Ќе се вакцинираат сите мигранти кои ќе престојуваат во Македонија поради опасност од ширење на заразни заболувања, шуга и вошки, најави денеска министерот за здравство, Никола Тодоров. Доктори инфектолози и дерматовенеролози ќе ги посетат миграните во Центарот во Гази Баба, а Комисијата за заразни болести од Министерството за здравство подготвува план за имунизација.
-За вакцинацијата ни е важно да бидат вакцинирани сите оние кои подолго се задржуваат во Р.М. Оние кои транзитираат само може да се изврши дезинфекција на превозните средства ,возовите или автобусите, а оние кои подолго од 72 часа ќе останат во земјава по било кој основ, тие доколку во себе немаат доказ дека се вакцинирани ќе се прави вакцинација, рече министерот Тодоров.
Инаку, дел од активистите за човекови права и натаму укажуваат на нехуманиот третман на мигрантите во Македонија. Активистот Суад Мисими, кој веќе пет дена штрајкува со глад, од денеска го радикализираше неговиот начин за барање подобри услови за мигрантите и престана да пие и вода.