Кабинет на Хан: Фер избори се многу поважни од датумот на избори

by Фокус

За еврокомесарот Јоханес Хан суштината и содржината на политичкиот процес, кој произлегува од договорот од Пржино, е поважна од догматско држење до датумот за избори, велат за Алсат-М од кабинетот на еврокомесарот во појаснување на неговите позиции по вчерашните разговори во Скопје.

Со оглед на тоа што една од 4-те партии и дел од граѓанските организации сметаат дека не се можни фер и демократски избори во април, тоа треба да се земе предвид и лидерите на 4-те партии треба да седнат и да се договорат за датумот за избори. За еврокомесарот Хан, како што велат од неговиот кабинет, е важна и посветеноста на сите 4 партии на договорот од Пржино во целина, независно од датумот за избори. За ова Хан добил уверување од сите лидери.

Еврокомесарот сака да види избори со учество на сите 4 партии и ќе продолжи да го поддржува процесот што ќе обезбеди фер и демократски процес. За Хан, велат од неговиот кабинет, е важно да се прочисти избирачкиот список и да се обезбеди рамноправна медиумска можност за сите учесници на изборите да ја презентираат својата понуда, а граѓаните да имаат пристап до точно и објективно информирање.

Поврзани новости