Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ најави дека до Собранието ќе достави предлог за изменување и дополнување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување.
Станува збор за популарно наречениот Закон за хонорарците кој што од 1. јануари годинава ги задолжуваше сите оние кои што ќе добијат хонорар над 9.500 денари, без разлика дали се вработени или не, да плаќаат придонеси за пензиско и здравствено осигурување, покрај персоналниот данок.
– После подолги консултации со повеќе надлежни државни институции, но и после длабока анализа на сите аспекти и забелешки на повеќе граѓани, организации и претпријатија, Пратеничката група подготви предлог со кој би се одговорило позитивно на барањата, но во исто време не би се изгубила главната цел и праведност на претходните измените на законот, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата велат дека со најновите измени и дополнувања се врши прецизирање и олеснување на условите за плаќање на придонеси на надоместоците остварени по основ на договор на дело, авторски договор или друг вид на договор со кој се остварува надоместок:
• Лицата кои остваруваат приходи од работен однос (вработени лица) и лицата кои остваруваат приходи по основ на пензија (пензионери) се ослободени од обврската за плаќање придонеси доколку остваруваат дополнителни приходи на месечно ниво по основ на договор на дело, авторски договор или друг вид на договор, помали од износот на просечната нето плата исплатена во претходната година согласно податоците на Државниот завод за статистика (околу 21.300 денари). Овие лица ќе плаќаат придонеси само на износот кој го надминува овој праг од 21.300 денари. Ова од причина што овие лица веќе се вклучени во системот на социјално осигурување.
a. Пример 1: Доколку вработено лице или пензионер оствари дополнителен приход по еден од овие основи помал од 21.300 денари, нема да плаќа придонеси.
b. Пример 2: Доколку вработено лице или пензионер оствари дополнителен приход од 27.000 денари, ќе плати придонеси само за разликата до просечната плата, односно придонеси ќе плати само за сумата (разликата) од 5.700 денари.
• Лицата кои не се во редовен работен однос (невработени лица), а кои остваруваат надоместоци по основ на договор за дело, авторски договор или друг вид на договор, се ослободени од обврската за плаќање на придонеси до износот на минималната плата утврдена со закон (9590 денари). Овие лица ќе плаќаат придонеси само на износот кој го надминува овој праг од 9.590 денари. Ова е со цел да се заштитат интересите на лицата кои до сега се ангажираа по некој од овие основи, но на кои не им се плаќа пензиско и здравствено осигурување.
c. Пример 1: Доколку невработено лице оствари дополнителен приход по еден од овие основи помал од 9.590 денари, нема да плаќа придонеси.
d. Пример 2: Доколку невработено лице оствари дополнителен приход по еден од овие основи од 15.000 денари, ќе плати придонеси само на сумата над минималната плата, односно придонеси ќе плати само за сумата (разликата) од 5.410 денари.
• И во двата случаи олеснување е што придонеси ќе се плаќаат само на износот кој го надминува прагот од 9.590 ден (за невработените лица), односно прагот од 21.300 ден (за вработените и пензионерите). Ова значи дека лицата кои не се вработени, а остваруваат приходи по основ на договор, придонеси ќе плаќаат само на разликата меѓу исплатениот нето надоместок и минималната плата. Вработените лица и пензионерите кои остваруваат приходи по основ на договор придонеси ќе плаќаат само на разликата меѓу исплатениот нето надоместок и просечната нето плата.
• Лимитот за просечната нето плата за плаќање придонеси ќе се применува се до влезот на Република Македонија во Европската унија. По влезот во ЕУ, вработените и пензионерите ќе плаќаат придонеси на приходите остварени од дополнителна работа над износот кој го надминува прагот од минималната плата.
• Доколку вработено лице остварува дополнителни приходи по основ на договор кај истиот работодавач или кај правно лице кое е капитално, управувачки и/или роднински поврзано со работодавачот, во тој случај придонеси ќе се плаќаат на целиот износ на приходите остварени по основ на договорот. Целта на ова решение е да се спречат евентуални злоупотреби на работодавачи кои ангажираат лица на минимална плата и плаќаат минимални придонеси, а им исплаќаат дополнителни приходи преку договори со што им го скратуваат правото за соодветна пензија. Ова решение е во интерес на работниците.
• Со цел постигнување поголема правичност, со измените на Законот се укинува и ограничувањето на највисоката основица за пресметка и плаќање на придонесите како по основ на плата, така и по основ на приходи остварени од договори за дело, авторски договори или друг вид на договор со кој е определен надоместок за извршена работа.
• Со измените на Законот се предвидува дека придонеси ќе се плаќаат само на веќе исплатени хонорари.
• Новите решенија од измените и дополнувањата на Законот ќе стапат на сила веднаш со денот на донесувањето и со оглед на тоа што се поповолни за граѓаните ќе се однесуваат и на пресметките и исплатите за приходите остварени во јануари 2015, преку порамнување.
• Рокот за поднесување на пријави во месец февруари 2015 година ќе биде до 25 во месецот, со цел овие измени да имаат ефект веднаш.
Со оглед дека предлогот доаѓа од владејачката партија која што има мнозинство во парламентот повеќе од сигурно е дека пратениците ќе ги изгласаат промените.