Јоце Панов: Во Србија популарни, кај нас со мизерен третман

by fokus

Поп пејачот Јоце Панов и официјално е најпопуларниот пејач од Македонија во соседна Србија.

Завчера, на манифестацијата ,,Краљевски музички фестивал“, тој ја доби наградата за популарност во присуство на многубројната публика.

,,Многу сум горд на постигнатиот успех, на оваа вредна награда која што во Србија е како еден вид на оскар на популарноста. Пред две години добив награда во Врњачка Бања за најперспективен странски пејач во Србија, а сега и оваа во Краљево, за најпопуларен пејач од Македонија. На настанот отпеав две мои песни на српски јазик ,,Брига ме“, и ,,Она прва што се памти“, и реакциите на публиката беа одлични. Многу сум благодарен поради укажаната чест“, – ни изјави Панов.

thumbnail_joce-p10

Сепак, тој не крие дека е доста разочаран поради моменталната состојба со музиката во земјава, односно поради забраната за емитување на македоснки и српски песни во етерот, донесена од страна на ЗАМП.

,,Не ги знам сите поединости околу забраната на ЗАМП, но знам дека уметниците во Македонија, посебно изведувачите, се третирани најмизерно во целиот свет! Јас би поддржал опција која што ќе направи и пејачите да бидат подеднакво третирани како авторите на една песна, односно процентот од емитување на една песна да се дели на четири еднакви делови, по 25 проценти за текст, музика, аранжман и изведувач“, – вели Јоце.

Тој неодамна на својот Фејсбук профил објави список со негови песни чии што автори се од Хрватска и не подлежат на забраната за емитување, и апелираше до радио и ТВ станиците дека слободно можат да ги емитуваат.

На сцената е присутен околу десеттина години и зад себе има многу хитови. Чест гостин е на фестивали во Србија, Хрватска и Црна Гора, каде што неретко го споредуваат со популарниот Саша Ковачевиќ.

Во Македонија е познат по маратонските настапи, бидејќи се случува за време на концерти во дискотеки и клубови, без пауза да пее и по четири часа.

Вики Клинчарова

Поврзани новости