Ќе има сурогат мајчинство, но со драконски казни за злоупотреба

by Fokus

Сурогат мајчинство, односно предлог-законот за раѓање дете за друг влегува во Собрание, откако претходно беше усвоен од Владата. Жената што ќе роди дете за друг, тоа мора да го направи од хумани причини. без никаков паричен надомест, информираше денеска министерот за здравство Никола Тодоров. Според него, на овој начин не смее да се прави бизнис и трговија, бидејќи тоа ќе преставува кривично дело.

– Овој концепт не смее да се гледа како бизнис, туку како чин на хуманост. Тоа е алтруистичко сурогат мајчинство. Подобро е бројот на мајките – гестациски носители  да биде помал, за да не се претвори во трговија. Давањето на пари, дијаманти, злато или присвојување на било каква материјална корист ќе се смета за кривично дело со казна затвор до десет години и повеќе. Исто така, ќе следува казна и за медиумите што јавно ќе го изнесат идентитетот на мајката што го носи детето и тоа до три години затвор – истакна Тодоров.

Според него, законот во Собрание треба да биде изгласан во редовна процедура. Министерството за здравство ќе располага со евиденција на потенцијални гестациски носители и брачни парови. Жените, потенцијални сурогат мајки, треба да бидат на возраст од 25 до 50 години.

 

Поврзани новости