Текстот е објавен на 12 октомври 2012 во неделникот „Фокус“ во бројот 902
Пишува
Јадранка КОСТОВА
Само политички неопитните можат да се исчудуваат на „хепиендот” за коалицискиот брак меѓу Никола Груевски и Али Ахмети, како што заврши собраниската сеанса за (не)доверба на владата. Едноставно и дефинитивно, ваков комплот тешко се урива и на избори, а не, пак, во Собрание. Тоа и иницијаторот на оваа игранка го соопшти од стартот.
Но, би требало веќе и на наивците кои веруваа во демократските ресурси на ДУИ, да им биде кристално јасно дека групировките на Никола и Али се како лонче и капаче. Зарем може една демократска партија да ги преџвака, и тоа со мангупско џилитање, сите настраности што го красат овој режим, притоа уште да ни ги сервираат ваквите „болести” како здрава демократија или екстра патриотизам?
Како можат Талал, Теута, Ермира, Муса и останатите, петта година да бидат дел од „демократурскиот куплерај”, а да останат невини? Сакам да кажам дека нема и не може ДУИ да има помала одговорност, само затоа што има помалку пратеници. Да простат, ама за одговорноста не може и не смее да важат Бадинтеровите проценти.
Оттаму, колку и да успеваат политички да преживеат во парламентот, историјата ќе ги помни како дел од најтемните настани во независна Македонија. Тоа е период кога за првпат нѐ сместија меѓу земјите со политички мотивирани судења и апсења!
Да, јасно и гласно, Република Македонија е автократска држава. Жално е што големите дворски експерти се соблазнуваат од зборот – режим. Груевски, Ахмети и режим, кај нив предизвикува блуење од ваквите „непријателски” злосторнички опсервации. И благодарение на нивната гласност и доминација во просторот и етерот, мора по две децении ѓоа демократија да се објаснува и појаснува, зошто двоглавата власт Грујо-Ахмети потпаѓа под дефиницијата на фасадни демократии, таканаречени демократури!!!
СЕ СЛУЧИ НАРОД!
Современите автократии или диктатури имаат повеќепартиски избори, имаат и законодавна власт, ем судска – независна според Уставот, но тие „власти” се сведени на декор зад кој партиските генерали носат одлуки, кои потоа без задршка ги спроведува партиската војска. Судот суди само она што не е опасно по режимот.
По секоја изборна победа, а потоа и „победа”, состојбата прогресира. И доаѓаме до поентата – нема тоталитарен режим кој е променет на избори кои власта ги организира според свои правила. Во овие системи власта е моќ, а послушноста обврска.Гласачите се бројки во партиските списоци. Патем нивните фалбаџиски гуслања за тоа колку пати победуваат, само ја надополнуваат нивната демократска крвна слика. Но, за тоа – потоа.
Кои се карактерните белези на автократите? Пред сѐ, тие тежнеат, а и успеваат да контролираат сѐ. Популизмот им е главната идеологија. Ако треба поголемите целни групи за поддршка, како пензионерите на пример, безмалку и министрите ако е неопходно ќе ги бањаат, за овие да ги гласаат. На граѓаните им се вбризгуваат дневни доза пропаганда дека само благодарение на Водачот добиваат пензии, социјална помош, компјутери, образование. Дека сѐ е бесплатно, дарувано од Големиот лидер, иако се плаќа со народни пари.
Понатаму, тие по правило говорат со обичен народен јазик, што ги прави блиски и интимни со „рајата”. Пропагандата им е второто јас. Медиумите им се неопходни во нивната мисија. Задолжително мора да имаат надворешен непријател на кого ќе вежбаат вербално мускули, што фрустрираното „пучанство” го доведува до делириум, во стилот „како им го плесна”.
Опозицијата, пак, ја доживуваат како нужно зло, кое постепено добива ореол на платеничка и непријателска структура. Евентуалните протести против ваквите политики ги решаваат или со контрапротести (демек, имаме и ние коњ за трка), или со апсење на лидерите на ваквите улични демонстрации.
Овие режими добиваат кислород и со измислените внатрешни непријатели, а тоа се сите критичари на режимот. Квалификацијата „предавник” е нешто што го краси речникот секој полнокрвен автократ. Во ваквите тоталитарни амбиенти, политички мотивираните апсења се нормални, оти власта ги изведува секогаш со адутот – согласно законот. Законот, пак, може да си го скрои како што ќе посака. Ем ќе го спроведува и толкува, секогаш во своја корист!
Патем, бидејќи никој ништо не им може, корупцијата им е иманентен придружник. И доаѓаме до сржта- токму стравот дека само нивното детронизирање ќе ги урниса нивните лажни проекции, митовите за чесност и патриотизам, ги прави уште порешителни по секоја цена да имаат моќ, што значи да останат на власт.
Да, популистите автократи поради сите овие перформанси успеваат да бидат долговечни. Речиси е невозможно да бидат победени на избори, освен доколку не им се случи народ. А се случува обично кога незадоволството наталожувано со години, кулминира поради изборните фалсификати. Слободан Милошевиќ дојде на власт со „народ”, но, и неговиот политички крај се одигра по истото сценарио!
„ОРЕЛОТ НЕ ЛОВИ МУВИ”!
Авторитарците ги вознесува секоја изборна победа. Што поголема, тоа повеќе губат чувство за сите инакумислечки. Затоа и обично ваквиот систем се претвора во тортура на мнозинството врз малцинството. Но говориме за режими каде со или без дубари, победникот добива и до 80 отсто од гласовите.
Она што е специјалитет на македонската преродбеничка кујна, е дека лани, од 1.821.122 регистрирани избирачи, настрана колкумина од нив се мртви души, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ како владина коалиција добиле поддршка од 553.230 граѓани. И при ваква математика да аздисуваш дека си победник, кој, нели, ќе прави се што сака, максимално игнорирајќи ги цели 1,3 милиони полнолетни граѓани на државата говори само за тендерска логика, не за демократски хабитус на овие политички величини.
Со таква филозофија, во вакви системи, промената на власт носи тектонски промени на секој план. Тука е и оној еруптивен набој за реванш, што понекогаш преминува во одмазднички бран, за сите зулуми што опозицијата ги трпела со години.
Но, не е проблем тоа што коалицијата предводена од Никола Груевски победува пет пати во шест години, туку како ја извојува победата на ланските предвремени избори. Па, ајде да си приповториме до каде се проширија и надградија инаку, за жал, редовните настраности во речиси сите досегашни изборните процеси.
Уценувањата на административците да гласаат за партиите на власт, прогресираа со условувања и на клиентите и на пациентите. Во меѓувреме, веќе тешко е и да се преброи армијата вдомена на државни јасли, главно и по правило по партиски клуч. Скандалите од лани, не добија судска или било каква завршница. Ниту за уценетите, ниту за фатените „бугарски возови”. Тоа е веќе препорака дека шоуто може да се повтори без последици.
Како ја ораа десницата, е посебен хорор, кој продолжи и во постизборието. Без влакно да им фали, во текот на изборната кампања беше следен и сниман лидер на опозициска партија, кој со голем спектакл со ТВ пренос беше уапсен ден по изборите. Му најдоа маана дека земал пари од пријател, кој, пак, имал подобри или појаки пријатели токму меѓу преродбениците. Најгледаната телевизија, која критички ги анализираше владините политики веќе е упокоена, а газдата е во затвор.
И види чудо, на ОБСЕ им е чудно што не се знаело каде завршувала партијата а каде почнува државата, но, ете, не броевме мртви и ранети, па тие избори ем со крупни забелешки, ем добија пофалби како фер и демократски. Ова го сметам за дополнителен керозин кој Груевци ќе ги охрабри дека можат и троа повеќе да аздисуваат, а се да биде согласно законот, ем согласно стандардите на ОБСЕ-ОДИХР.
И, како куриозитет, само да потсетам дека телевизиските дуели меѓу лидерите веќе ни се реликт од минатото. Тие се соочувале со граѓаните, тоа било доволно. За разлика од долгогодишниот претседател на Венецуела Хуго Чавез кој одби да води дебата со опозицискиот противкандидат со аргументот дека „орелот не лови муви”!
И, како да се победи автократски лидер? Не постои прецизна математичка формула, но добро е да ги земеме превид искуствата од другите од европско тло. Грузијците успеаја после 12 години, но Белорусите ниту после 18 не го најдоа лекот. Опозицијата барем се обедини кај нас, иако не доби нова свежа фаца за лидер.
Во секој случај, ако клучот на долговечноста на демократурите лежи во политичкиот портрет на автократот, и спасот треба да биде во неговата конкуренција од опозицијата. Неговата моќ да ги мобилизира сите незадоволни, не само своите сопартијци. Дали долгогодишниот лидер на СДСМ, Црвенковски, ќе успее во тоа, останува енигма!
Грузија
„ПРЕДАВНИЦИТЕ” ГО ПОБЕДИЈА АВТОКРАТОТ
Михаил Саакашвили може да се смета за школски пример како еден демократ моќта го претвора во автократ. Човекот кој во 2000 година дојде на власт преку „револуција на розите” со имиџ на храбар реформатор, потоа разочара и многу од своите соборци. Конечно, на изборите што се одржаа на 1 октомври оваа година, изгуби од здружената опозиција, иако анкетите, замислете, му даваа огромна предност. Но, ова беа парламентарни избори, така што тој останува како претседател на Грузија до истекот на мандатот наредната година. Дотогаш ќе треба да кохабитира со „Грузиски сон”, обединетата опозиција зад која застана Биѕина Иванишвили, милијардер кој богатството го стекнал од бизнисот со Русија.
Инаку, Саакашвили во 2003 беше избран за претседател на Грузија, а потоа и во 2008, и тоа по петдневната војна со Русија, кога ги загуби Абхазија и Јужна Осетија. ОБСЕ го верификуваше изборот, но, опозицијата обвини за фалсификат и остана надвор од парламентот. Ова само како СЛИКА за „карактерот” на ОБСЕ.
Саакашвили, всушност, јаваше на антируски бран цело време, со полна уста ЕУ и НАТО. Беше прогласен и за топ реформатор од Светската банка. Опозицијата го обвинуваше за политички мотивирани апсења, корупција, злоупотреби, непотизам, но, поделена и расцепкана, без харизматичен лидер, немаше многу шанси. Се до овој октомври.
Интересно е дека во кампањата, Саакашвили се фалеше со редовно зголемување на пензиите, инвестиции во земјоделието, обновени болници- како да работел според словото на преродбата. До каде забегале работите покажува и следниот детал. Директор на едно училиште јавно објаснил дека и дал отказ на една професорка по мајчин јазик, бидејќи „не го сака Саакашвили, а била наклонета кон опозицијата”.
Но, еден настан бајаги ја прелеал чашата на незадоволството. Неколку недели пред изборите објавена е снимка за тортура во грузиските затвори. Иако гневот на јавноста предизвика оставки ем апсења, сепак Саакашвили не пропушти за ова да ги обвини руските служби. Уште повеќе, ги прогласи опозиционерите за „предавници и руски шпиони”. Но, „предавниците” го победија.Ова ќе биде и прв мирен трансфер на власта во оваа бивша советска република!
Белорусија
„КУКАВИЦИТЕ” ГИ БОЈКОТИРАА ИЗБОРИТЕ
Александар Лукашенко веќе 18 години владее неприкосновено во диктаторски стил со Белорусија. Неговата партија е на власт од 1994 година, а кога во 2006 победи на претседателските избори со освоени 80 отсто од гласовите, после протестите на опозицијата, неговиот противкандидат социјалдемократ беше затворен и тепан од полиција.
На парламентарните избори во септември 2008 година, Лукашенко не дозволи опозицијата да освои ниту едно место, а набљудувачката мисија на ОБСЕ-ОДИХР ги прогласи изборите за недемократски. Во 2010 година во Белорусија се одржаа претседателските избори, кога Лукашенко повторно победи со освоени околу 80 отсто од гласовите. Тогашните масовни улични протести беа задушени.
Последната изборна трка се одржа на 23 септември оваа 2012 година. Главните две опозициски партии ги бојкотираа изборите поради проблемот со политичките затвореници но и сомнежите за изборна измама. Лукашенко ги нарече „кукаквици, кои секогаш биле предавници на земјата”. Дури и претседателот на изборната комисија истапи со идентична реторика набедувајќи ја опозицијата дека е контролирана од западните земји и дека нема никаква поддршка од граѓаните.
Во таков амбиент на бојкот, Лукашенко во негов стил, на денот на гласањето ќе искоментира: „Изборите во земјите каде што тие се досадни и мирни, се добри за народот”!
Неговата долговечност, според некои независни коментатори, е што народот не му верува ниту на Лукашенко, ниту на опозицијата, а дијагнозата што ја даваат е дека стравот го парализира населението.
Инаку, на критиките од Брисел дека е диктатор, тој во една пригода реплицираше – подобро диктатор, отколку геј!
Црна Гора
ФЕНОМЕНОТ ЃУКАНОВИЌ!
Во недела, на 14 октомври, Црна Гора ќе биде во знак на избори. Оваа бивша југословенска република е специфична по тоа што таму од продорот на плурализмот во 1991 до денес на власт е Демократската партија на социјалистите со долгогодишниот лидер Мило Ѓукановиќ. Во неколку мандати бил премиер, но и претседател на Црна Гора, а од 2010 е само претседател на партијата, иако неговата моќ не е воопшто помала како кога бил на највисоките државни функции. Се повлече откако доби уверување дека европскиот пат на Црна Гора е извесен.
За разлика од популистите автократи, кои се раководат од расположението на граѓаните, Ѓукановиќ може да се третира како лидер кој успешно ги води процесите, односно масите од еден на друг колосек. Кон крајот на 90-тите се прослави како човек на Милошевиќ, реализатор на анти-бирократската револуција, феномен преку кој српскиот вожд ја обликуваше политичката сцена во бивша Југославија. Беше со него и додека траеја крвавите војни, а грб му сврте во 1996 година. Да биде иронијата поголема, ќе му се скара обвинувајќи го дека Дејтонскиот договор е антисрпски.
Сепак, Црна Гора ќе ја поведе во независност дури во 2006 година. И сите овие тумби успешно ќе ги извесла, со масовна поддршка на населението. Патем, беше предмет на истрага на италијанското Биро за анти мафија за шверцот со цигари во 90-тите години, но, дури во 2009 обвинението беше повлечено.
Опозицискиот печат сега обвинува за сите сериозни индиции за „купување на гласови”, што на сите изборни циклуси минува без адекватна реакција од институциите. Опозицијата е повторно расцепкана, па може да се типува дека феноменот Ѓукановиќ останува на власт. Како што дури песимистички ќе коментира независниот Монитор: „Можеби Ѓукановиќ ќе победи и на овие избори, но е исплашен бидејќи во овој момент неговата судбина, веројатно и неговата слобода, зависат од процент и пол избирачко тело”!
Унгарија
„ВИКТАТУРАТА” ВО „ОРБАНИСТАН”!
Виктор Орбан има најмал стаж од лидерите кои се сметаат за автократи со националистичка реторика. Лидерот на Фидес во април 2010 извојува убедлива победа симнувајќи ја Социјалистичката партија од власт. Но, неговите потези го вознемирија Брисел, особено со законските интервенции во сферата на медиумите и централната банка.
Германскиот „Зидојче цајтунг” го опиша Орбан како заразен со вирусот „Бонапарта”, кој го злоупотребува двотретинското мнозинство во парламентот за да ја подреди државата на него и на неговата партија.
„Во срцето на Европа се појавува управувана демократија со авторитарни својства. Брисел премногу колебливо реагираше на знаците на еден недемократски развој”, коментираше весникот.
Пратеници од Европскиот парламент го споредија и со Хуго Чавез. Неговите домашни критичари, пак, дури почнаа да го нарекуваат Виктатор кој Унгарија ја претвора во Орбанистан. Но, тој не престанува да шокира. Ќе спомене можност за воведување нов систем, наместо демократијата. „Националното обединување не е само прашање на волја, туку и на сила”, ќе обзнани Орбан.
На протестите на опозицијата и на граѓанските организации парира со контрапротест. За економските проблеми во Унгарија ќе најде виновник – Брисел. Но, лани, откако значајно се намали вредноста на унгарската форинта, конзервативниот премиер побара помош од ЕУ и ММФ. Интересно е дека соработката со нив ја прекина преку Фејсбук. На својот профил објави дека не ги прифаќа условите од ЕУ и ММФ за бараната кредитна линија тешка 15 милијарди евра. Еден од условите бил да се намалат пензиите и да се укинат спорните банкарски такси. НЕ – по оваа цена и на овој начин, ќе им порача.
Сепак, фактот дека Унгарија е членка на ЕУ, ја прави можната иднина на оваа држава помалку страшна од останатите автократии!