Како босанските судови го намалија бројот на тужби за клевета против новинарите

by Фокус

Текстот е објавен на 16 јануари 2009 во неделникот „Фокус“ во бројот 707

Пишувал
Дарко ЈАНЕВСКИ

Предновогодишно, македонската новинарска сцена, меѓудругото, се занимавше и со повлекувањето на тужбите за клевета и навреда против новинарите од функционери на ВМРО-ДПМНЕ и со мислењето на Врховниот суд на Србија, заземено по повод двете пресуди во Стразбур во полза на српски државјани правосилно осудени во нивната матична земја за сторена клевета. Истовремено, во Македонија веќе извесно време актуелен е и примерот од Босна и Херцеговина како единствена земја во Европа која целосно го декриминализираше гонењето за клевета и навреда.

Српскиот пример кај нас, по сѐ изгледа, беше делумно погрешно сфатен. Основа за тоа беше еден текст во белградска „Политика“ во кој стоеше дека по мислењето на нивниот Врховен суд, кривичното гонење за клевета и навреда кај нив станува мртва буква на хартија. Наспроти тоа, по написот во „Политика“, Судот објави друго соопштение во кое појасни дека тоа не е така, дека во Србија и натаму останува гонењето за овие дела, а дека само се поместуваат дотогашните крути граници за тоа што сѐ може да се подведе и сфати како клеветење и навредување, пред сѐ кога се во прашање јавните личности, а посебно тие кои се занимаваат со политика. Оттука, Врховниот суд на Србија заклучи дека дури и навредливото и шокантно пишување може да се смета како прифатливо, што од друга страна, не значи дека може да се лаже за фактите.

БОСАНСКИ ПРИМЕР

Но, малку познато е дека таквиот став на Врховниот суд на Србија е веќе законски инкорпориран во Босна и Херцеговина (таму, пак, е преземен од европските сфаќања и препораки, што значи дека станува збор за пошироко усвоен стандард). Тамошниот случај е посебно интересен поради тоа што од 2002 година клеветата веќе не е кривично дело. Донесен е посебен Закон за заштита од клевета, во кој стои дека „правото на слобода на изразување… се применува и за оние изразувања кои можат да навредат, шокираат или вознемират“. Значи, тоа што сега Србите го имаат како став на Врховниот суд, во БиХ е законска одредба. Самиот Закон ја исклучува навредата како можност за спор на странките, но тоа не значи дека сега во БиХ може слободно да се напише за некого дека е будала. Во нивниот Закон за облигациони односи постои еден дел кој го опфаќа и ова, па секој што се смета за навреден може по тој основ да побарува отштета од медиумот (сепак, праксата покажала дека таа можност во БиХ не се користи).

Тоа што е интересно во босанскиот Закон е дека тој што се смета за оштетен со клевета, пред да се појави на суд, должен е да „ги преземе сите потребни мерки за да се ублажи штетата предизвикана со наводното клеветничко изразување, а посебно вклучувајќи барање за исправка што го упатува до тужениот“. Поради оваа одредба, една тужба која ја споменува главниот уредник на „Дневни аваз“, Сеад Нумановиќ, во изјавата за „Фокус“ и со која од него бараат 50.000 КМ отштета (околу 25.000 евра), веројатно нема да биде прифатена, зашто тужителот најпрвин не испратил демант до весникот. Поентата на оваа одредба е всушност да се види дали евентуалната штета што ја претрпел оштетениот може да се санира на тој начин. Дури ако тоа не е можно, или ако медиумот и во тој случај постапува некоректно (на пример, ја објавува исправката со нејзино минимизирање), тогаш може да следи судска постапка.

Доколку ваквата одредба би била инкорпорирана во Македонија многу од тужбите би биле беспредметни зашто спорот би бил решен со самиот демант и со евентуално извинување до оштетениот, а со тек на време, низ судските постапки, би се создале и одредени стандарди на однесување кај самите медиуми (кои додуша и сега постојат, но често се заобиколуваат). Така, ако некој медиум ја објави исправката во 30-та минута од вестите, а таа се однесува на ударен прилог, осудителната пресуда јасно ќе го укаже патот на кој судската постапка (а, со тоа и плаќањето отштета) можело да се избегне.

ЕДНОСТАВНА ФИНТА

Но, и покрај ваквите одредби во БиХ, заменикот омбудсман за медиуми Мехмед Филиповиќ по две години од примената на новиот Закон за заштита од клевета, констатирал дека новинарите во Босна од декриминализацијата и не профитирале кој знае колку. Работата е во тоа што бројот на тужби против новинари во БиХ тројно се зголемил, а згора на тоа и барањата за отштета станале астрономски (кај нас тоа се случи и без декриминализација, што покажува дека проблемот е во нешто друго). Во еден случај, како отштета биле барани милион евра, но најголемата досудена отштета е 10.000 евра. Ваквиот проблем во БиХ, по првичното неснаоѓање, полека почнале да го решаваат судовите кои повеќе внимание почнале да посветуваат на законската одредба според која досудената отштета не смее да создаде поголеми материјални неволји за осудениот.

Истовремено, биле одредени и такси кои тужителот треба да ги плати во сразмерен процент од бараната отштета, па тоа наскоро почнало да ги смирува страстите. Клучното влијание го извршил еден случај кога претпријатието „Кален“ од Зеница тужело барајќи отштета од еден милион босански марки. Проблемот настанал кога претпријатието го загубило спорот, но потоа „Кален“ морал да плати такса од 37.000 евра! Кога некој ќе се најде во таква ситуација, нормално е дека во иднина секој што ќе сака да поднесе тужба, ќе подразмисли два пати за нејзината издржаност.

Се разбира, новинарите во БиХ и сега не се задоволни, зашто сметаат дека и отштетите од 5.000 или 10.000 евра се астрономски, посебно кога станува збор за земја во која е забележан случај кога за загубено дете досудена е отштета поради претрпена душевна болка од 7.000 евра!

НАЛУДНИЧАВ Е, АМА КОГА ПАРИТЕ СЕ ТУЃИ

Но, да се вратиме на најновото српско искуство. За нас во Македонија посебно е битна една од двете стразбуршки пресуди чија основа е реченица дека некој градоначалник „налудничаво ги трошел парите на граѓаните по кафеана“. Српските судови прифатиле дека зборот „налудничаво“ е употребен во својство на навреда на споменатиот градоначалник (демек било кажано оти тој е налудничав), а не како опис на начин на кој ги трошел парите на граѓаните. Судот во Стазбур се изнасмеал на тоа со порака која може да се преведе во стилот „ај не се мајтапете“. Но, битниот дел од пресудата е во следниот цитат:

„Иако подносителот на претставката (тој што бил тужен, бил осуден во Србија и се жалел до Стразбур, н.з.) не можел да докаже пред домашните судови дека неговите тврдења се точни, тој јасно имал причина да верува дека претседателот на општината можеби бил вмешан во некои криминални дејствија и дека неговиот мандат е незаконит. Во секој случај, иако текстот содржи одреден силен речник, тоа не било произволен напад и бил концентриран на прашања од јавен интерес, а не на приватниот живот на претседателот на општината“.

Кај нас, речиси и нема случај во кој по тужба за клевета се испитувало дали постоел основ изнесеното да се смета за точно, а да не зборуваме за тоа дека фактот што некои прашања се од јавен интерес не се зема предвид (на авторот на овие редови познат му е само еден таков случај за постапка која сѐ уште е во тек).

Третата работа која му пречела на Стразбур е ставот на српските судови кои го решавале случајот дека „угледот и честа на претседателот на општината имаат поголема важност од угледот и честа на обичниот граѓанин“.

Сето ова ја доведе Србија во позиција да биде меѓу земјите во кои преостро некој бил осуден за клевета, по што се појави нивниот Врховен суд со мислење кое фактички значи проширување на границите на она што може да се смета како дозволено и неказниво. Кога кон ова ќе се додаде и ставот од БиХ дека од новинарите не може да се бара секогаш да пишуваат вистина, зашто во тој случај можат да стават катанец на медиумите (на пример, виден политичар на прес конференција ќе изнесе лага, а новинарот ја пренел), јасно е дека чекор по чекор во балканските земји работите се менуваат.

Освен во Македонија, каде независно од повлекувањето на тужбите од страна на ВМРО-ДПМНЕ, останува проблемот со судовите кои во многу случаи едноставно не ги есапат новите сфаќања за третирање на оваа проблематика. Па, така, кај нас можете да заглавите на суд за поставено прашање во интервју, за објавен полициски записник, да платите огромна отштета затоа што судијка (која потоа напредуваше во кариерата) смета дека претседателот претрпел поголема штета за честа и угледот токму затоа што е претседател или да се мачите по судови иако целта ви била да отворите прашање од јавен интерес кое не може да се реши преку суд, туку само со јавна дебата од која прозваните обично бегаат. Затоа, се чини, иако новинарството во Македонија е далеку од некои задоволителни стандарди, тешко е прифатливо кога такви стандарди од него бараат луѓе кои не ги постигнале тие што важат во нивната професија.

Сеад НУМАНОВИЌ, главен уредник на сараевски „Дневни аваз“
ТУЖБИТЕ ПРОТИВ НАС БЕА ПОГОЛЕМИ ОД ВРЕДНОСТА НА ЦЕЛАТА КОМПАНИЈА

„Дневни аваз“ е весник во БиХ основан во 1993 година, а се смета дека во моментов има најголем тираж во државата. За положбата на новинарите во БиХ и за тужбите за клевета по декриминализирање на делото, деновиве разговаравме со главниот уредник на весникот, Сеад Нумановиќ, непосредно пред неговото заминување за САД:

– Кога стапија на сила новите одредби на Законот со кои клеветата веќе не беше кривично дело, „Дневни аваз“ се соочи со вистинска лавина од тужби, како од политичари, така и од низа корумпирани бизнисмени или „бизнисмени“. Отшетните побарувања, кумулативно, повеќе пати ја надминуваа вкупната вредност на компанијата „Аваз“ и судот се најдоа во небрано затоа што ако ги задоволеше енормно високите побарувања (под претпоставка да ги усвоеше сите тужби против нас) не ќе имаше од каде тие да се наплатат и реализираат.

За да се спречи такво нешто, судот прибегна кон лукав потег одредувајќи дека секој кој пријавува отштетно побарување, треба да плати одреден процент од него, пред постапката да почне. На пример, ако некој бара еден милион босански конвертибилни марки отштета (кога беше воведена, конвертибилната марка беше врзана за германската марка во однос 1:1), тогаш на судот ќе требаше да му плати 10.000 марки ако се бараше еден отсто (веќе не се сеќавам колку тој процент изнесуваше). Тоа наскоро доведе до ситуација тужбите да бидат со редуцирани отштетни побарувања.

Но, во еден момент, токму поради енормните отштетни износи тужбите станаа метод на притисок врз работата на редакциите. Работите почнаа да се менуваат откако судовите почнаа донекаде да ја докажуваат својата професионалност што доведе до ситуација многу од пресудите да паднат.

Се разбира, сегашната ситуација во однос на времето кога клеветата беше кривично дело е подобра со самиот факт што новинарот веќе не може да оди в затвор. Но, во Босна и понатаму остана големиот проблем со корумпираноста која е присутна и во судството. Против тоа настојуваме да се бориме со укажување на таа аномалија.

Во праксата имаше доста случаи кога тие што нѐ тужеа ги повлекоа тужбите, но имаше и такви случаи кои ги изгубивме, па плаќавме отштета. Нормално, и ние самите тужевме многумина кои ги губеа споровите што ги поведовме.

Сепак, по стапувањето во сила на новиот Закон за клевета, „Аваз“ како компанија беше принудена да формира тим од правници со кои се консултираме за секој побитен текст. Тоа е практика и во развиениот свет која и ние ја прифативме и која многу ни помогна.

Тоа, се разбира, не ги спречи тужбите во целосна смисла, па еве, во овој момент на моето биро стои тужба поднесена против мене поради еден објавен текст во кој „оштетената“ страна бара 50.000 КМ.

Правниците веќе ми рекоа дека подносителот на тужбата претходно не доставил демант на текстот и дека поради тоа, според судската практика во БиХ, не се очекува судот воопшто да ја прифати и да ја разгледува тужбата.

Љиљана СТАЛЕТОВИЌ, одговорен уредник на „Гласот на јавноста“
НЕ ТУЖАТ, АМА И НЕ СОСЛУШУВААТ ВО ПОЛИЦИЈА

Поднесувањето тужби и поведувањето кривични судски постапки против новинарите и медиумите во Србија е честа појава. Колку што ми е мене познато, во моментов се водат стотина судски постапки против новинари и некои дневни весници, главно таблоиди, заради клевета, повреда на честа и угледот на јавните личности. Тужителите се главно политичари и естрадни уметници, кои во сѐ гледаат лична навреда.

Неодамна во случајот на тужбата на Цеца Ражњатовиќ против колумнистот на Гласот на јавноста и Курир, Драгољуб Петровиќ, заради колумна објавена во „Курир“, донесена е првостепена пресуда според која новинарот е должен да и плати на државата поради повреда на честа и угледот на естрадната ѕвезда, 150.000 динари (околу 1.800 евра), плус 60.000 динари за судски трошоци.

Инаку, положбата на новинарите во Србија не е ни малку завидна и мораме мошне добро да водиме сметка за да не добиеме тужба. Ние во „Гласот на јавноста“ се држиме до старото новинарско правило дека секогаш постојат две страни и настојуваме сѐ што објавуваме да биде поткрепено со документи. Но, и покрај тоа, своевремено, нашиот издавач, уредниците и новинарите, беа поплавени со казни од што 52 беа донесени од 1998 до 2002 година според тогашниот Закон за информирање. На „Гласот на јавноста“, тогаш со незабележан грабеж му е запленета вредна опрема.

По падот на режимот на Милошевиќ, многумина на кои во тешките времиња преку страниците на нашиот весник им дававме можност народот да ги види и чуе, бргу заборавија на сето тоа удобно седнати во своите фотелји.

Даночната управа ни се закачи за врат, па во 2004 година беше утврдено дека весникот должи 20 милиони динари. Долгот требаше да биде компензиран со побарувањето по основ на материјална штета која на Гласот на јавноста му е сторена во време на владеењето на Слободан Милошевиќ, а која беше процесуирана пред Трговскиот суд во висина од 750 милиони динари. Ситуацијата се заостри кога „Гласот на јавноста“ на 16 февруари почна да објавува фељтон според книгата „Демократскиот грабеж“ на Србија на Драган Влаховиќ во кој аргументирано беа прозвани повеќемина од власта, меѓу нив и тогашниот министер за финансии Млаѓан Динкиќ.

Бевме напаѓани и после објавувањето на постерот од воената парада на која офицер му салутира на постерот со Ратко Младиќ. Нашиот уредник и фоторепортерот беа сослушувани по тој повод во полицијата како да се криминалци, а не луѓе кои само си ја вршат работата.

Драган ПАВЛОВИЌ-ЛАТАС против СДСМ
ГИ ТУЖАМ СОЦИЈАЛДЕМОКРАТИТЕ ЗАРАДИ ДИСКРИМИНАЦИЈА

Против мене вкупно се поднесени осум тужби од политички фактори. Четири се од СДСМ со тоа што две се против Сител и мене како главен уредник и две против Вечер каде го имам истото својство. Потоа, две тужби имам од Горан Минчев од времето кога беше генерален секретар на СДСМ, една тужба од Владо Бучковски како претседател на СДСМ и една тужба ми е најавена од Радмила Шеќеринска.

Наспроти тоа, јас имам поднесено две тужби поврзани со СДСМ од кои едната е против Дамјан Манчевски затоа што пред 15-тина дена изјави дека СДСМ и нивните луѓе нема да ги повлечат тужбите против мене бидејќи сум бил посебно безобразен, не сум бил член на ЗНМ, па оттука не ме третираат како новинар и згора на тоа сум бил вмровец. Тоа според мене е дискриминација бидејќи дали сум член на ЗНМ или не, не е репер за тоа дали сум новинар. Не сум член ни на ВМРО-ДПМНЕ, па оттука тужбите ги сфаќам како притисок врз мене и мојата работа, но тој притисок нема да ме попречи во работата.

Емилијан СТАНКОВИЌ, СДСМ
НЕ ГИ ПОВЛЕКУВАМЕ ТУЖБИТЕ ПРОТИВ ЛАТАС

Емилијан Станковиќ портпаролот на СДСМ, вака го објасни ставот на СДСМ со повлекувањето на тужбите од страна на ВМРО-ДПМНЕ и нивното одбивање да ги повлечат тужбите против Латас:

– Изминативе месеци во РМ имаме атипична ситуација заради која е многу тешко да се биде опозиција. Владата е најголем закупец на медиумски простор спротивно на сите демократски принципи во европските држави и заради што владеачката партија своите тези ги пласира како апсолутни вистини.

Освен со реакција и со прес конференција кога сме цел на тенденциозни обвинувања на некој новинар, ние мораме да поднесеме и тужба во интерес на вистината. Едноставно, мораме на некој начин да се заштитиме. Мислам дека потегот на ВМРО-ДПМНЕ беше мотивиран од потребата да се покрие скандалот со Гласот на народот на Слободан Томиќ.

Инаку, ние како партија имаме само две тужби, едната против Сител и Драган Павловиќ и другата против Вечер и исто така Драган Павловиќ. Двете се заради тоа што на двата медиуми при протестите поврзани со името на РМ беше објавено дека „обезбедувањето на СДСМ ги организираше каменувањето на амбасадата и дивеењето“ што е лага. Сепак, за разлика од ВМРО-ДПМНЕ ние останавме само на овие две тужби. Имаме најавено и отштетно побарување, но не ја знам прецизната сума.

Што се однесува до другите тужби против Драган Павловиќ-Латас, нив не би ги коментирал зашто тие се поднесени од наши членови, но како приватни лица.

Илија ДИМОВСКИ, ВМРО-ДПМНЕ
ПОВЛЕКУВАЊЕТО НА ТУЖБИТЕ Е ОБВРСКА ЗА СЕКОЈ ФУНКЦИОНЕР ОД ВМРО-ДПМНЕ

Ние рековме 12 тужби затоа што толку изброивме во тој прв момент. Но, повлекувањето се однесува всушност на сите функционери на ВМРО-ДПМНЕ кои евентуално имаат тужено новинар. Доколку станува збор за некој случај за кој не знаеме, ако ни биде укажано на тоа, нашиот член ќе мора да постапи согласно партиската определба и тужбата односно тужбите да бидат повлечени. Ова се однесува и на случаите кои се првостепено завршени, ако има такви.

За оние случаи кои се веќе правосилно завршени, јасно е дека не можеме да смениме ништо во поглед на осудителната пресуда. Таа веќе не може да се избрише зашто не зависи од волјата на нашиот член. Истото се однесува и на евентуалните случаи во кои е досудено оштетно побарување и тоа е правосилно, за што не би коментирал, зашто тие се веќе индивидуална работа.

Што се однесува до можноста за законодавни промени во областа на клеветата и навредата, станува збор за една поширока иницијатива и процедура за која се потребни поголеми подготовки.

Љубиша АРСИЌ, екс новинар на Канал 5
УРЕДНИЦИТЕ ГО МЕНУВАА И ДОПОЛНУВАА ПРИЛОГОТ, А САМО ЈАС ОСТАНАВ СО КАЗНАТА ОД 5.000 ЕВРА

Љубиша Арсиќ до пред некој ден новинар на ТВ Канал 5, сега во ТВ Алфа на Штерјо Наков, осуден е правосилно за еден телевизиски прилог во кој меѓу другото, мета беше директорот на УБК, Сашо Мијалков. Покрај казната треба да плати и отштетно побарување од 5.000 евра. Во новинарските кругови имаше гласини дека прилогот на Арсиќ всушност бил политичка нарачка од тогашното уредништво на Канал 5, телевизија која во тие денови беше блиска до СДСМ и таква остана сѐ додека Борис Стојменов не доби место на пратеничката листа на ВМРО-ДПМНЕ. За сите овие случувања, Арсиќ вели:

– Тужбата беше поднесена во 2006 година за кривично дело клевета. Првостепената пресуда со досудена отштета од 5.000 евра ја потврди и Апелациониот суд во Скопје. Сега пресудата е правосилна и во наредниот период сум обврзан да ја исплатам отштетата.

Прилогот всушност беше ретроспектива на објавувани наводи во медиумите во врска со кариерата на тужителот. Мојот прилог, нормално, мина низ уредничкиот филтер. Се сеќавам дека неколкумина уредници го изменуваа и надополнуваа, но во судница завршив јас како автор, потпишан на записот.

Ние не успеавме да го реализираме договорот според кој Канал 5 требаше да ја плати сумата. Јас, секако, настојував тоа да се заврши и парите да му бидат исплатени на тужителот. Но, откако тој предложи парите да се уплатат на сметката на еден дом за деца, почна едномесечно преговарање како Канал 5 преку компензација во производи да ја плати сумата. Мене тоа не ми пречеше затоа што сакав што побрзо да се плати пресудата. Но, целата работа од неразбирливи причини се оддолговлечи, во игра влегоа уште неколку домови за компензација, но договор не постигнавме. На крајот, јас решив да се повлечам од Канал 5 со неплатена пресуда и сега за тоа ќе треба самиот да се погрижам.

Што се однесува до повлекувањето на тужбите за клевета и навреда од страна на ВМРО-ДПМНЕ, во мојот случај станува збор за правосилна пресуда, па затоа и проблемот уште е отворен. Но за да се демонстрира волјата дека власта промовира слободно новинарско изразување, очекувам позитивен исход.

Внатре во телевизијата немав притисоци додека договаравме како Канал 5 да ја плати пресудата иако имаше некои неприфатливи предлози, но за тоа нема потреба да зборувам. Да се обврзав на понатамошна соработка со телевизијата ќе откриев што сум договорил. Во случајов, јас си заминав од Канал 5.

Поврзани новости