Имало и полошо од Груевски

by lali

Јасно беше дека Груевски нема да ризикува да го пополни своето место со некој квалитетен политичар, човек со карактер, со знаење и образование, културен човек, кој не потпишал бланко-меница. Така и дојде на ред овој нем лик, со потекло од Долни Стубол и Пробиштип, лош ученик, уште полош студент, кој поседува дозвола за три парчиња оружје. Пасиониран ловџија. Послушник.Тоа би требало секој нормален човек да го удри како гром. Неговата слика во маскирна униформа не може да го прогласи за ништо друго, освен за убиец на животни. Морници да те полазат. Гонич.

Да кажеме, еве, хипотетички, дека утре овој триесет и седумгодишен лош студент, пасиониран ловџија и лојален член на ВМРО треба да ја води државата согласно векот во кој живееме. Што може да се каже за Емил Димитриев, нашиот нов премиер, а да биде добро. Конспиративниот студиозен и лојален млад господин со подбрадок, сѐ уште млад, а веќе гојазен, како палаво дете „толчи-молчи“, непрецизно стегнат во кошула и лошо избрана вратоврска, каква порака им праќа тој на граѓаните на оваа држава, ионака паднати во рамнодушност и апатија.

Да не се лажеме. Ова веќе сме го виделе. И Груевски пред единаесетина години влезе во политиката и во нашите животи на мала врата, згргурен, со лоша фризура и со два броја поголемо одело. Социолозите велат дека тие што си купуваат поголем број, страдаат од комплекс на пониска вредност. И еве нѐ денес со чорбата што тој ни ја свари и во која изнафрла сѐ што му дојде до рака. И онака тој не ја срка. Тоа се тие на прв поглед ненаметливи луѓе со поглед фиксиран некаде долу лево, десно, само не таму каде што треба. И со лисичја насмевка.

Груевски бил вонреден студент на Економскиот факултет во Прилеп, а во слободно време боксер. Заменикот не знае историја, но упорен е и работлив, како што се повеќето од опкружувањето на Груевски. Упорен и работлив, тоа не значи дека работи на себе или работи во бавча, туку работи на искачување на хиерархиската скала на начин веќе познат во политичките вмровски кругови. Популарноста не се стекнува со знаење, туку со конспиративност и со познавање на сите можни финти со кои се игра онаа игра со празни кутии од кибрит. Зошто Емил не би му бил симпатичен на овој народ, Емил гоничот на дивеч по македонските планини. Проблемот настанува уште на почетокот, со површното гледање на карактерот и со физичките карактеристики на овие ликови, кои во себе кријат толку големо его, колку што е мало нивното потекло, образование, интелигенција и сѐ што треба да стои во биографијата на еден водач на држава. Тие лојални, локални, политички сплеткари, чиј поглед дофрла многу подалеку од студентскиот дом „Стив Наумов“, каде што ги оформуваат своите кружоци и до каде ќе тргне во животот, не заснована на знаење, туку на пука амбиција поттикната од базичната фрустрација и комплекс дека се никој и ништо.

Емил Димитриев е функционер со влијание во партијата на Груевски, од оние луѓе кои кога ќе излезат на говорница се сигурни дека излегле од калта на Пробиштип, за скопјани непознат на мапата на Македонија. Спремен за одмазда. Како ќе добива на значење и на функција, така ќе се менува неговиот лик. Како народот околу него ќе бива посиромашен така, тој ќе бива понаконтен, впрочем го има шефот за добар пример. Тој во најмала рака Путин се замислува во Скопје, како да е Москва што лежи на долари. Заедничко им е тоа што никогаш не прочитале ниту една од книгите што ги држат в раце и буљат во нив без да гледаат што пишува. Таа голема група луѓе знае дека на друг начин се опстојува во вакви градови-држави, потполно отцепени од светот, без каква било допирна точка со времето во кое живееме. Емил Димитриев, лошиот студент – ловџија ќе биде претставен како близок до народот, некој што нема да го понижува, што излегол од истата кал во која сите се валкаме. И на никого нема да му текне да го проверува што носи, што вози, да го стави на тест, на знаење на македонски и англиски јазик.

Со овој избор Груевски ни покажа дека има и полошо од него. А мислевме дека тоа е невозможно. Само тоа е придобивката од оваа претстава на која присуствуваме со дејствие на Пржино.

Имало уште помали луѓе со уште поголемо его. Како некогаш. И тој беше помал човек од Георгиевски со уште поголемо его. Еве до каде дотурка.

Поврзани новости