Каде беа ВМРО-ДПМНЕ да реагираат кога за една година на скопска Гинекологија починаа 200, а за две недели само 20 бебиња

by Fokus

Бебето објавено на фотографијата е само едно од починатите бебиња на скопската Клиника за Гинекологија во 2016 година. Триесет и тригодишна скопјанка пред две години за „Фокус“ сведочеше за хоророт низ кој поминала на клиниката. Бебето фатило сепса, а лекарите ја убедувале мајката дека црвените точки по телото ѝ се поради алергија од памперсот. Тоа беше само едно од серијата случаи на починати новороденчиња што ги објавивме.

Сепак, опозициската ВМРО-ДПМНЕ во тој период додека беа на власт не почувствува никаква потреба да реагира, но затоа пак сега веќе десет дена држат прес конференции на кои јавно ги повикуваат министерот за здравство Арбен Таравари и новата директорка Викторија Јовановска да понесат одговорност за смртноста на бебињата на клиниката, откако пред неколку дена почина тројка, односно три новороденчиња за кои за првпат беше објавено јавно.

Поранешната пратеничка од редовите на ДПМНЕ, Марија Андоновска веќе една недела држи прес-конференции, алармирајќи за страшната состојба во која се наоѓа клиниката, а за што „Фокус“ во 2016 и 2017 година објави серијал на текстови. Само во 2016 година, додека ДПМНЕ беше на власт, на истата клиника починаа околу 200 бебиња, од кои 20 за само две недели.

Меѓутоа, во тој период тогашната владејачка партија не одржа ниту една прес-конференција и не излегоа со никакви податоци, иако од клиниката секојдневно излегуваа страшни информации со сите детали колку новороденчиња и родилки починале, кои се тие, како и тоа, колку лекарски грешки се направени. Во тој период, „вмровците“ не беа заинтересирани за хоророт што се случува во болницата, па се свестија дури сега, односно само три недели по промената на раководството на клиниката.

Зошто од тогашната владејачка партија не излегоа ниту еднаш на терен да проверат што се случува внатре во болницата или да формираат Стручна комисија за да ги проверат причините за умирањето на бебињата, па на крај транспарентно да ги споделат информациите со јавноста. Можеа слободно да утврдат дека нема доволно инкубатори, дека клиниката врие од интрахоспитални инфекции, наместо цело време да нѐ убедуваат дека таму владее бајка.

Како баш сега, во последниот месец сфатија дека новороденчиња умираат, кога тоа е секојдневие години наназад? Зошто ДПМНЕ и нивниот тогашен министер Никола Тодоров не одговорија на ниту едно од нашите прашања, кои редовно им ги поставуваме.

Факт е дека состојбата со зголемената смртност на бебиња на клиниката е алармантна, но тоа не е само во последните три недели како што опозицијата сака да ги престави работите. „Фокус“ во последните три години редовно бараше одговори од поранешната директорка Марија Хаџи-Лега, иако таа упорно не игнорираше, па само на еден месец пред заминување од директорското столче нѐ удостои со одговори.

Не е спорно дека опозицијата треба да ја критикува работата на власта, но „вмровците“ треба да бидат свесни дека тие 11 години беа на власт и јавното здравство го донесоа на дното. Да не зборуваме дека вратите за проблемите на пациентите секогаш беа затворени, а од транспарентност немаа ни „т“. Тие изградија Бел Дворец, но затоа болниците ги оставија како во хорор филм. Така да, ВМРО прво да го вратат филмот назад и да се потсетат дека само до пред три месеци беа на власт, а до тогаш не им текна на ниту едно починато бебе.

Ирена МУЛАЧКА

 

Поврзани новости