Ќе даде ли БЕСА збор?

by lali

Беше сосема природно да се појави нов политички субјект кој ќе ги артикулира политичките потреби на Албанците во Македонија. Рамковниот договор, и по 13 години од потпишувањето, не е спроведен во целост, па повеќе од јасна е потребата за нова албанска партија.

Ако на тоа ја додадеме недовербата во државно-партиските институции, немањето фер и демократски избори, уништувањето на независните медиуми, сѐ поголемата сиромаштија, нереализираниот попис на населението, до крај нерегулираната употреба на албанскиот јазик како втор службен јазик и блокираните НАТО и ЕУ интеграции, тогаш е чудно како досега се нема појавено нова албанска политичка партија.

ПЛАСТЕЛИН ПАРТНЕР

Зошто е чудно? Никола Груевски многу потешко ќе глумеше нормалност во општественото лудило и во партиското насилие што го наметна ДПМНЕ, доколку покрај себе ги немаше своите политички полтрони Али Ахмети и Мендух Тачи, како и оние политички полтрончиња кои као ги претставуваат другите етнички заедници: Кенан Хасипи, Амди Бајрам, Неждет Мустафа, Авдија Пепиќ, Иван Стоиљковиќ, па ако сакате и поглаварите на МПЦ и на ИВЗ.

За сите нив, заеднички именител е што повеќе мислат како да му се додворуваат на Груевски, отколку на состојбата на својот народ, за кој така гласно се преправаат дека го застапуваат, а сѐ со цел да си ги зачуваат малку влијателните столчиња.

Долго време на штетните политики на Груевски им нема автентични одговори од страна на другите етнички заедници. Сите анкети покажуваат дека преку 90 отсто од Албанците сакаат членство во НАТО и во ЕУ. Сите анкети покажуваат дека преку 90 отсто од Албанците не ги одобруваат политиките на Груевски. А притоа ДУИ и ДПА, кои го претставуваат огромното мнозинство од Албанците што излегле на гласање, со своите позиции се ставаат во корист на политиките на Груевски.

Очигледно е дека ДПМНЕ го игнорира рамковниот договор колку што може. Прашање на време е кога ќе може уште повеќе. Али Ахмети во една пригода ќе каже: Во Македонија нема многу простор за многу политички партии на Албанците. Двете големи албански партии во Македонија се многу реални и продуктивни за Албанците од Македонија, а третата ќе биде само штетна.

Тоа е менталниот склоп на „демократот“ Али Ахмети, кој заедно со Мендух Тачи се дел од триаголникот што го предводи Груевски. Груевски е на чело на власта, ДУИ е пластелин партнер, ДПА е пластелин опозиција на владејачката политика, но и на ДУИ. На сите заедно им е многу удобно во општественото лудило.

ТРИАГОЛНИКОТ ГРУЕВСКИ-АХМЕТИ-ТАЧИ

За жал, ниту опозицијата предводена од СДСМ не успеа да смогне сили сама да даде понуда кон гласачите-Албанци, по неуспешниот обид да направат коалиција со ДПА. Опозицијата немаше визија како да го скрши триаголникот Груевски-Ахмети-Тачи.

Впрочем, и во оние 370.000 гласа за опозицијата во 2011 година, како и во оние 400.000 гласа за Стево Пендаровски има огромен број гласачи –Албанци и гласачи од помалите етнички заедници, што, за жал, опозицијата не знаеше да го искористи.

Поради целиот овој контекст, сите оние кои на Македонија ѝ сакаат подобро утре, на Беса ѝ посакуваат да биде автентична партија, која во својата суштина ќе се разликува од ДУИ, ДПА и од другите партии на помалите етнички заедници кои се во коалиција со ДПМНЕ.

Тврдам дека има простор за нова албанска партија во Македонија. Сѐ што треба да направи БЕСА е да подвлече дебела линија во која Груевски, со неговите ДУИ и ДПА е од едната страна, наспроти интересот на преку 90 отсто од Албанците во Македонија од другата страна.

Таа дебела линија не треба да биде подвлекувана со национализам, затоа што таквата лесно ќе биде избришана од режимот и од неговата пропаганда.

Линијата треба да се подвлече со јасна програма во која ќе има предлози за сите граѓани да бидат рамноправни, борба за враќање на демократијата, како и решавање на сиромаштијата и невработеноста наспроти стотиците милиони евра фрлени во споменици и во плоштади.

БЕСА треба да научи многу од грешките на Имер Селмани и на Руфи Османи.

Прво, ДПМНЕ, ДУИ и ДПА ќе бидат здружени да не дозволат да заживее независен албански фактор во државата. Второ, секое флертување со Груевски ќе значи нивно „горење“ уште пред да застанат на нозе. БЕСА своите политички партнери треба да ги бара во сите противници на режимот.

Сепак, партнерите треба многу внимателно да ги избере, а тие партнерства да се базираат врз јасни програмски определби, а не само врз декларативни заложби. Значи, БЕСА има простор, само дали и како ќе го искористи!

Поврзани новости