Луѓето на Сашо Мијалков, незаконски го прислушувале и неговиот баџанак!

by Фокус

fokus-arhiva-1-150x1501Текстот е објавен на 16-ти април 2010-та година во неделникот „Фокус“ во бројот 772

Македонија е вовлечена во нов скандал – Големо уво 2, кој датира од самиот почеток на власта на ВМРО-ДПМНЕ, уште од ноември 2006-та. Полицијата незаконски ги прислушувала телефоните на обвинителите што работеле на откривање на шверц на цигари, кој, преку Македонија, наводно требало да заврши на Косово. Покрај гевгелиската обвинителка Кети Камчева, полицијата го уловила и јавниот обвинител за организиран криминал – Јован Илиевски лично!

Пишувал
Саше ДИМОВСКИ

ГОЛЕМО УВО 2 или операција КИНЕСКО МАРЛБОРО, се заканува со сериозно поткопување на правниот систем во Македонија и почитувањето на човековите слободи и права низ судските постапки во кои ќе владее системот на меѓусебна контрола и независност во одлучувањето, а не диктирање на одлуки по желба на полицијата. Фокус дојде до полициски службени белешки кои откриваат дека полицијата не само што прислушувала, туку на линија ги имала токму обвинителите што гонеле организиран криминал, од кои подоцна барала да определат притвор во конкретен предмет, под изговор дека тоа се инструкции на „тајната полиција од Скопје“!

Конкретен пример за незаконско прислушување обвинители кои гонеле организиран криминал, претставува случајот од ноември 2006 година, неколку месеци по доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт (кон крајот на август се поставуваат новите директори на тајната и јавната полиција). Имено, на граничниот премин Богородица кај Гевгелија, откриен е шверц на цигари, кои биле декларирани како кинеска стока – разни играчки, покривки за бањи и вештачко цвеќе. Во специјално направен контејнер, бродски пломбиран, откриени се 35 илјади штеки цигари од марката Марлборо. Возилото го управувал жител на Арачиново. Тој тврдел дека е само возач, кој за 70 евра требало само да ја превезе „кинеската стока“ од Солун за фирма во Урошевац!

Сепак, возачот знаел дека „кинеската стока“ не можел да ја пренесе директно од Солун за Косово, па кај себе имал двојни декларации. На грчките царински органи им дал налог дека стоката е за фирма „Алпина“ од Скопје, која не постои, а на македонскиот граничен премин, на цариниците им покажал дека стоката е за Косово, за фирмата „Алпина Феризаи“ – Урошевац. Откривањето на контејнерот со цигарите, и тоа од мобилната царинска екипа, не од редовните царински и полициски служби, и однесувањето на тогаш јавната обвинителка од Гевгелија, Кети Камчева, при определувањето на притворот, биле сигнал за тајните служби да го активираат системот Големо уво. Така почнало следењето и снимањето на телефонските разговори, и тоа на речиси сите службени мобилни телефони што ги користеле обвинителите, цариниците, па дури и началниците во самата УБК!

Полицијата постапила незаконски во случајов, бидејќи не смеела да прислушува, ама видно од белешкиве, повторно го правеле она што беше направено и во 2000 година со „Големото уво”. Не делувало воспитно ниту тоа што државата подоцна со судски одлуки им плаќаше штети на прислушуваните! Законот кој е донесен подоцна и кој ѝ дава право на полицијата да ги следи комуникациите во строго утврдена процедура и само по налог на судија и обвинител, не може да биде покритие за оваа постапка на полицијата. Не држи ни оправдувањето, дека тогаш се уште немало закон па полицијата правела што сакала!

КАМЧЕВА Е МЕТА, АМА ВО МРЕЖАТА СЕ СИТЕ!

Од транскриптите во полициските белешки дознаваме што разговарала обвинителка Кети Камчева со царината во 1 часот по полноќ, неколку часа по откривањето на камионот, до интервенциите од царинските служби – дали да се определи притвор, како и сугестиите на таа тема од главниот обвинител за организиран криминал, Јован Илиевски, заклучно со налогот од УБК Гевгелија, дека „колегите од Скопје наложиле да се определи притвор за возачот на камионот Алириза Шаќири“!

Очигледно, овој шверц на 35 илјади штеки цигари, мора сериозно да го покрене и прашањето: Кој кого контролира во земјава, т.е. дали прислушувањето на обвинителите било во насока на откривање на нивно евентуално незаконско, криминално однесување, па затоа биле интересни за службите? Или, пак, некој ги слушал сосема незаконски, без процедура во свое име или во име на службата, со што можел да ги (зло)употребува информациите што обвинителите ги кажувале по телефон!

Извори за „Фокус“ тврдат дека обвинителката Кети Камчева била под опсервација на тајната полиција уште од времето кога се отвори случајот со едно од казината, каде што УБК влезе и ги заплени документите, но, поради повреди во постапката и наводно немање на одредени документи, не се докажа ниту даночно затајување, ниту тоа што беа фатени поголеми суми на пари, кои од казиното требало да се изнесат во Грција, па, на крај, падна ослободителна пресуда!

Вината за киксот паднала врз обвинителството во Гевгелија. Полицијата имала сознанија дека Камчева сакала да поднесе изјава за откажување од гонење уште во текот на судењето пред велешкиот суд, затоа што се насетувала ослободителната пресуда. И, така, од тој случај, Камчева станала интересна за полицајците, кои ги „начулиле“ ушите штом добиле информација дека се шверцуваат цигари преку Богородица, за, наместо на Косово, да завршат во Арачиново, па, од таму да тргнат кон пазарите низ Македонија. Следејќи ја нејзината комуникација, биле уловени и сите други што се интересирале за предметот!

ДВОЈНИ ФАКТУРИ НА ГРАНИЦАТА

Откако царината го открива и процесуира случајот, возачот решава да даде изјава во судот, пред бранителот кој му е определен по службена должност. Тој ќе им каже на истражителите дека е вработен во фирмата „Четири браќа“, сопственост на неговиот брат Мемедали Шаќири, каде што работел како возач. Но, последните три месеци тој вршел превоз за фирмата „Интерком Плеј“ – Скопје, во сопственост на Даут Ибраимовски од Арачиново.

„Даут Ибраимовски ме ангажираше да му извршам превоз. Ми го даде неговиот камион и отидов во Солун. Ми рече дека ќе се носи разна кинеска стока. Во солунското пристаниште го закачија бродски пломбираниот контејнер и тргнав назад. Не разбирам доволно англиски, но, видов дека носам прекривки за бањи, цвеќиња и играчки. На документацијата имаше две фирми. На грчката граница го дадов документот, дека стоката оди за фирмата „Алпина“ во Скопје. Тие ништо не ме прашаа, а на македонска страна дека стоката оди за Косово. И тука поминав, по што ме запре мобилната царинска контрола и ги откри цигарите за кои не знаев дека се внатре, кажал Алириза пред истражната судијка. Додал дека возел за само 70 евра и оти ништо друго не знае. После распитот, одредени му се 30 дена притвор.

Предлогот за притвор го дава заменичката Мирјана Делева. Од комуникацијата, пак, се гледа дека Камчева од почетокот смета оти нема потреба од притвор, затоа што доказите се веќе обезбедени. Токму тој муабет бил сигнал за службите да притиснат – да ја смени одлуката. Останува нејасно, дали службите, кои имале информација уште од местото каде што бил натоварен бродот со цигарите, сакале да го откријат или сокријат криминалниот ланец со апсењето и (не) притворањето само на возачот? Во постапката, возачот не посочува други имиња, ниту истрагата открива нешто повеќе, а неспорно е дека возачот не можел да биде толку моќен, за сам, без проблем да мине со полн камион со цигари преку граници и никој да не се посомнева во документацијата!?

Дотолку повеќе што подоцна ќе се утврди, дека камионите на две фирми од Арачиново секојдневно ја поминувале границата, а истите се јавуваат и во ланец на шверц на цигарите од Тутунскиот комбинат во Прилеп, кои завршиле на непознато место!

Навидум обичниот шверц на овие цигари зад себе отвора многу прашања за шверц на цигари и тутун од и преку Македонија, кои секако заслужуваат посебна елаборација. Она што загрижува во целата ситуација е однесувањето на засегнатите и прислушувани учесници. Премногу „вообичаено“ им било да комуницираат со УБК или со другите служби, па не реагираа многу изненадено на нашиот повик да го коментираат овој скандал!

Прислушуваната обвинителка Кети Камчева, која од ланското лето е разрешена поради нестручност и несовесност, прво се согласи да разговара, но подоцна се премисли и рече дека ќе биде „претпазлива со нас“. Праша од каде ни се документите, меѓутоа, воопшто не беше изненадена од содржината на разговорите што ѝ ги прочитавме. Одби да даде изјава и да коментира, затоа што сега била надвор од обвинителството!?

Редакцијата го почитува ставот на Камчева, но, самиот факт што била прислушувана како обвинител, не може да биде оправдување дека не коментира, оти сега не е во тој орган или затоа што можеби нема веќе ни да се занимава со право, како што самата ни рече.

ЕФЕКТИТЕ ОД ОПРЕМУВАЊЕТО НА УБК!

Сега, според законот за следење на комуникациите, обвинителот и истражниот судија се тие што даваат налози за следење на комуникациите. Што би се рекло, сега имаме контролирано следење на комуникациите. Но, дали некој ќе го санкционира ваквото однесување на службите или ќе го заборавиме како „Големото уво“ од 2001 година? Дали милионите евра што се потрошија во 2008 година за набавка на опрема во УБК и натаму ќе служат за играње држава или купеното ќе се употребува строго наменски? Дали нешто ќе смени фактот, дека е прислушуван првиот човек на обвинителството за организиран криминал, кој случајно е и баџанак на Сашо Мијалков, директорот на УБК? Како и да е, оваа афера не смее да остане без епилог, независно дали тогаш имало или немало закон!

По закон, Јавниот обвинител во вакви случаи на незаконско прислушување треба да побара спроведување на истрага, а државата, односно Министерството за внатрешни работи може да биде тужено од сите чии имиња се наоѓаат на листата што комуницирале со Камчева. Секако треба да се лоцира и кој дал налог за следење и за што се користеле податоците од разговорите!

Не случајно, впрочем, експертите предупредуваа дека македонските полициски служби стануваат сива зона, која никој не ја контролира. Или, поточно, ја контролира од време на време, кога во земјава се подготвуваат крупни работи: Во 2001 година конфликт, а сега избори, или нешто трето… Можеби промена на името?

Јован ИЛИЕВСКИ го потврди прислушуваниот разговор
ДА, РАЗГОВАРАВ СО КАМЧЕВА ЗА КОНКРЕТНИОТ ПРЕДМЕТ!

Пред објавување на материјалов, Фокус побара одговор од Јавниот обвинител за гонење на сторители на организиран криминал, Јован Илиевски, дали е точно дека на 8 ноември 2006 година и се јавил на обвинителката во Гевгелија и и сугерирал да определи притвор за возачот кој бил фатен како шверцува 700 пакети, или 35.000 штеки цигари, марка Марлборо?

– Да, точно е, разговарав со обвинителката Камчева за тој случај, како што велите дека стои во службените белешки што ги имате, и во тој телефонски разговор и предочив дека треба да предложи притвор за возачот, бидејќи одделението за гонење на сторители на организиран криминал има оперативни сознанија оти станува збор за организиран канал за шверц на цигари, изјави Илиевски за Фокус.

– Точно е дека јас не можам да и наредам на обвинителката како да постапи, но, бидејќи имаше размислувања дека нема потреба да се предлага притвор за возачот, затоа што се обезбедени другите докази, и реков на Камчева дека за конечната одлука треба да се консултира со Републичката обвинителка Роксанда Крстевска. Во тоа време немавме јавен обвинител, а Крстевска го водеше кривичното одделение во Јавното обвинителство, појаснува Илиевски.

Обвинителот Илиевски, колку што се сеќава, со Камчева разговарал од Скопје, непосредно пред неговото полетување за Букурешт, а во разговорот можно е да спомнал дека патува, па затоа во полициската белешка во која е забележан разговорот стои дека се јавил од Букурешт. Инаку, Илиевски вели дека сметал оти не е интересен за полициските служби, но, овие информации покажуваат дека посредно или не, бил слушан и тој.

Се согласува дека ова е преседан, затоа што е можно да се злоупотребат доверливи информации, кои можеле да ги употребат или злоупотребат полициските служби за нивни цели. Дотолку повеќе што ова следење на телефонските комуникации е направено пред да се донесе Законот за следење на комуникации, според кој полициските служби можат да ги следат комуникациите, меѓутоа – во строго утврдена процедура, со налог од јавен обвинител, односно истражен судија!

За сега не се знае, дали ќе се покрене истрага за да се утврди кој ги прислушувал обвинителите, но, факт е дека подготвувањето на материјалов не ги остави рамнодушни ниту слушаните, ниту оние што сосем случајно биле уловени во пајаковата мрежа, која полицијата ја плетела околу обвинителите!

Што откриваат прислушуваните разговори
КОЈ СЕ БАРАЛ КАМЧЕВА ДА ПРЕДЛОЖИ ПРИТВОР ЗА ВОЗАЧОТ?

Службена белешка:

На 8.11.2006 година, ДЕЈАН од Царина ѝ се јавува на Кети Камчева, јавен обвинител на Гевгелија во 01 часот од телефонски број 070 22…. и ја известува дека на граничниот премин Богородица е реализирана акција за фаќање на ексклузивна количина на цигари од марката Марлборо. Обвинителката Кети Камчева на Дејан му дава соодветни инструкции…

Истиот ден, на 8.11.2006 во 15 часот доаѓа Дејан А. од Царина, по потекло од Охрид, употребува мобилен телефон 075 43….. и го носи предметот со кривичната пријава.

Во меѓувреме, на обвинителката Кети Камчева и се јавува ВЕСНА од Одделението за Контрола и истраги во Царината и се интересира дали ќе се определи мерка ПРИТВОР, без притоа да пројави интерес за целината на предметот! Кети Камчева во разговорот со Весна констатира дека: „Во оваа фаза, неопходните законски докази се обезбедени и не постојат основи за изрекување на мерка притвор“!

Ова од таму што цигарите, возилото, патната исправа и од самата изјава на возачот нема елементи за одредување на мерката притвор!!!!

Јован Илиевски, раководител на одделението за борба против организиран криминал и корупција во јавното обвинителство, сега Основно обвинителство, и се јавува на Кети Камчева во 14 часот и 6 минути од телефонски број 070 …… (истиот број го користи и сега, на кој го контактиравме при подготовката на сторијата) и ѝ сугерира да предложи да се определи притвор против возачот Алириза Шаќири, поради висината на вредноста на запленетите цигари и поради можноста од поврзување на овој со сличен настан во иднина, дека е можно да се работи за организиран криминал.

Јован Илиевски се јавува од Букурешт (според белешките) и во продолжение на разговорот и вели на гевгелиската обвинителката Камчева, ако е потребно пред да донесе одлука дали ќе предлагаат да му се определи мерка притвор на возачот Шаќири, да се консултира со заменик републичкиот обвинител Роксанда О.Крстевска.

(разговорот се води во период кога е разрешен Александар Прчевски, а сѐ уште не е избран Љупчо Шврговски, па обвинителството го води в.д. обвинителот Славчо Станков. Тој бил „цивилист“ а Крстевска е раководител во тоа време на Кривичниот оддел во Јавното обвинителство)

Следен, кој и се јавува на обвинителката Камчева и кој се интересира дали ќе се определи мерка притвор, е началникот на УБК Гевгелија, Аце Петров.

Ѝ ѕвони на Кети Камчева во 14.30 часот од телефонски број 070 35….и ѝ сугерира да постапи според соодветни инструкции кои ги добил тој од колегите од Скопје, а тоа е да му се определи притвор на возачот!

Службите ја кодошеле обвинителката низ медиумите
КАМЧЕВА НЕКОЛКУ ЧАСА СЕ НАТЕГАЛА ОКОЛУ ПРИТВОРОТ

Службите, кои ги следеле комуникациите на обвинителката Камчева, два дена по настанот, во весник чиј уредник е„,семеен пријател со премиерот“ лиферуваат информација дека: „Кети Камчева, истражен судија во Гевгелискиот суд која го водела предметот не сакала да му определи притвор на уапсениот возач, иако од него не добиле информации за тоа – кој и каде ги натоварил цигарите. Сепак, по неколку часови натегање, судијката одлучила да го притвори скопјанецот“ дознал весникот во издание од 10 ноември. Но, утката во текстот е што Камчева е посочена како истражен судија, а не обвинител. Токму овој лапсус на службите или на медиумот, е повод за демант, кој Камчева го пишува и го праќа по факс во весникот, истиот ден во 11.59 часот. Демантот е заведен под број А.бр.93/06, а во него Камчева, покрај тоа што демантира дека е истражен судија, кажува дека Царината ја известила во 01.30 часот дека е фатен камионот, таа дава инструкции, пријавата ја добила во 14.40 часот од страна на лицето Дејан Атанасовски од Царина, а заменик-обвинителката Мирјана Делева, која го работела предметот, откако го напишала барањето за притвор, предметот го доставила до Истражниот судија во судот во Гевгелија, Тодорка Цилковска Димова во 15.40 часот. Распитот завршил во 17 часот, кога му е одреден и притвор. Судот на возачот Алириза му определил и адвокат по службена должност, Атанас Чочков од Гевгелија.

„Објавената информација е шпекулација и претставува атак на мојата личност, и пред се на органот што го застапувам, а преку тоа и на државата, со што се фрла лоша слика и се минимизира успехот кој што го остварија полицијата и царината во откривање на овој настан“ пишува во демантот што Камчева го испраќа до дневниот весник, кој прв дознал за натегањето околу притворот!

Но, тука е клучна „саатницата“ што се открива од службените белешки и од демантот на обвинителката. Кај Камчева се јавиле сите, за да прашаат и да сугерираат притвор – до 14 часот и 30 минути, а пријавата стигнува во 14.40 часот во обвинителството. Од овде излегува дека сите знаеле какви докази има и дека случајот држи место за притвор, а никој не ја видел пријавата!? Вклучително и заменичката Делева, која се потпишала под барањето за притвор. Обвинителите, пак, според законот, треба да се брана пред налетот на пријави од МВР или другите органи. Имено, тие самите треба да ценат какви докази имаат… Арно ама, во овој случај цело село се кренало да има притвор, а тоа за обвинителката било „вообичаена комуникација“!

ГОЛЕМО УВО во 2000-та
ДИМОВСКА ГИ ПРИСЛУШУВАЛА ГРУЕВСКИ И МИЈАЛКОВ!

Во 2003 година беше покренато обвинение против Доста Димовска и Александар Цветков, министер за внатрешни работи и началник на управа во МВР, за аферата со прислушување на политичари, новинари и јавни личности „Големо уво“.

Во периодот од септември до декември 2000 година, Димовска како министер за внатрешни работи и Цветков, како началник на Секторот за оперативни работи и примена на оперативна техника, употребиле посебни уреди, наменска високо-специјализирана техничка опрема при МВР на РМ, и прислушувале и тонски снимале разговори што не им биле наменети и не се однесувале на активности насочени кон вршење на шпионажа, тероризам, загрозување или уривање на демократските институции утврдени со Уставот на РМ.

Откако се договориле на кои личности треба да им се слушаат телефоните, обемот и начинот на прислушувањето, Александар Цветков во Секторот за оперативни техники дал налог за приклучување на уредите со внесување на телефонските броеви на личностите – предмет на прислушувањето, по што во системот кој функционирал автоматски, континуирано, системски, во наведениот сектор било вршено тонско снимање на телефонските разговори и автоматско распоредување на снимените разговори во Секторот за експлоатација при Управата за оперативна техника, каде што биле вршени текстуални записи на снимените разговори, а потоа текстовите биле доставувани на обвинетите Цветков и Димовска. Во наведениот период, обвинетите ги прислушувале телефонските разговори на 55 лица – стои во обвинението против Димовска и Цветков, поднесено пред 7 години, а кое заврши со аболиција (ослободување од кривично гонење) на обвинетите од страна на тогашниот Претседател, Борис Трајковски.

Кога било поднесено обвинението, Димовска е директор на Агенцијата за разузнавање. Дел од опремата за прислушувањето, се утврди во истрагата, била лоцирана во Македонскиот телеком.

На листата на прислушувани се најдоа опозиционери, но, и министри во Владата на ВМРО-ДПМНЕ. Најинтересен од сегашен аспект, можеби е сегашниот премиер Никола Груевски (тогаш министер за трговија), кој бил прислушуван и на виделина излезе негов разговор со сегашниот директор на УБК, и негов братучед, Сашо Мијалков, од 25.10.2000 година. Покрај Груевски, како оштетени од прислушувањето се водеа: Бранко Црвенковски, Владо Бучковски, Борис Стојменов, Васил Тупурковски, Никола Поповски, Љупчо Јордановски, Срѓан Керим, Борис Змејковски… а на нивните беа „налепени“ разговорите на уште стотина политичари, новинари, јавни личности, партиски кадри, па и жени и пријателки на политичарите!

Релации: Обвинителство – Тајна полиција
УБК БАРАЛА НЕЈЗИН ЧОВЕК ДА НЕ СЕ ГОНИ ЗА ДРОГА!

„Соработката“ помеѓу обвинителството во Гевгелија и тајната полиција се гледа и преку друг пример, неколку месеци пред шверцот со цигари и апсењето на возачот. Фокус дојде и до документ, службена белешка што ја составила Кети Камчева, како јавен обвинител во Гевгелија, по средбата со инспектори на УБК Скопје и началникот на службата во Гевгелија. Во неа вели: „Составена во просториите на ОЈО Гевгелија на 18.02.2006 година во 12 часот… По телефон бев контактирана од Аце Петров, началник на РО УБК, кој побара заедно со двајца негови колеги од Скопје да извршат консултации во врска со некои оперативни сознанија. Се договоривме и се сретнавме во просториите на ОЈО Гевгелија и од страна на инспекторите бев известена дека МВР има оперативни сознанија за сторители на кривично дело од член 215 од КЗ, кои сознанија ги имаат добиено од лице-соработник, кој им ги посочил другите учесници во кривично-правниот настан. Сметаа дека во овој кривично-правен настан ќе има инволвирано повеќе лица, чиј идентитет не им е познат, при што од мене побараа, како Јавен обвинител да се заземам за лицето соработник на МВР, без чија помош не ќе можат да се обезбедат докази за другите учесници во овој кривично-правен настан. Нивните оперативни сознанија го лоцираа настанот со надлежност на ОЈО Гевгелија со период на операционализација на фаќање на учесниците во период од 2-3 дена од нашиот разговор. Од моја страна беа известени дека, согласно одредбите од КЗ, поточно член 215 ст. 4, СТОРИТЕЛОТ кој ќе го открие делото или ќе помогне за негово откривање може да се ослободи од казна,.

Вака завршува белешката на Камчева, а, покрај началникот Петров од Гевгелија, на состанокот биле присутни и Р.Ј. – началник на сектор во УБК, Ј.П. – главен инспектор во УБК и С.Т. – началник на оддел во СВР. Два дена по разговорот, на 20.02.2006, Камчева поднесува барање за спроведување на истрага против три лица, кои ден претходно се обиделе во Грција да прошверцуваат 184.360 грама марихуана, спакувана во 181 пакетче. Опфатени се три лица, меѓу кои и човекот за кој УБК бара да се заложи обвинителот. Подоцна се осудени на казни од 4 до 6,6 години затвор.

Во овој случај, спорно е тоа што полицијата не презентира никакви докази за соработка на лицето со полицијата пред обвинителката, па, ако се прифател принципот на носење одлуки на „убав збор“ се отвора прашањето: Дали не се злоупотребуваат полициските овластувања за лични цели и не се штитат определени криминални структури? Интересно е што актуелниот „соработник“ бил и претходно осудуван. Како што се гледа од документите, Камчева не го прифатила барањето на УБК, но, понатаму, како што веќе пишуваме, ги прифатила нивните барања за притвор, можеби свесна дека службите ги следат нејзините комуникации и може да ја компромитираат со некои предмети на кои таа работела!

Поврзани новости