Како автобусот изгорел за само неколку минути?

-Во досегашната моја работа во делот на вештачење на сообраќајни незгоди, ова е прв случај каде што автобусот е опожарен и целосно изгорен за толку брзо време, вели професорот на Техничкиот факултет, Златко Јошевски

by fokus

Најголема енигма и чудна околност во целата сообраќајна несреќа е како изгорел автобусот на „Беса транс“ на бугарскиот пат „Струма“ толку бргу за патниците да не може да се спасат.

Во досегашната моја работа во делот на вештачење на сообраќајни незгоди, ова е прв случај каде што автобусот е опожарен и целосно изгорен за толку брзо време, коешто оневозможило поголем дел од патниците да го напуштат автобусот. Во овој дел, претпоставувам истрагата ќе вложи повеќе напори да ги открие и презентира причините кои што довеле до брзо горење и неможност да се спасат патниците, вели професорот на Техничкиот факултет, Златко Јошевски.

Инспектор за пожари за „Фокус“ вели дека нафтата не гори толку брзо и агресивно и дека треба да се одговори од што изгорел автобусот толку бргу. Инспекторот тврди дека ќе треба повеќе време, но со анализи може од изгорените останки да се открие каква точно материја изгорела.

Јас лично сум запрепастен од тоа како толку брзо и со толкав интензитет може да изгори речиси целосно еден автобус. Автобусот, и покрај тоа што свртел од линијата на движење надесно и поминал преку металната ограда, која го одвојувала коловозот од одморалиштето, а потоа се движел налево и навлегол во средишниот појас на автопатот пробивајќи ја средишната метална ограда, тоа не било причина за смртта на патниците.

 Автобусот не се превртел, или не удрил во карпа или во друго возило. Кога автобусот застанал во средишниот појас, патниците биле живи и веројатно без потешки повреди. Патниците загинале во пожарот, вели професорот на Техничкиот факултет, Никола Крстаноски.

Јошевски објаснува дека резервоарите на автобусите се заштитени и по правило не треба да дозволат во случај на сообраќајна незгода да дојде до опожарување на автобусот.

Вештите лица што се занимаваат со оваа проблематика, треба да одговорат зошто опожарувањето настанало во толку краток временски период, односно што било катализатор на пожарот, а посебно ако се има предвид дека сите современи автобуси имаат системи за заштита од пожари, вели Јошевски.

Целото интервју прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

Фросина Факова-Серафиновиќ

 

 

 

Поврзани новости