Текстот е објавен во неделникот „Фокус“ на 14.февруари 2014 година.
Пишува
Владо АПОСТОЛОВ
Поранешниот амбасадор во Чешка, Игор Илиевски, пред една година се огласи преку дневниот весник „Фокус“. Тврдеше дека имал сериозни проблеми во Прага, по што морал да замине во непознат правец.
Поради текстот со неговите изјави нѐ тужеше директорот на УБК, Сашо Мијалков, бидејќи се почувствувал наклеветен, а првостепениот суд одлучи во негова корист. Околу судскиот процес коментиравме минатата недела, но сега ќе се осврнеме на тоа што се случува во меѓувреме со Илиевски.
Никој не знае каде е и што прави овој дипломат, кој претходно работеше и како државен секретар во македонското МНР, функција која се смета за втора во хиерархијата на министерствата.
За време на судскиот процес против „Фокус“, адвокатот на Мијалков мудро сугерираше дека можеби Илиевски отишол во манастир, додека судијката аргументираше оти не е чудно ако човекот го нема, луѓето постојано исчезнувале.
Илиевски не беше достапен ниту за судот и не присуствуваше на ниедно од рочиштата, му доделија адвокат по службена должност, кој, исто така, не размени два реда муабет со ексамбасадорот. Мијалков, иако „наклеветен“, никогаш, ниту во демант, ниту пред судот, не ја објасни неговата страна од приказната.
Со Илиевски комунициравме исклучиво преку имејл, и тоа продолжи во текот на речиси целата 2013 година, меѓутоа непосредно пред последното рочиште, некаде во декември, од него се изгуби трагата и на интернет.
Не одговара на нашите имејлови, не ја користи социјалната мрежа Твитер, каде што беше доста активен, но сега со „Фокус“ се допишува неговата мајка Магдалена Илиевска.
НЕ Е ВО ПОЛСКА КАЈ МАЈКА МУ
Првпат јавноста разбра за проблемите на Илиевски на 17 октомври 2012 година, кога тој излезе на прес-конференција во еден прашки хотел и, како што самиот подоцна објасни, настапил како приватно лице, а не како дипломат.
Алармираше дека неговиот дво и полмесечен син му го одзела сопругата, која, инаку, била по потекло од Шпанија. Наводно, во тоа ѝ помогнала некоја адвокатска канцеларија од Прага заедно со приватна агенција за обезбедување, а Илиевски спомна дека имало и физичко насилство.
Три дена подоцна, тогаш сè уште како амбасадор, Илиевски испрати допис до медиумите во кој вели дека било ризично што излегол во јавност и оти бил подготвен да се соочи со сите евентуални последици доколку му наштетил некому, засрамил некого или нарушил нечиј углед.
Десет дена по неговото второ обраќање, на МИА осамна вест дека мандатот на Игор Илиевски завршил и оти во тек се процедурите на негово место да дојде Паскал Стојчевски, а новинската агенција додаде дека тоа се очекува да се случи набрзо.
Следните два месеца немаше никаква информација за ексамбасадорот, сè додека тој јавно не настапи преку „Фокус“, а во истиот момент и скопски „Вест“ на насловната страница објави дека, според неофицијални информации, Илиевски пребегал во Полска и оти побарал азил.
Во оваа источноевропска држава живее и мајката на Игор. Тој и мајка му до 1992 година живееле во Македонија, но по трагичната смрт на татко му, Миле Илиевски, се преселиле во Полска, каде што Игор ги завршил средното училиште и факултетот, а во 1999 година се вработил во македонското МНР.
Самохраната мајка од 1992 година добива семејна пензија од МВР, каде што работел таткото на Игор, во износ од 140 до 160 долари месечно, за што самата вели дека е многу благодарна.
Магдалена Илиевска, во изјава за „Фокус“ објасни дека не го видела синот речиси година и пол. Во критичниот период, есента 2012 година, често се слушале и комуницирале преку СМС-пораки, но по 29 ноември 2012 година таа нема податок каде се наоѓа Игор.
– Тоа перманентно и многу ме вознемирува и ме загрижува. Одвреме-навреме добивам писма и друг вид пошта, коишто верувам, односно убедена сум, дека се од Игор, што ми дава надеж дека тој е сè уште жив и здрав – вели Илиевска.
Загрижената мајка знае само оти Игор е без пари, нема работа, ниту, пак, здравствено осигурување, а нема на повидок некаква асистенција од која било земја или институција.
– За жал, помошта од официјалните органи на Република Македонија отсуствува во изминативе 13 – 14 месеци. Од она што ми е познато, Игор не се наоѓа во Полска – тврди неговата мајка.
Таа потсетува дека Илиевски од 17 септември 2012 година не го видел својот син, а по еден месец престанала и телефонската комуникација со семејството и до ден-денес не се знае ниту нивната адреса.
Магдалена побарала потврда преку амбасадата на Македонија во Прага: дали и врз основа на што се водат истражни дејствија против Игор Илиевски за периодот по 29 ноември 2012 година!?
– Денот кога се евакуирал од Прага. Мислам дека бил присилен, односно навистина имал потреба да се евакуира бидејќи бил загрозен неговиот живот и јас му верувам – вели мајката на ексамбасадорот.
Од она што го објавуваше порталот „Буревесник“ на Зоран Божиновски во врска со проблемите на Илиевски во Прага, може да се заклучи дека дипломатот имал некаква комуникација и со новинарот кој сега е во притвор како дел од полициската акција „Шпион“.
Илиевски минатата година беше доста активен на интернет и, освен на Твитер, неговите текстови можеа да се прочитаат и на некои од македонските форуми, а често пишуваше за процесот на гасификација, поточно за таканаречениот „Јужен тек“.
За овој проект објави и една куса анализа на еден од македонските портали, под наслов „Гасификација: Некој поставува стратешка замка за Македонија“.
Во текстот тој пишува дека гасификацијата е приоритетна за државава и оти немал ништо против Русија и против нејзиниот гас, но се противел на монопол од еден доставувач.
„Би сакал македонската јавност да биде прецизно запозната со мотивите поврзани со плановите за „пребивање“ долг од 60 милиони долари, односно дали Собранието, дали граѓаните ги знаат сите детали околу ова најавено „пребивање“ на долгот со 20-годишен стаж? Зошто во моментов Македонија плаќа најскап плин во Европа и каква се предвидува да биде цената на гасот во наведените 30 или 35 години?
Дали Македонија свесно или несвесно се вметнува во една несмасна замка, дали преку перманентното инсистирање на Груевски за „Јужен тек“, дали можеби, свесно или несвесно, не се води и јавна политика спротивна на стратегиите на нашите идни сојузници од ЕУ и од НАТО?“, прашува Илиевски во неговата анализа од 25 јули минатата година.
ИЛИЕВСКИ ДОБИЛ ПОФАЛНИЦА ОД ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ИВАНОВ
Околу Игор Илиевски, кратко по неговите изјави за „Фокус“, на 18 јануари 2013 година, во колумна за „Утрински весник“ се огласи и поранешниот дипломат Ѓорги Мисајловски. Пишувајќи за кариерата на Илиевски, Мисајловски тврдеше дека Игор имал уредни комуникации со централата на ВМРО и со личностите кои сега ги осудувал за својата судбина.
„Беше нивна надеж, млад лав, чиста вмровска ДНК со педигре и самопрогласени заслуги“, образложил постариот колега на Илиевски, заклучувајќи дека дипломатската кариера на Игор е завршена.
Само четири дена подоцна, на овој напис реагираше Игор со зајадлив коментар дека веројатно неговиот поранешен претпоставен не го преболел фактот дека решението за пензија му го врачил лично тој. Но, поинтересно е она што следува.
Ексамбасадорот во Прага пишува дека се вработил во МНР благодарение на претседателот Борис Трајковски, а во Чешка бил пратен со указ на неговиот наследник Бранко Црвенковски, додека цело време ја почитувал и ја продолжувал „визионерската политика на Киро Глигоров“.
И како што вели Илиевски, на 13 февруари 2011 година, актуелниот претседател Ѓорге Иванов му доделил пофалница за неговите достигнувања. Во овој текст Илиевски пишува и за својот татко, за кого вели дека бил истакнат на браникот на независна и слободна Македонија и предлага посебна комисија да ги најде вистинските одговори за прераната смрт на Миле Илиевски.
Интересно е дека таткото на Игор Илиевски, Миле, во 1989 година бил еден од таканаречените „Осуммина“ вработени во МВР, кои биле суспендирани од тогашниот републички секретар Јован Трпеновски.
Овој случај честопати се спомнува како почеток на „македонската политичка пролет“, а меѓу „Осумтемина“, покрај Илиевски, биле сегашниот пратеник Павле Трајанов, поранешниот разузнавач, денес осудениот во прв степен во случајот „Агент“, Слободан Богоески, и Александар Диневски кој, пак, е дел од обвинетите во акцијата „Шпион“.
За смртта на советникот во Службата за државна безбедност (СДБ), Миле Илиевски, во македонското Собрание говорел и поранешниот пратеник на ВМРО-ДПМНЕ Александар Флоровски.
Во стенографските белешки од седницата на 21 април 1993 година може да се прочита дека Флоровски ја обвинил СДБ дека е политичка полиција, чија единствена задача била да се дискредитира ВМРО-ДПМНЕ:
„Во оваа смисла битно е да се спомнат неколкуте сомнителни самоубиства, примерот со: Миле Илиевски, советник во Службата за државна безбедност, трагичното загинување на Зоран Јакимовски од Кратово,член на Унијата на млади сили при ВМРО-ДПМНЕ, новинарот на македонското радио и новинар во ГЛАС на ВМРО-ДПМНЕ, Љупчо Анастасовски, убиството на наш член во Куманово од офицер на бившата ЈНА, и на крај уште неразјаснетото трагично загинување на Министерот за внатрешни работи Јордан Мијалков“, изјавил Флоровски преку собраниската говорница пред повеќе од две децении.
На македонските интернет-форуми, како и на блогот на Александар Диневски, поранешниот колега на Миле Илиевски, има коментари во врска со смртта на таткото на Игор.
Динески во еден текст на блогот, подолу во коментарите, иронично објаснува дека Миле Илиевски извршил самоубиство, и тоа со два куршума во главата.
По форумите, пак, може да се сретнат тврдења дека самоубиството е сомнително бидејќи Илиевски постариот се застрелал со повеќе истрели од автоматски пиштол (што само по себе, нели, е невозможно), а оваа теза наводно ја потврдувале зрната од куршумите најдени во рамките од прозорците во неговиот стан.
Улога во демократизацијата на Македонија, според амбасадорот Илиевски, имала и неговата мајка Магдалена, која била заменик-претседател на ОК Центар на ВМРО-ДПМНЕ за време на првите повеќепартиски избори.
ЗОШТО СИТЕ МОЛЧАТ?
Ако го тргнеме настрана судскиот спор на Мијалков со „Фокус“ поради изјавите на ексамбасадорот во Чешка, Игор Илиевски, повторно останува клучно едно прашање. Зошто 13 месеци по изјавата за „Фокус“ нема ни трага ни глас од овој дипломат и зошто тоа никого не го загрижува?
Ние, на рочиштата и во нашите изјави за јавноста објаснувавме дека случајот „Игор Илиевски“ е јавен интерес бидејќи станува збор за македонски граѓанин, кој е исчезнат од непознати причини. Исто така, во центарот на нашето внимание е и детето на Илиевски и потрагата по вистината за одвојувањето на таткото и на малолетниот син.
Сега и мајката на Игор Илиевски, од Полска тврди дека не знае каде престојува тој, меѓутоа таа не спомнува никаков манастир, ами зборува дека е загрижена и неколкупати во својата изјава се надева дека нејзиниот син е жив!
Прв беше Митко Јаневски
НЕ Е САМО ИЛИЕВСКИ
Неколку месеци пред да се огласи Игор Илиевски, преку нашиот весник за своите проблеми говореше и дипломатот Митко Јаневски.
Тој ја алармираше јавноста дека вработен во МНР му се заканувал дека прво ќе биде уапсен, а потоа ќе биде и ликвидиран, по што Јаневски замина од државава. Наводно, заканите ги добивал поради тоа што бил член на партијата на Љубе Бошкоски, Обединети за Македонија.
Дополнително, Јаневски се жалеше оти во Министерството за надворешни работи бил дискриминиран поради неговата сексуална ориентација.
Непосредно по текстот
ХАКЕРСКИ ОБИД!
Десетина дена откако ги објавивме изјавите на ексамбасадорот Игор Илиевски во дневното издание на „Фокус“, имаше обид за хакирање на имејлот преку кој комунициравме со дипломатот.
За среќа, имејл-сервисот на Гугл, Џимејл, не му дозволил пристап на натрапникот, иако со посебен софтвер тој ја погодил лозинката.
Хакерскиот напад се случил од компјутерска адреса сместена во државата Висконсин на североисточниот дел од САД, но тоа не значи ништо бидејќи тој привид може да се постигне од која било точка на планетата.
Интелигентниот софтвер на Џимејл увидел дека од претходното логирање и од она во Висконсин има прекраток период, кој не е доволен некој како било да стигне од Скопје до Америка!
Груевски и Илиевски
НА МАСА СО СОРОС
Интересна тривијалност, со многу симболики може да се извлече од средбата на премиерот Никола Груевски со милијардерот Џорџ Сорос во Прага во јуни 2011 година. На фотографијата што ја овековечи оваа необична средба, нели, Груевски се среќава со душманот СОРОС (намерно го пишуваме со големи букви), веднаш до Груевски, од десната страна е Илиевски, како амбасадор на Македонија во Чешка.
Иронично е што на средбата, Груевски го информирал Сорос за активностите што ги презема владата на полето на социјалната инклузија на Ромите. Онаа етничка група која беше најдолно понижена и злоупотребена минатата недела кога Ромите од Центар беа искористени со нивната прес-конференција за битка против Андреј Жерновски.
Афера
АМБАСАДОРСКА „ОКТА“!!!
Опозицискиот СДСМ во 2010 година, преку пратеничката Радмила Шекеринска, го обвини премиерот Груевски дека знаел, но одмолчил, за злоупотребата од 10 милиони евра за купување руинирани објекти за амбасади во Љубљана, Прага и во Москва.
– Како може да се објасни фактот дека во Прага македонската амбасада „работи“ само со фирми на две исти лица? Од нив се изнајмува дипломатскиот простор, од нив се купуваат услуги и тие исти фирми вршат реконструкции – прашуваше Шекеринска.
Неделникот „Глобус“ истата година пишуваше за аферата и во нивниот текст од април 2010 година ја пренесуваат изјавата на тогашниот потпретседател на СДСМ. Зоран Јовановски:
„Дали државниот секретар Игор Илиевски, како награда за оваа операција, го доби амбасадорското место во Прага, се прашува јавно и Јовановски и додава дека амбасадорската ОКТА допира до највисоките кругови на фамилијата и директно до премиерот Груевски“, стои во текстот на „Глобус“.