К-15 за вработените во јавниот сектор од следната година

by Fokus

Вработените во јавниот сектор и правосудството од следната година ќе добиваат К-15 и јубилејни награди. Ова е договорено меѓу синдикатот на УПОЗ и Министерството за информатичко општество и јавна администрација и ќе стои во гранковиот колективен договор за секторот кој треба да се потпише за две недели, соопшти денеска претседателот на УПОЗ, Пеце Грујовски на потпишувањето на колективниот договор на ниво на работодавач во Агенцијата за катастар.

– Министерот за информатичко општество, Дамјан Манчевски деновиве треба да се произнесе околу предлогот за висината на К-15 по што ќе биде потпишан гранковиот колективен договор. Очекувам за две недели да ставиме потпис на Договорот – рече Грујовски.

Тој соопшти дека досега на ниво на работодавач се потпишани 15 колективни договори во јавни институции, 10 се во подготовка, додека 3 до 4 колективни договори чекаат потпис деновиве. Меѓу нив и на Службениот весник.

– Засега добро одат преговорите во јавните институции, но многу потешко ќе оди потпишувањето на колективни договори на ниво на работодавач во правосудските органи, но се надеваме дека Гранковиот договор ќе им ги даде сите права на вработените во јавниот сектор – рече Грујовски.

Колективниот договор на вработените во Агенцијата за катастар, што денеска го потпишаа претседателот на УПОЗ, Грујовски, директорот Борис Тунџев и претседателот на синдикатот во Катастарот Љубиша Јовановски опфаќа 857 работници и е потпишан по 10 години.

Тој, како што рече првиот синдикалец во Катастарот, Јовановски е преговаран две години и ги зголемува правата на работниците.

– Со овој договор вработените во Катастарот го добија правото на зголемени работни часови, правото на слободни денови и отсуство од работа, добиваат К-15 и јубилејни награди независно каде ги направиле годините на стаж и се зголемени правата од безбедност при работа. Наша задача е да го зголемиме и додатокот на платите кој сега е 15 отсто на 30 отсто – рече тој.

Покрај колективниот договор, како што рече директорот на Катастарот, вработените добија и зголемување на платите и останува сега да ги дадат ефектите од работењето.

– Вработените не треба да заборават дека од другата страна на шалтерот стои граѓанинот кој го финансираше ова зголемување на платите и тој треба биде задоволен од услугата дадена од нив – рече Тунџев.

Тој рече дека се подготвува и нова систематизација на работните места која треба да даде решение и за дизбалансот на потребниот број вработени.

 

– Од една страна имаме недостиг од геодетски инженери, а од друга страна имаме поголем број на вработени кои немаат соодветно образование. Ова ќе го решиме со новата систематизација која се подготвува – рече Тунџев.

Поврзани новости