Кафето го испивме заедно, вака треба да изгледаат политичките кампањи!

by Fokus

Маестро на хармоника, Горан Алачки, кој беше кандидат за градоначалник на Берово од редовите на Интегра, со утринско кафе во општинските простории му ја честиташе победата на својот противкандидат Звонко Пекевски од СДСМ.

Тој му посака на старо-новиот градоначалник успешен мандат, со надеж за соработка на културно поле, за да општината има уште поголем напредок и просперитет. Уште кога ја најави својата кандидатура, Алачки за ,,Фокус” раскажа дека со Звонко се знае целиот живот, нивните семејства се дружеле, и порача дека ќе има кампања со која ќе шири љубов.

-Целта ми е да го обединиме народот, да има единство, ова е мала општина каде мора да владее заедништвото за да се оди напред. Затоа, јас ќе ширам љубов со мојата кампања, нема да има ривалство со противкандидатите. Звонко го знам уште од дете, тој е човек кој си има свои вредности, нашето пријателство и меѓусебна почит нема да згаснат поради политика –раскажуваше Алачки на почетокот на кампањата.

Потсети дека со Пекевски имал доста соработки и добил негова поддршка во организацијата на повеќе културни настани во Берово. Со заедничкото кафе, подадената рака и искрените честитки, тој вели дека само уште еднаш го потврдува своето мото – Да се излезе од црно-белиот свет и да се покаже како треба да изгледаат политичките кампањи во кои најважен е народот.

Звонко Пекевски, кој успеа да освои втор мандат во првиот круг на изборите, важеше за фаворит помеѓу беровчани. Тој освои 3.354 гласа, односно 51,25 проценти. Зад него се најде Елеонора Рашковска од ВМРО ДПМНЕ со 2.551 глас, па Горан Алачки од Интегра со 145 гласа и Горанчо Костевски од РМ со 93 освоени гласа.

Вики Клинчарова

Поврзани новости