За денеска е закажана седница на Советот на јавни обвинители со неколку точки на дневен ред, но последните информации беа дека ја нема точката за избор на седум обвинители од тимот на специјаланата обвинителка Катица Јанева. Точките за кои ќе се зборува на седницата се поврзани со избор на членови на Академијата за судии и обвинители, со комисија за спроведување јавни набавки и други споредни, тековни прашања.
Сепак, некои членови на Советот со кои зборувавме, очекуваат дека некој од присутните дополнително ќе ја предложи точката за избор на обвинители, доколку нешто не се променило во планот после пропаднатите преговри за избор на министри на опозицијата, особено околу нивните ингеренции. Дека нешто е договорано околу обвинителите потврдува и вчерашното одложување на седницата на Советот за денеска со образложение дека се неопходни дополнителни консултации. Иако не се открива какви консултации, сепак лесно е да се претпостави. Но дали планот од вчера, ако е договорено да се вметне отпосле точка на дневен ред ќе важи и денеска?
Сега политичкиот дел е заглавен во изборот на министри за внатрешни и за труд и социјала од опозицијата. СДСМ исто така треба да предложи заменици во земјоделие, финансии и информатичко општество. Но по се изгледа партиите не можат да се договорат какви овластувања да има, целосни, како што сака опозицијата, или пак, делумни, како што инсистира власта? Колку сега заглавените преговори ќе влијаат на изборот на обвинителите?
Секако дека е добро обвинителите да се изгласаат и таа точка да се симне од дневен ред, а Јанева да може полека да започне со работа, додека политичарите не се договорат за останатите прашања, ако воопшто има атмосфера и волја за тоа. Се ќе биде појасно во текот на денот по завршување на седницата на Советот. А кога и дали ќе продолжат преговорите не се знае.