Арбен ГОЉА
Денот 17.02.2016 година ќе биде впишан со златни букви во историјата на Република Македонија. Преродбеничкава власт реши да ја освои Јужна Америка, следејќи го својот идол Александар Македонски (Aleksander The Great ), и по тој повод го промовираше македонскиот Кристофер Колумбо, во ликот и делото на г-динот Ивица Боцевски.
За првпат, на наше големо изненадување и задоволство оваа преродбеничка власт одбра личност со побогато си-ви, Г-динот Боцевски, алијас Кристофер Колумбо, (во понатамошниот текст Колумбо), од видот на познатите влекачи, вистински примерок на мало човече со евтина цена.
Во времето кога беше на власт, СДСМ им се лигавеше и успеа да стане шеф на кабинетот на вицепремиерот надлежен за економски прашања, г-дин Минчо Јорданов.
Откако на следните избори победи ВМРО ДПМНЕ, направи голем трансфер, на кој може да му позавидат дури играчите на Премиер-лигата на Англија.
И така овој наш Колумбо од СДСМ се префрли во ВМРО- ДПМНЕ, во улога на портпарол на владата на Никола Груевски. Но, неговиот немирен истражувачки дух и амбиција, а и незадоволството од прениската позиција и титула го натера да го отфрли овој понижувачки статус и да се обиде во опозицијата ( ЛДП), ја пронајде почитта за неговиот лик и дело.
За жал, како и сите генијалци во историјата, и тука не беше разбран и испочитуван. Барајќи начин повторно да се издигне на нивото што несомнено го заслужува, како секој „голем“ човек ја примени онаа позната макијавелистичка максима, целта го оправдува средството и безрезервно ја вложува целата своја енергија во лигавењето на Хорхе, алијас Ѓорге Иванов.
И ете го сега „дипломат-авантурист“ ќе ја освојува Јужна Америка. Можеби и ќе го биде, лизгав и лигав, што не може да се додржи в раце. Нека ти е Господ напомош, Македонијо!