КАКО ДА СЕ ПОСТИГНЕ РАМНОТЕЖА НА СИЛИТЕ ВО МАКЕДОНСКО-БУГАРСКИОТ ОДНОС (1)

by Fokus

Согласно моите сознанија и практични искуства во двостраната македонско-бугарска комуникација, наведувам 10 клучни состојби релевантни за македонско-бугарскиот дијалог, кои ја детерминираат неговата (не)успешност

Пишува Марјан  ЃОРЧЕВ, поранешен амбасадор во Бугарија

 1.Методолошки противречности помеѓу двете историографии

Современието се карактеризира со осетно забрзување на времето. Забрзувањето е важно и со него математички се определува со која брзина се движиме низ просторот. Притоа, секогаш треба да имаме предвид дека времето има само една константа – измерливост на просторот!

Кога се работи за македонскиот простор и неговата измерливост низ вековите, се јавува потреба за анализа, како на статичкиот, така и на динамичкиот пристап во анализата на појавните историски манифестации.

Статичниот приод во историјата „по дифолт“ ја отсликува целовитоста на минатото, во даден временски пресек и во мирување, додека динамичниот приод ги анализира сите критериуми – временски,  просторни, општествено-политички, културни, воени дејствија… кои влијаат врз конечниот облик на одделна историска појавна манифестација – настан, случување или личност.

ТРИТЕ БУГАРСКИ ЦАРСТВА

Бугарскиот пристап кон формирањето на научната доктрина кон целовитоста на историјата се заснова на статичкиот метод. Сѐ започнува од толкувањето на континуитетот на Трите бугарски царства – Првото, Второто средновековно бугарско царство и Третото – формирањето на Кнежеството Бугарија во 1878 година.

Основен супстракт на таа теорија е дека поимањето на категоријата народ се заснова на старогрчкиот збор „etnos“. Согласно бугарската доктрина, „етносот Бугарин“ како супстанца на бугарскиот народ, уште од средновековието, односно како содржина на „бугарскиот етнички и културен ентитет“, ги преферира историските појавни манифестации на географскиот македонски простор низ вековите – од половината на деветтиот век до 2 август 1944, како да се во константно мирување и во латентна рамнотежна состојба.

Не се зема предвид влијанието на временските, просторните и општествено-политичките критериуми, кои ги детерминираат сите историски збиднувања во областа Македонија. Исто така, толкувањето дека „етносот Бугарин“, кој бил доминантен во Првото и во Второто средновековно царство, ги содржи во себе сите други етноси што живееле на териториите Мизија, Тракија и Македонија – неминовно води до конфронтација со македонската, но и со современата европска историска наука.

Македонскиот пристап кон историјата, како своја основна методолошка детерминанта, ја има дијалектиката, односно анализата на сите критериуми што влијаат врз дадена историска појавна манифестација,

Определбата категоријата народ да се толкува согласно старогрчкиот збор – „демос“, означува поимот „македонско население“ да биде основниот еталон на сите научни историски објаснувања, за сѐ што се случувало на македонскиот географски простор низ вековите.

Така што, објаснувањето на силите што детерминираат одделна историска појава содржи доволен историски веродостоен материјал во еден дијалектички дискурс, објаснувајќи го истовремено и статичниот пресек на  таа историска појава во даден временски период.

НЕПРИНЦИПИЕЛЕН СТАВ

2. Десет клучни детерминанти во двостраниот македонско-бугарски дијалог

Тргнувајќи од тоа дека јас како Македонец се сметам себеси за вистински пријател на Р. Бугарија и на бугарскиот народ, чувствувам порив објективно да ги претставам суштинските разлики во историскиот македонско-бугарски спор. На тоа ме принудува моето триесетгодишно искуство од соработката со Р. Бугарија (период 1991-2020 г.) во различни области од општествено-политичкиот, економскиот, културниот и спортскиот живот.

Поради тие причини, согласно моите сознанија и практични искуства во двостраната македонско-бугарска комуникација, наведувам 10 клучни состојби релевантни за македонско-бугарскиот дијалог што ја детерминираат неговата (не)успешност.

Најпрво треба точно да се знае кои се оснoвните барања на бугарската страна во поглед на исполнување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка помеѓу двете држави. Бугарската влада бара три основни точки да бидат вметнати во Преговарачката рамка во главата 35, како гаранција дека македонската држава во текот на преговарачкиот процес со Унијата ќе биде задолжена тие три точки да ги исполни, а доколку тоа не го стори, ќе биде соочена со вето од бугарска страна.

Тие три точки се:

  1. Р. Северна Македонија во мултилатералната комуникација со институциите на Унијата и во билатералните договори со земјите-членки на Унијата, при потпишувањето на меѓународните договори, да се откаже од употребата на македонскиот јазик, а да се применува клаузулата „договорите се потпишуваат согласно јазикот во Уставот на македонската држава“;
  2. Признавање од македонска страна дека историските корени на македонската нација и јазик се бугарски, што се изведува како дериват на „нашата заедничка историја“ во минатото;
  3. Македонската држава да приложи гаранции дека нема територијални претензии кон Р. Бугарија и нема никогаш да го постави прашањето за постоење македонско малцинство во Р. Бугарија.

Токму поради тој непринципиелен став на бугарската страна, македонската држава ќе треба да приложи несоборливи аргументи на билатерален план во двостраниот дијалог со Р. Бугарија и во институциите на Унијата. Тие аргументи, согласно моето гледиште за предметниот  спор, се содржани во краткиот приказ на десетте состојби релевантни за историскиот контекст. Тоа се таксативно наброени следните состојби:

ТОПОНИМОТ МАКЕДОНИЈА И ЕТНОНИМОТ МАКЕДОНЕЦ

1.Бугарскиот доктринарен став дека „Македонија е бугарска земја“ е појдовната точка на конфронтација помеѓу двете страни. Неспорно е дека во период од половината на деветтиот век, па сѐ до средината на тринаесеттиот век, одделни бугарски феудални владетели привремено политичко-административно управувале со делови од македонскиот географски простор. Временската димензија на бугарското присуство во областа Македонија, кумулативно согледана, може да се пресмета во период од близу 200 години.

Поимот и топонимот „Македонија“, како и етнонимот „Македонец“ суштествува во светската историска наука повеќе од 2.700 години, во период од 7 век пред Христа до денес. Во таа смисла, колку е тој период од двесте години присуство на бугарската феудална политичко-административна елита на делови од македонскиот географски простор, сигнификантен за историската констатација дека „Македонија е бугарска земја“?!

Треба да се земе предвид и феудалниот карактер на средновековната бугарска држава.Тоа е општествено-историска формација, каде што родовско-племенските врски на феудалните господари ја определувале припадноста на населението (кое имало третман на закрепостени селани на феудалниот имот), според името на одделниот феудален владетел или според територијата што тој ја поседувал. Така што, во тој контекст, истоветно право кон македонскиот географски простор си присвојуваат Грците и Србите[1]?!

Треба ли да напоменеме дека со географскиот простор Македонија привремено управувале и Норманите од Вториот крстоносен поход и Епирското кралство за период повеќе од еден век. Неизбежен е коментарот за најдолготрајното присуство на Отоманската империја[2]  во областа Македонија.

Од временската димензија на суштествување на македонскиот простор, сосема е јасно дека поимот и топонимот Македонија, како и етнонимот Македонец си имаат своја историска верификација како самостојни категории, кои, независно од различните епохи на општествено-историскиот развој, опстојале како синоними за областа Македонија, а македонското население се поистоветувало со тие категории низ вековите, како топонимски, така и етнонимски.

АПОСТОЛСКАТА МИСИЈА НА КОНСТАНТИН И МЕТОДИЈ

2. Која и каква е историската документација што ќе потврди дека македонското население во средновековието го примило старобугарскиот јазик како свој „мајчин јазик“ и го пренесувало од „колено на колено“ сѐ до 2 август 1944 година?! Во средновековниот период, сите владетели на македонскиот географски простор – Византијци, Бугари, Срби, Нормани, Епирци, Отомани немале можност поради слабата писменост на македонското население да ја наметнат својата јазична норма, и на тој начин да ја формираат јазичната култура на тоа население.

Говорниот јазик, како основно средство за пренесување информации и комуникација меѓу населението, се унапредува и надградува согласно потребите на секоја генерација.

Секако дека основа на современиот македонски јазик е старословенскиот јазик, кој впрочем се формира со апостолската мисија на сесловенските просветители Константин и Методиј, согласно старословенското глаголично писмо базирано на старогрчки и хебрејски букви, со фонетска транскрипција на лексичкиот материјал од словенските племиња што живееле во близина на централната точка на македонскиот географски простор градот Солун. Од тој град, впрочем, и потекнуваат светите христијански и сесловенски просветители.

3. Сосема е неспорно дека бугарскиот ентитет за цело време од погореспоменатиот средновековен период е присутен на географскиот македонски простор. Меѓутоа, мора да се констатира дека никогаш не бил преовладувачки, ниту, пак, успеал да наметне чувство кај македонското население дека „етносот Бугарин“ е негов доминантен супстракт.

Прво, затоа што бугарските, како и сите други феудални владетели, своите освојувања на македонскиот простор ги спроведувале со насилни методи и со многубројни жртви кај македонското население.

Второ, затоа што во тој средновековен период, поради слабите транспортни врски, контактите на македонското население со бугарската политичко-административна елита биле само по основ на прибирање даноци и други давачки за потребите на бугарските средновековни владетели, што создавало чувство на потиснатост, експлоатација и одбивност на населението кон таквата феудална власт.

Културните врски, јазикот, традициите, обичаите, музиката, ритамот, фолклорот и имињата биле и останале исклучиво локално богатство на населението што живеело на македонскиот простор.

ПРЕСУДНА УЛОГАТА НА ПРАВОСЛАВНИТЕ ЦРКВИ

4. За формирањето на националната свест на сите балкански народи пресудна улога имаат православните цркви, кои чинодејствувале на балканскиот географски простори. Една од најспорните точки на бугарско-македонскиот спор (иако црквата е одделена од државата согласно македонскиот Устав) е прашањето за автокефалноста на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија.

Извесно е дека црковните православни канони јасно дефинираат дека МПЦ-ОА е автокефална црква! На тоа упатува 36-то правило на Трулскиот црковен собир, каде што јасно се назначува дека: „…црковните работи се одвиваат во рамките на државната територија и согласно одлуката на населението во таа држава…“. Р. Северна Македонија е држава со своите клучни  државнички атрибути – нација и јазик, а одлуките на македонските мирјани да свикаат иницијативни одбори во 1945 и во 1958 г. за возобновување на Охридската архиепископија се во склад со православните црковни канони и имаат иста правна важност[3] со одлуката на турскиот султан Мустафа Трети за укинување на Охридската архиепископија.

Проблемот е во тоа што согласно востановената балканска практика, признавањето на автокефалноста на МПЦ по автоматизам значи и признавање на македонската нација! А тоа за грчката и за бугарската држава е проблематично, имајќи ги предвид нивните ставови за македонската држава, нација и јазик во историски контекст. Фактите за самостојноста на црквата Охридска архиепископија се недвосмислени.

Охридската архиепископија е наследник на црквата Јустинијана Прима, формирана во 535 г. по Христа од Римскиот цар Јустинијан – роден во римската тема Горна Македонија. Токму затоа, на катедралната црква „Св. Софија“ на Охридската архиепископија, на влезот во црквата се наведува дека охридскиот архиепископ е архиепископ на Јустинијана Прима и на цела Бугарија.

Црковниот дискурс е јасен и се објаснува со новелите 11 и 31 на црквата Јустинијана Прима, кои јасно отсликуваат дека двете цркви управувале со исти епархии на македонската територија. Дискурсот „цела Бугарија“ е изведен од формирањето на соодветната диецеза од страна на византискиот император Василиј Втори во 1018 г., кога тој ја возобновува Охридската архиепископија.

Под диецезата „цела Бугарија“ во тој историски период се подразбира византиско управување со териториите на тогашна Србија, Рашка, Зета, Албанија и Македонија, додека од територијата на денешна Р. Бугарија во таа средновековна диецеза потпаѓаат само областите Софија, Монтана, Враца и Видин. Другиот дел на денешна Р. Бугарија се подведува под византиската диецеза „Парастрион“.

Така што, сосема е јасно дека оспорувањето на самостојноста на Охридска архиепископија по црковни канони е по дефиниција ad acta. Настрана што при формирањето на Бугарската егзархија во основачкиот акт во 1870 г. не се споменува Охридската архиепископија како нејзин духовен христијански извор, додека, пак, во картографијата на епaрхиите што влегуваат во состав на Бугарската егзархија, нема ниту една апархија од македонскиот географски простор.

Продолжува

[1] Грците се сметаа за наследници на Бизантиската империја, додека Србите се сметаат за наследници на Српската средновековна држава.

[2]Временскиот период на отоманско владеење на македонскиот географски простор датира од 1371г.(Битката на р.Марица) до завршување на Првата балканска војна во 1912 г.

[3] Во 1767 г .турскиот султан Мустафа трети ја укинува Охридската архиепископија со царски ферман. Колку е тоа исправно од аспект на тоа дали световната отоманска исламска власт има право да укинува институција од друга вера е едно прашање. Друго прашање е дека тој чин е историски факт, како што е историски факт дека македонското православно население има апсолутно право по црковните православни канони да бара возобновување на Охридската архиепископија, која е наследничка на црквата Јустинијана Прима и единствена словенска црква што го ширела христијанството кај македонското население повеќе од 9 века.

Поврзани новости