Средношколците протестираат!

by Фокус 09:01
09:01

Пред фонтаната на Градскиот парк во Скопје, денеска во 12.30 часот ќе тргне средношколскиот марш, организиран од Средношколскиот пленум. Со овој протестен марш, чија крајна цел е Министерството за образование, средношколците ќе го изразат своето незадоволство од лошите реформи во образованието и ќе побараат да биде укинато екстерното тестирање. Според најавите, се очекува маршот да добие масовна поддршка од граѓаните и од Студентскиот пленум.

-Ние како ученици почнавме да трпиме силни притисоци од нашите директори. Под тоа ги подразбираме заканите од нив во врска со нашето присуство на утрешниот средношколски марш. Цитираме „нема да биде како минатата година, навистина ќе ве запишуваме”. Тука спаѓаат и бројни закани за педагошки мерки, намалени оценки, намалени поведенија и се така по ред, кое веќе стана вообичаено за господата директори“, соопшти вчера Средношколскиот пленум.

- Advertisements -

Со оглед дека пролетните протести не ги натераа министрите да направат промени во образованието, уште помалку во процесот на реформирање да ги вклучат сите чинители, па вклучително и средношколците, учениците одново преку улични демонстрации ќе го изразат незадоволството. Тие повикуваат на мирен, достоинствен и протест без провокации, а се надеваат дека зад нив се и сите родители, граѓани и наставници.

-Ние баравме различни промени, коренити, промени кои ќе го подобрат нашето образование, но тие наши очекувања се сведоа на нула, а МОН останаа глуви, неми и слепи на нашите гласови и идеи. Затоа, будење! Ве повикуваме да не почестите со вашето присуство на нашиот прв за оваа учебна година средношколски марш, на 21.10.2015 (среда). Збирното место е на фонтана (Градски Парк), со почеток во 12:30 часот. Направете нешто корисно за вас, за сите нас како целина, приклучете се на толпата од моќна младина по скопските улици, и кренете го гласот против лошите реформи, бидејќи не се работи за нешто на нас туѓо, ЗА ОБРАЗОВАНИЕТО СЕ РАБОТИ!“, порачува Средношколскиот пленум.

Поврзани новости