Како Груевски и Ахмети „братски“ го полнеа судството со партиски кадри!

by Фокус

fokus-arhiva-1-150x1501Текстот е објавен на 11-ти јануари 2013-та година во неделникот „Фокус“ во бројот 915, а неколку дена пред тоа за темата си правеле муабет Сашо Мијалков и Муса Џафери кој што можете да го чуете на овој линк.

ДУИ ги дочека своите пет минути. Додека сите се прашуваа, зошто го премолчеа тепањето и влечењето на опозициските пратеници, владејачката ДУИ преку ноќ внесе неколку автобуси со свои партиски кадри во судството.

 Секако, со несебична помош на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието и во Судскиот совет, но и со параф на претседателот Ѓорге Иванов. Дали Ахмети случајно побрза да ги размести докажаните партиски кадри на повисоки позиции во судството или ја сфати тактиката на ВМРО-ДПМНЕ за контрола на моќната алатка – судството, преку наградување и вдомување синови и ќерки поради заслугите на родителите или можеби се плаши од нешто?

Заменик-директор на затвор стана член на Судски совет, член на Советот – судија на Врховен, од обвинители во судии, од судии во обвинители… тоа беа потезите што ги влечеше Ахмети во последниов месец, додека Груевски го спречуваше наводниот државен удар!

Пишувал
Саше ДИМОВСКИ 

Речиси цела година траеше натегањето меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ кој да биде Врховен судија од редот на Албанците, дали правобранителот ќе биде Албанец, дали ја бараат фотелјата на Јавниот обвинител или на претседателот на судскиот совет. И додека низ медиумите кружеа милион комбинации, на крајот на годината, владините партнери, кои изгледаа божем расштимано, не само што се договорија, туку затскриени зад тепачките во Собранието, заедно, сложно, без грам срам, што би рекол нашиот народ, го направија најбезобразниот упад во судството. Преку ноќ, на истекот на важењето на стариот закон за судовите, тие избраа кадри, кои од почетоков на годинава само може да сонуваат дека еден ден ќе станат судии на позициите на кои се избрани, бидејќи ниту имаат потребен стаж и квалификации за тие места, ниту ги имаат потребните усовршувања во Академијата за судии и јавни обвинители, која бара слушатели со просечна оцена од најмалку 8 од студиите на Правен факултет.

ПАРТИЗАЦИЈА НА ЛИЦЕ МЕСТО

На неколку седници, на крајот на декември, новиот Судски совет направи таков избор на судии, кој, да не е тажен, ќе беше смешен, токму во светлото на најголемиот адут на власта дека судството е реформирано, по европски терк, судиите се избираат само по квалитет и ништо друго!

Во последниов период имате можност да видите на телевизиите уште една од владините реклами во која се говори за успешност. Маратонска е, трае неколку минути и објаснува како се постигнати неверојатни успеси во судството токму според системот – избор и кариера за судиите со најголеми резултати. Па, драги мои, во овој текст ќе го апострофираме токму тоа, кажаното во телевизиските реклами и „учинокот” на дело. Веднаш ќе сфатите дека во рекламата нарачана од Владата на Никола Груевски некој дебело лаже!

Зарем толку не знае премиерот дека се унапредуваат судии баш со најслаби резултати, а не најдобрите како што тврдат во рекламата? И уште не според знаење, туку исклучиво според партиска блискост и роднинска линија?! Не верувам дека не знае, но еве се е можно, во посветеноста да се работи 24/7 можеби не бил запознаен што работат неговите партиски поданици на терен. Пред вакви факти, рекламите можат само вода да ни носат!

Партијата на Али Ахмети, како што споменав, со сесрдна помош на ВМРО-ДПМНЕ избра толку кадри во последниов месец во судството, колку што не биле избрани откако се во коалиција во последните речиси 5 години. И тоа, така ги разместија и ги „прешалтаа” од функција на функција, за човек да не може да се начуди колку способни и талентирани луѓе сме имале што можат да одговорат на секоја позиција. Додека пратениците беа тепани, влечени и исфрлени од салата, на продолжението на седницата без нив, експресно беше реизбран Народниот правобранител Иџет Мемети, добивајќи уште еден мандат.

На тој 24 декември, беше распишан и огласот за избор на јавен обвинител, за кое место од време на време покажуваше апетити токму ДУИ, но сега е јасно, тоа место ќе остане кај ВМРО-ДПМНЕ, ама затоа тие добија се што посакаа. Три дена подоцна, на седницата за пратенички прашања „сардисаниот” претседател на Собранието Трајко Вељаноски експресно прочита дека штотуку избраниот заменик претседател на Судскиот совет Башким Бесими поднел оставка и таа му се прифаќа. Потегот на заменикот беше изненадување дури и кај сите вработени во Советот, кои за прифатената оставка во Собранието разбраа од медиумите. Но, Башким Бесими не дека не ја сакал функцијата доверена на предлог на Александра Зафировска во Советот, туку без ниту еден ден стаж како судија, посакал да стане Врховен судија!

И ќе стане за некој ден, откако се пријави на огласот распишан три дена пред Нова година, и кој е според стариот закон, па никој нема да го праша дали има најмалку 12 години како судија за да влезе во Врховен. Ербап работа, убаво смислиле, да си даде оставка за да немало конфликт на интереси, дека го избираат членовите на телото каде што тој е заменик претседател!

И ИВАНОВ ВО ПАРТИСКОТО ОРО

Со задоволство ќе ја следам таа седница за да видам кој ќе биде јунак да го предложи и дали ќе се најде некој јунак, кој макар и по грешка ќе стисне црвено копче, против ваквата партизација на судството. Но, дури разбравме дека Бесими дал оставка, експресниот Вељановски добил предлог за нов член, од уште поекспресниот претседател на државата Ѓорге Иванов – Собранието го избра, рано наутро се заколна и на 31.12.2012 имавме комплетен Совет, подновен со досегашниот заменик директор во затворот Идризово Беким Реџепи. Мора да е ептен од „кариера” би помислил човек, штом уважениот професор од Правниот факултет, ставил потпис под неговата апликација. Ама, штом погледнав во неговата биографија одма сфатив дека некој дебело го „зезнал” нашиот д-р Иванов. Па, членов да ти бил бегалец баш од факултетот на кој предаваше Иванов. 35 годишниот Реџепи, почнал да студира на скопскиот, ама потешко му одело, па дипломирал на „Американ колеџ” во 2009 година, а во 2011 положил правосуден испит!

Според квалификациите, овој „истакнат” правник би можел да работи како помлад соработник во судовите, и – толку, но сега тој ќе избира и разрешува судии во сите судови и ќе ја цени нивната работа!

Како и да ја свртите работава, нема поголема навреда за судиите од оваа. Но, новоизбраниов член, изгледа многу љуби да се слика, па „Фокус” ви пренесува само една од фотографиите каде што тој од мерак се слика со лидерот на партијата Али Ахмети. Колку да се знае кој е кој. Близок бил и со министерот за правда Блерим Беџети, комшии од општина Сарај, заедно биле во ПДП, па во ДУИ, тука негде се и генерациски, и, сето тоа, иако непишано, било пресудно за човеков да стане член на Судски совет. Цела среќа што не го избраа веднаш и за заменик, туку тоа место во Советот го пополни апелацискиот судија Мерсељ Пајазити, кој се истакна со серија предлози за судии до сега, а кои немаа минимум услови за унапредување во повисок суд. Кои секако – поминаа!

СЀ ПРАВАТ КОНТРА ОД ТОА СО КОЕ СЕ ФАЛАТ 

Негов предлог, кој едногласно беше прифатен, е тој, за унапредување на Енвер Беџети, судија избран на 14 јануари 2010 за прв пат во скопска единица и кој ни со две години стаж, замина да цени одлуки во скопска апелација, подрачје кое опфаќа две третини од населението во земјава. А, рекламата со која Груевски не убедува дека судството е топ реформирано вели: најмалку 4 години како судија на основен суд и најдобри резултати се неопходен услов за влез во Апелација. Овој судија со две години стаж што ќе наполни иднава недела, на Василица, немало време ни да го оценат, а камоли да има најдобри резултати!

Толку за перењето мозок преку реклами. Кога ќе покажат какви резултати има судијата Беџети, тогаш да го продолжиме муабетов, а претседателката на Судски совет Александра Зафировска, која на сите ѕвона труби за резултатите на Советот, редно е да ни каже, како што вели: „Ако сака да ни каже, ќе ни каже” до каде оди договорот за урнисување на судството со вакви кадри. Но, Беџети не е единствен кој имал „среќа” да се роди под партиска ѕвезда и да биде експресно унапреден. Со мало пребарување низ именикот на судии, само во скопскиот апелациски суд гледате дека нему друштво му прави Суат Алиу кој првпат бил избран за судија во Основниот суд во Тетово на 26.08.2008 година, а веќе на 30.03.2011 година, по точно две и пол години од изборот за судија е избран за судија во Апелациониот суд Скопје, каде што постапува по предмети во граѓанскиот оддел. Роден е 1977 година, и, што е најважно, син е на судијата на Врховниот суд Сафет Алиу, кој замина пред неколку месеци во пензија. Не, овде не морам пак да ја споменувам владината реклама за 4 години стаж како основен судија и најдобри резултати!

Во истиот суд, судија е и Абдула Лимани кој од септември 2004 до јуни 2006 година работел како адвокат во Кичево, првпат бил избран за судија во Основниот суд Кичево на 1.7.2006, а веќе на 19.11.2009 година, по цели три години и 4 месеци и 18 дена служба како судија со одлука на судскиот совет е избран за судија во Апелациониот суд Скопје, каде што постапувал по предмети во граѓански оддел, а сега постапува по предмети во стопански оддел. Не пишува на судскиот сајт, дали сам сакал преместување од оддел во оддел или некој проценил дека има големи резултати на едно поле, па да ги прошири сега и на друго!

Судијка е и Букурије Ајдини, која во 2000 година се вработила во Јавното претпријатие за стопанисување со пасишта, па работела како професор по правни работи во Државно средно училиште за економија и биротехника „Арсени Јовков” Скопје, во 2005 станала член на државната матурска предметна комисија при Бирото за развој на образованието, па државен  службеник во Генералниот секретаријат на Влада на РМ, по што се вработила и во Министерството за правда од која позиција во 2008 година била заменик член во Комисијата за прием на кандидати во академијата за судии и јавни обвинители, и, на крај, без ниту еден судиски стаж е избрана директно за судија во Апелациониот суд. Суди работни спорови. Толку функции за еден човек, за само осум години многу говори!

Колешка и е и Јетмире Ајдини Бошњаку која дипломирала на Правниот факултет во Скопје во 2000 година, правосуден испит положила во Скопје во 2003 година, за судија во Основниот суд Скопје 1 била избрана во 2008 година, за на 30 март 2011 година со одлука за Судскиот совет да стане судија на Апелациониот суд. Можеби мене слабо ми оди математикава, ама и овде успеав да избројам едвај три години стаж, со мало дополнување дека кандидатката во тој период користела и породилно отсуство!

На листава се најде и Африм Фидани, кој од 1994 година до 1996 година бил правен советник на Партијата за демократски просперитет, во огранокот во Тетово, по што станал државен трудов инспектор, па секретар на општина Врапчиште. Во 2011 година за првпат е избран за судија директно во Апелациониот суд во Скопје и суди кривични предмети. Колега и заменик-претседател на судот му е и Сафет Кадрии, во чија биографија пред да стане директно судија на овој суд му пишува дека бил секретар на Земјоделска задруга „Братство” во Желино, директор на ДОО „Агростримница” Тетово, па помошник-директор во Службата за општи и заеднички работи на Владата на Република Македонија, државен секретар во Министерството за правда на Република Македонија, работел и како државен советник во Уставниот суд на Република Македонија од каде што е избран за судија во јуни 2009 година.

ДУИ ЌЕ ГО ДОБИЕ ДРЖАВНОТО ПРАВОБРАНИТЕЛСТВО

Кон оваа листа да го додадеме и неодамна избраниот Ќеназија Мехмед, кој од март 2008 година до јули 2012, кога е избран за судија на скопска апелација,  работел во ДОО „АМД” Кичево. Сега суди работни спорови. Во целата прераспределба на функции, влегува и заменик претседателот на Советот на обвинители, Мираљем Асани, кој дојде како партиски предлог, а сега е веќе судија во Апелацискиот суд во Гостивар. Претседателот на тој суд, Шефает Хајдари, од основниот беше избран во Вишиот управен суд, па во Апелација Гостивар, за на крај да стане претседател, и сето тоа за помалку од две години. Бетим Илази, новоизбран судија во Гостивар е син на Вишиот обвинител во Скопје Хабиљ Илази. Поранешниот министер за локална самоуправа Џемаили Саити стана Врховен судија, а нов управен судија во Вишиот суд наголемо се говори дека ќе биде Сузана Салиу, сегашната потпретседателка на Собранието, доколку партијата не реши во последен момент да ја предложи за Државен правобранител. Зашто ова место, според последниот договор, ќе им припадне на интегративците, а сегашната правобранителка Оливера Китанова Мицева, според сите информации, била најсигурен кандидат за Врховен судија, посебно сега, откако судот одлучи дека водела постапка шест години против „Фершпед”, ама не видела дека тужбата ја поднела после сите рокови!

Листата на кадри од ДУИ е долга, но еве само неколку од нив, кои со истите „квалификации” како претходните кандидати добија позиции во судството. Во скопска апелација влезе и Амир Абдулаи, адвокат од Гостивар, Африм Јакупи во гостиварска апелација, Пајазит Пајазити во скопскиот кривичен суд, Емине Калач од Куманово ја испратија да суди во Велес и уште дваесетина кои влегоа во речиси сите судови во земјава. Но, покрај нив, во последен момент се пикнаа и луѓе блиски на ВМРО-ДПМНЕ, кои по новиот закон тешко дека ќе обезбедеа место. Па така, синот на несудената претседателка на Врховниот суд, Родна Живковска, стана судија на управниот суд, а сопругата на полицискиот портпарол Иво Котевски во скопска апелација. Маја има над 4 години стаж како судија, од кои една и пол година помината на породилно боледување. На Маја Маркова Котевска и конкурираа судии со стаж колку што има години новата судијка, но пресудија кренатите раце. Во Врховен суд пак влегоа судијките кои го решија „Фершпед” како и балдаската на ексминистерот Љубен Пауновски.

На последниот ден од старата година Судскиот совет распиша уште еден оглас на кој бара судии за Врховниот суд, за трите апелациски судови и за неколку основни. И нив ќе ги избира без стаж, без резултати, оти внимавајте, огласот е распишан на 31 декември и ќе се применува тој закон, а не новиот кој стапи на сила на први јануари. Од сите избори направени изминативе месеци само тројца кандидати со завршена академија добија судски функции, а на Академијата и се заканува клуч на врата, бидејќи сега никој не сака да конкурира, гледајќи дека судството се полни со се и сешто, а нив им бараат такви услови, како да ќе ги праќаат на мисија во вселената а не за судии на основни судови. Во сите случаи, за второстепените судови конкурираат меѓу 60 и 100 судии, најмногу од скопските судови, но и од внатрешноста, ама нив никој ниту ги споменува, ниту ги предлага, иако нивните резултати се неспоредливи во поглед на тие што се унапредуваат. Сепак, има и такви кадри во судството, меѓу Албанците, кои со години се во судството, но изгледа не им се по ќеиф, па не ги вртат во барабанот. На пример, во Велес има судија кривичар, кој беше и претседател на судот, со стаж од 17 години како судија, и со резултати за кои избраниве може да сонуваат, но не оди напред!

Таква ситуација има и во тетовскиот суд, за разлика од гостиварскиот суд, каде што е пофреквентно и од автобуска станица. Во тој суд за последниве пет години, два пати се смени составот на судот, од адвокати или полициски началници стануваа судии, па одеа во извршители, нотари, обвинители или ги разрешуваа и унапредуваа. Само последниве месеци се избрани 10 судии во овој суд. Но, извор за „Фокус” посочува дека и во ДУИ има две крила, едното на министерот за правда, кое протежира свои кадри во судството, а кое не е омилено во партискиот врв, оти биле ПДП крило, а не вистинското ДУИ и дел од поранешните борци кои форсираат свои луѓе. Иако „свои меѓу своите”, кандидатите морале наводно и да платат за новите функции, тврди истиот извор. За „Фокус” вели: „сакам да ви укажам на бизнисот со именувањето во обвинителството и судството кое го прави еден функционер во Владата преку „стројници” кои продаваат позиции кај Албанците. Цената е од 5 до 15 илјади евра, зависно од позицијата”!

Битката во ДУИ пред неколку дена се пренела и во Советот на обвинители, каде што за обвинител во Гостивар беше избран судија, кој дојде од местото секретар на општината, а отпаднал кандидат кој имал титула доктор на науки. Двајцата биле Албанци, но надвладеало крилото на министерот за правда, наспроти тоа на министерот за локална самоуправа.

По сите избори и именувања, Ахмети може да биде горд и задоволен, бидејќи дебело ја наплати поддршката што ја даде за избор на Лидија Неделкова во Врховниот суд, а време е Груевски да ја повлече рекламата со која секојдневно не убедува во реформираното судство, бидејќи тешко дека ќе се откажат од партиската контрола на судството. И, за крај, да не се чудат ако и за оваа година, Судскиот совет биде повторно посочен во извештаите на меѓународните организации како најголем кочничар во судството, кој избира, унапредува и разрешува без критериуми и на чисто партиско-политичка и роднинска подлога. Кој не верува, нека ги провери биографиите на тие кои на сите нас ќе ни делат правда!

Поврзани новости