”, со што го помеша терминот кој означува лицемер со заклетвата на докторите која се претпоставува дека ја дал таткото на медицината Хипократ.

Деновиве, пак, говорејќи за лидерот на СДСМ, тој ги помеша поимите алтруист и аутист, од кои првиот значи несебична грижа за другите, а вториот нарушено функционирање и дејствување.

За разлика од него, скопскиот градоначалник Коце Трајановски беше актуелен со две реплики – „да му е..м мајката” и „ова да не ти се повтори”, алудирајќи на потфрлувањето на некои свои подредени!

Мирниот и повлечен претседател
ЗОШТО ИВАНОВ НЕ НАПРАВИ ГАФ

Сите што ги паметат изјавите на претседателот Ѓорге Иванов кога за разумен компромис понуди дефиниција разумен компромис и кога за македонската демократија објаснуваше дека е како „космодиск” – изгледа шашаво, ама функционира, се чудат кога ќе помислат дека изминатава година Иванов не направи ниту еден гаф. Ваквата констатација најверојатно немаше да биде реална ако претседателот беше поактивен во јавноста и не се криеше на вилата во Водно кога земјава беше обележувана со албански знамиња, а власта и опозиција се во невиден конфликт до сега, со тенденција да прерасне во граѓанска војна. Арно ама, првиот човек од државава не пропушти прилика за време на задолжителното обраќање пред пратениците, нетипично за неговата уставна улога во една држава, да им префрли на опозиционерите дека не сториле ништо за државата кога имале прилика, односно, кога биле на власт!

Поврзани новости