„Маврово не е ничиј трофеј“: „Анима Мунди“ бара одговорност за убивањето дивокози

by irena 13:02
13:02

Здружението за заштита на животните „Анима Мунди“ најостро го осуди, како што наведува, односот кон дивиот свет во Националниот парк Маврово и побара итно институционално постапување, целосна истрага и утврдување на одговорност.

Од „Анима Мунди“ реагираат на снимки за кои тврдат дека прикажуваат убивање дивокози во Маврово, а потоа и пиење крв од убиено животно.

„Ова не е никаков спорт, не е авантура, а најмалку љубов кон природата. Нема ништо нормално во убивањето диво животно за забава, трофеј или комерцијален интерес“, наведуваат од здружението.

Од „Анима Мунди“ прашуваат кој го дозволил и овозможил ваквото постапување, кој контролирал и кој знаел за случувањата.

Здружението јавно ја поддржа „Еко-свест“ и останатите еколошки здруженија кои бараат итно институционално постапување и вистинска заштита на Маврово.

„Поддржуваме и бараме итен мораториум на активностите што можат да ги загрозат природните вредности на подрачјето и бараме целосна истрага, транспарентност и одговорност“, велат од здружението.

Од „Анима Мунди“ упатија порака и до Владата, надлежните институции и политичарите кои, како што велат, зборуваат за природните убавини на Македонија.

„Љубовта кон земјата не се докажува со знамиња, говори и патриотски пораки. Се докажува кога ќе ја заштитите нејзината шума, нејзината река, нејзиниот биодиверзитет и нејзиниот див свет“, наведуваат од здружението.

Тие додаваат дека националните паркови не смеат да станат ловечки игралишта, а заштитените животни да бидат прогонувани и убивани.

„Македонија не е ловечки парк за богати девијантни странци. Маврово не е ничиј трофеј. Дивите животни не се плен. Природата не е на продажба“, порача „Анима Мунди“.

Од здружението бараат итно постапување, целосна истрага, утврдување на одговорност и мораториум додека, како што наведуваат, не се воспостави вистинска и функционална заштита на Маврово.

„Заштитените животни мора да бидат заштитени и во реалноста, а не само на хартија. Маврово мора да биде заштитено. Дивиот свет мора да биде заштитен“, стои во нивната реакција.

Слични вести