Кабинет на Иванов: Комисијата за помилување не се укинува

by Фокус

Комисијата за помилување не се укинува и е постојано работно тело на Претседателот на Република Македонија, соопшти Кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов.

– Комисијата за помилување е формирана во 1991 година врз основа на Одлуката за организација и делокруг на работа на Кабинетот на претседателот на Република Македонија. Оттука, Комисијата за помилување постоеше и пред донесувањето на измените на Законот за помилување во 2009 и како и досега и понатаму ќе продолжи да функционира како советодавно тело на претседателот – се наведува во соопштението.

Од Кабинетот велат дека претседателот досега не коментирал и нема да коментира одлуки на Уставниот суд.

– Претседателот Иванов, како и досега, така и во иднина, во извршување на оваа негова уставна ингеренција ќе се води исклучиво според законите, односно одлуките за помилување ќе ги носи согласно постапката и одредбите од Законот за помилување – се наведува понатаму во соопштението.

Поврзани новости