Македонскиот пејач и учесник во All stars сезоната на шоуто „Твоето лице звучи познато“, Даниел Кајмакоски излезе со објаснување на обвинувања во кои се најде дека го направил симболот на албански орел.
-Морам да реагирам на сериозно обвинување кое е тотално невистинито и бесмислено. Се соочувам со бројни навреди и сакам да ја споделам вистината со вас. Пред втората емисија на ТВ шоуто „Твоето лице звучи познато“ во Белград, кога во шминкерницата се подготвував за женска улога, фотограф ме сликаше како ги покажувам налакираните нокти во огледало. Вчера во српски весник е објавена фотографија за која велат дека сум „ги прекрстил рацете во положба на албански двоглав орел“ и оттогаш се објавени само навредливи наслови и бројни обвинувања. Во оваа професија навикнав дека слики, изјави и ситуации може да се извадат од контекст, и не сум ни прв, ни последен чија репутација е нападната на толку грозен начин, но ова е бескрајно безобразно и претерано извртување на вистината. Безобразно е не само кон мене, туку и кон сите оние кои ќе се почувствуваат испровоцирани и навредени од оваа ситуација. Добро знам што значи тој знак и токму поради тоа никогаш не би го направил и навредил било кого. Сликата е искористена за да се направи приказна, која толку се прошири, што морав да реагирам. Единствената вистина е во овој текст. Моето покажување нокти за женска улога во ТЛЗП, нема никаква врска со тој симбол. Ме напаѓаат и обвинуваат дека сум ја навредил Србија. Никогаш не би навредил ниедна држава, а камоли Србија, во која ја започнав кариерата и во која имав толку успеси, или пак мојата земја, Македонија, вели Кајмаковски.
Тој додава дека е разочаран од овие напади кон него и дека јавноста мора да ја знае вистината, а за останатото ќе се погрижат неговите адвокати.