Јоце Панов: Работата со Цацко оди како песна!

by fokus

Популарниот поп пејач Јоце Панов заплови во актерските води. Деновиве тој сними реклама за компанија за завршни материјали во градежништвото. Во неа глуми заедно со Бубо Каров, односно Цацко од хумористичното шоу К15, а најавува снимање на уште една реклама наскоро.

За ,,Фокус” вели дека би сакал да се испроба и на филмското платно, бидејќи границата помеѓу музиката и актерството за него била тенка линија која лесно се минува.

-Желбата да се појавам во рекламата беше на фирмата која се рекламира, а со Бубо соработката помина во забавна атмосфера. Многу пати сум го имитирал неговиот лик од скечовите и тој тоа го знае, секогаш го засмејувам, па лесно се вклопивме како актерски тим – вели штипјанецот.

За Бубо, раскажува дека го гледа како жива легенда, со која што растел и кој бил негов идол уште од тинејџерските денови. -Едвај го чекав терминот на К15 на телевизија, ги гледав скечовите, ги учев на памет, потоа ги имитирав. Растев со нив и тие ликови беа мои идоли. Целата екипа беше составена од доста мудри луѓе, и ако човек навлезеше во суштината на нивниот хумор, очигледно беше дека скечовите беа доста поучни – тврди Панов.

Додава дека музиката е неговата најголема љубов и животна определба, но еден ден би сакал да заигра и во филм.

-Уште кога бев дете, сакав да ги засмејувам сите околу мене. Често си правев разни скечови, дури и на моја сметка, само да им биде забавно на моите блиски и на пријателите. Глумата е поврзана со музиката, тие одат заедно, така да би ми било чест ако играм и некоја голема улога на филм, еден ден – вели музичарот.

Тој е присутен на сцената околу 15 години и е чест гостин во соседството. Настапува на познати фестивали во Црна Гора, Хрватска, Бугарија, Србија… Има повеќе хитови зад себе, а пред два месеци го промовираше новиот спот за нумерата ,,Денес љубовта победи” кој е изработен со кадри од неговата свадба.

Вики Клинчарова

Поврзани новости