Меѓу 50-те најбогати прилепчани, дури 35 биле членови на ВМРО-ДПМНЕ и на нивните коалиционери

by Фокус

Текстот е објавен на 21 декември 2012 година во неделникот „Фокус“,

Пишува
Зоран МИЛОШЕСКИ

Одлуката на најголемата опозициска партија имињата на своите кандидати за градоначалници да ги соопшти неколку месеци пред одржувањето на локалните избори, ја изнесе на виделина (скоро) сета политичка некултура на добар дел од партиската елита на „најмакедонската” партија. Не дека преокупацијата со состојбите во комшискиот двор е нешто ново на македонската политичка сцена.
Сепак, огромното количество негативна енергија, која експонентите на владејачката партија ја испорачуваат на адреса на опозициските кадри, истовремено изненадува и разочарува.

Особено загрижува фактот што критиките на сметка на политичките конкуренти редовно преминуваат во смислени навреди, клевети и, неретко, во говор на омраза. Соочени со индолентноста на државните институции задолжени за спречување на таквите појави, опозицијата нема инструменти да се справи со нив.
На тој начин, сите декларативни заложби на власта за потпишување меморандуми и декларации за фер и слободни избори, не се ништо друго, освен обичен памфлет за мачкање на очите на меѓународната јавност.

 

ДПМНЕ ГИ НЕГИРА ВЛАДИНИТЕ КАМПАЊИ

Копајќи по минатото на Хари Локвенец, кандидат на здружената опозиција „Сојуз за иднината” за градоначалник на Прилеп, агитпропот на ВМРО-ДПМНЕ му најде една „сериозна” мана: човекот бил богат! Од првиот ден на официјализирањето на неговата кандидатура, сѐ до денес, без да посочат конкретни бројки, листа со адреси на наводните дуќани, куќи или станови за кои тврдат дека ги поседува, ДПМНЕ не престана да го валка името и угледот на Локвенец и неговото семејство. Зачудувачки е што во плукачката антикампања, покрај членовите на најтесното раководство на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, се вклучија и градоначалникот Марјан Ристески и пратеникот Димитар Стевананџија.

Недоследноста на политиките и ставовите на партијата на власт во многу наврати биле анализирани и коментирани од стручната јавност. Меѓутоа, со оглед на тоа што во овој случај се работи за класичен пример кога „преродбениците” не се согласуваат со сопствените ставови, на темата ќе ѝ посветиме должно внимание.

Како прво, не е сосема јасно, од кога тоа во оваа држава е грев да се биде богат? Особено што, како во случајот на Локвенец, имотот го стекнал во текот на 20-годишно работење во приватниот сектор, без да извршува партиска или државна функција и без ниту еден ден работен стаж во државната администрација!
Па, нели „реформаторите” потрошија стотици илјади евра на кампањи од типот „Осмели се, направи го првиот чекор”, сѐ со цел да ги мотивираат граѓаните да почнат приватен бизнис?

Според зборовите на опозицискиот кандидат за градоначалник на Прилеп, сите 20 години колку што се занимава со приватен бизнис, неговата фирма работи со иста жиро-сметка и уредно ги плаќа давачките кон државата.

„Сепак, доколку ВМРО-ДПМНЕ се сомнева, или има сознанија за одредени незаконитости во моето работење, ќе ги потсетам дека во нивни раце и под нивна контрола се сите институции кои можат да извршат увид во финансиското работење. Впрочем, во изминативе две децении тоа го направиле безброј пати”, вели Локвенец.

 

НЕ ГЛЕДАЈ ШТО ПРАВАМ, СЛУШАЈ ШТО ЗБОРУВАМ

Во „Етичкиот кодекс на локалните функционери во Македонија”, изработен од страна на ЗЕЛС и на УНДП, во член 28 пишува:
„Функционерот одговара исцрпно, искрено и целосно на секое барање од медиумите што се однесува на информации во врска со вршењето на неговата должност”.
Сепак тоа не важи за прилепскиот градоначалник кој упорно одбива да одговори на прашањата поставени од наша страна.

На истиот ѕид на молчење наидуваме и во прилепскиот ОК на ВМРО-ДПМНЕ, особено по доаѓањето на новиот координатор Никола Димески. Штета, бидејќи можеби таму ќе ги најдевме одговорите на повеќето прашања за кои граѓаните на Прилеп покажуваат особен интерес.

На пример, како го објаснуваат „феноменот” кога луѓе блиски до нивната партија во политиката влегле со фолксваген „буба”, за само по неколку години да стигнат до џипови, куќи во Скопје, станови во Загреб и во Виена и имот во Австралија?

Интересна за анализа е и информацијата на невладината организација „Апел”, која од достапните информации од Министерството за финансии, Централниот регистар и Катастарот, утврдила дека меѓу 50-те најбогати граѓани на Прилеп имало само тројца членови на СДСМ, додека 35 биле членови на ВМРО-ДПМНЕ и нивните коалициони партнери!?

Вниманието го привлекува податокот дека дури 25 од нив богатството го стекнале во транзицискиот период, а дел од „новокомпонираните” богаташи до имотот дошле во периодот 1998-2002 и 2006-2012. На овој список се наоѓале имиња на високи функционери на ДПМНЕ во извршната власт, како и членови на нивните семејства!
И конечно, вкупниот капитал на бизнисмените блиски до фамилијата изнесувал околу 100 милиони евра! А ние, пак, наивни, бевме убедени дека „транзициските” богаташи и олигарсите се дел од политичкиот кампус на Црвенковски!?

 

ПРОБЛЕМИ ИМА, АМА ПАРИ НЕМА!

Наместо да се занимава со длабочината на џебот на Хари Локвенец, „таткото на градот” треба многу повеќе да биде загрижен за вртоглавиот пад на животниот стандард на неговите сограѓани. Игнорирањето на проблемот не значи и негово исчезнување. Напротив. По два мандати и потрошени 120 милиони евра, реалноста не е ни малку розова:
Прилеп прераснува во град на бедата и очајот, град во кој сиромаштијата тропа на вратата на, безмалку, секое прилепско семејство. Во тој контекст, фактите се немилосрдни!

Неофицијалните информации велат дека само во последните три месеци во градот и во околните населени места се затворени повеќе од 80 дуќани и маалски продавници, а дека до крајот на тековната година истата судбина ги чека уште четириесетина други.

Недоградени останаа и неколкуте цркви кои на различни локации во градот почнаа да се градат мината и оваа година. Меѓу нив и црквата „Св.Петка”, за која локалната самоуправа организираше повеќе донаторски конференции и за која градоначалникот Ристески тврдеше дека ќе биде готова до 19 декември 2012 година, денот на патронот на градот, Свети Никола.

Дека пари снемува и во општинската каса покажа последната седница на општинскиот Совет, кога 1.850.000 денари од ставката за зимско одржување на улиците во градот, беа пренаменети за плати на администрацијата. Како за „инает” на небулозната одлука, веќе следниот ден во градот наврна толку многу снег, што нормалното движење низ прилепските улици беше „невозможна мисија”.
Ќе има ли доволно пари за редовно чистење на улиците во претстојната зима, или прилепчани со време да се запишат на забрзан курс по скијање? На одговорот нема да мора долго да чекаме.

Не може со сигурност да се тврди дека забрзаната распродажба на деловните простории на поранешните месни заедници, на плацови за автобуска станица, за куќи и станбени објекти, е во функција на полнење на општинскиот буџет во пресрет на локалните избори. Меѓутоа, од друга страна, тоа е сигурен показател дека градењето „Потемкинови села” власта дебело ја чини и затоа ѝ требаат пари. Многу пари!

 

УА, ШНАЈДЕРИ!!!

Извртување на тезите и пренасочување на вниманието од реалните проблеми е потесна специјалност на спин мајсторите на ВМРО-ДПМНЕ. Или тоа, сепак, се вика бегство од реалноста?

Така, на конкретните показатели за огромната сиромаштија ќе одговорат со „релевантна” ранг-листа на која државата бележи „невиден напредок” или, пак, ќе излезат со официјални податоци од Агенцијата за вработување. За објективноста на овие податоци можеби најдобро зборува токму примерот на Прилеп.

Имено, според информацијата од Агенцијата, бројот на невработени лица на територијата на Општина Прилеп во периодот 31 октомври 2010 до 31 октомври 2012 се намалил од 22.000 на 17.000. Дури и на економските аналфабети им е јасно дека оваа бројка е резултат на „административната ножица” со која невработените се бришат од евиденција. Во спротивно, кога за само две години 5.000 прилепчани би нашле вработување, повеќе од сигурно е дека градот би доживеал економски препород.

Прослава
КОМИТСКА ИЛИ ПАРТИЗАНСКА ВЕЧЕР?

Кон крајот на ноември ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Прилеп ја одржа традиционалната „Комитска вечер”. За разлика од другите градови каде што по истиот повод дошло до физички пресметки меѓу партиските членови, такви „блиски средби” во Прилеп немало. Инаку, на прилепската партиската „игранка” специјален гостин била Силвана Бонева.

Сепак, според луцидните прилепчани ВМРО-ДПМНЕ нема право партиската журка да ја нарекува „Комитска вечер”.

– За „Комитска вечер” треба да има комити, односно вистински и автентични вмровци. Со чест на исклучоците, оние што беа таму се збирштина од поранешни комуњари, бивши членови на СДСМ и на ЛДП кои преку ноќ станаа „поголеми католици од Папата”. Таму имаше сѐ, само не стари вмровци. Затоа, од година, наместо „Комитска вечер”, забавата нека ја викаат „Партизанска вечер”!

Поврзани новости