Откако неколку медиуми ја разработија тезата дека не е можно 5 оперативци на УБК да прислушуваат 20.000 граѓани, на фејсбук, се појави едноставно објаснување кое го тврди спротивното, направено од информатичарот Мартин Додевски.
Неговото објаснување ви го пренесуваме интегрално:
Овој информативно-едукативен текст бев инспириран да го напишам откако ја изгледав вчерашната емисија на “Јанко Јади Бурек” и “експертизата” на мојот сограѓанин, во гостувањето во емисијата “Во Центар”. Голема им е дилемата како тоа 5 оперативци на УБК можеле да прислушуваат 20.000 граѓани. И не само на двајцава “експерти” туку нивните толкувања се базираат на еден текст кој неодамна излезе во провладините медиуми, од непознат автор секако, со наводна математичка нелогичност дека за толку луѓе да бидат прислушувани биле потребни 1.666 вработени оперативци во УБК со што ја донесоа во заблуда цела технолошки неедуцирана јавност во Македонија.
Впрочем граѓаните не се криви што до нив не допреле информации за развојот на технологијата од причини што нивниот стандард е доведен до најниско можно ниво, како од финансиски така и од културен аспект, така што побрзо го трошат времето за да обезбедат леб или да гледаат турски серии и пропаганда одошто да купат книга или да си дозволат преносен компјутер, да се едуцираат на интернет или пак паметен телефон.
Ќе протолкувам неколку аспекти за начините наприслушување како информатичар со познавања од развојот на технологијата.
Најпрво дилемата со 5 оперативци што ловат 20.000 граѓани. Треба да се знае дека живееме во 2015-та година и дека разговорите не се слушани со увото на агент со шешир, темни очила и мантил како во црно-белите филмови. Сите разговори се снимани со одреден моќен компјутер кој може да зачува и илјада разговори паралелно во исто време и тоа не е воопшто спорно со денешните технологии (процесори, моќни хард дискови, пренос на податоци, комуникациитн.).
Е сега, како се прави сето тоа за да биде наменски за одреден нарачател. Најпрво се утврдува чии телефонски броеви ќе бидат предмет на слушање а потоа софтверски може да се дефинира дали ќе бидат снимени сите појдовни и дојдовни разговори од посочениот број или ќе биде употребен филтер на снимање за да не се наталожат огромен број на податоци.
Што значи филтер на снимање? Софтверски е возможно да се употребат најразлични филтри за тоа кои разговори да се слушаат и снимаат а кои да не се снимаат како неупотребливи без интерес на нарачателот. Филтри кои ќе ги спомнам се филтер по одредени тајминзи и уште побитен и најкористен за вакви намени е филтерот по изговорени клучни зборови. Филтерот по одредени тајминзи значи дека посочениот телефонски број е предмет на снимање само во одредени периоди од текот на денот или неделата или месецот. Филтерот по изговорени клучни зборови е софистицирана софтверска алатка на која дефинирате одредени клични зборови или фрази кои се предмет на интерес на нарачателот како на пример Груевски, Влада, Мијалков, Тендер, На црно и сл. (Пример за тоа дека постои како софтверска алатка на денешницава се опциите за Voice Command на сите паметни телефони или апликации за компјутери за помош на слепи лица и сл.). Кога ќе се воспостави врска со посочениот телефонски број разговорот автоматски се снима и откако разговорот ќе заврши, доколку не се спомнати кличните зборови од филтерот, разговорот автоматски се брише како неупотреблив за нарачателот во интерес на тоа да не се наталожат непотребни материјали.
Откако системот ќе собере одреден број на снимени разговори, самиот софтвер ги има веќе класифицирано по претходно внесено Име и Презиме (или назив) на телефонскиот број кој е предмет на снимање. Па дури потоа оперативец вработен во УБК прави финална селекција на разговорите и ги предава како информации од значење на нарачателот.
Зошто е битно да се знае сево ова погоре наведено? Од сите тие 20.000 граѓани, како таргет на строго битни од голем интерес сигурно биле поставени помалку од 1% или 100-тина луѓе (лидери, новинари, судии и сл.). Останатите 99% веројатно се ставени на снимање со построги филтри како тие од горенаведените и за секој таков граѓанин веројатно има по 10-тина разговори, веројатно и не подолги од 3-5 минути, снимени во период од 5-6 години.
Исто така, претпоставувам дека одредени разговори се снимани и прибавувани со порвемени налози, во смисла “утре бизнисменот тој и тој се очекува да продаде или купи мнозински пакет на акции на берза, снимајте сè во наредниве 3 дена и да ми доставите на дневно ниво”.
Исто така уште еден аспект во однос на снимките приложени во јавноста од СДСМ е самиот квалитет на снимките, кој укажува на тоа дека од техничка гледна точка мора да се снимени со директен линк до мрежата на мобилните оператори во Македонија. Доколку симнете еден од аудио записите од youtube каналот на СДСМ и го едитирате со софтвер за уредување на аудио записи (на пример Adobe Audition) може да се забележи дека снимката е стерео запис кој ги има максимално одвоено соговорниците на дијалогот на левиот и десниот канал (Приложено на сликата подолу). Што значи ако го исклучите едниот канал, во периодите кај што зборува соговорникот од тој канал, имате комплетна тишина, нема ни најмал шум од неговиот телефон. Ова не е возможно да се направи доколку не сте дирекно закачени на мрежата на мобилните оператори. Тоа укажува на тоа дека тезата за странски служби е апсолутна глупост.
На крајот би го прашал Јанко Бурекот, ако веќе се оди со толку проста логика без познавања од развојот на технологиите, и ако се прашува како е можно 20.000 луѓе да се снимаат без 1.666 оперативци од УБК.
Дали Зоран Заев или Зоран Верушески имаат 1.666 оперативци кои работат за нив?
И дали некоја странска служба би ангажирала 1.666 оперативци да слушаат со увото што тоа разговараат 20.000 луѓе во Македонија???
Мартин Додевски, информатичар