Јордан Митев: Мои колеги го откажале настапот на прославата на ,,Бојкотирам”, а јас пеев од љубов кон народот, без надоместок!

by Fokus

Фолк музичарот Јордан Митев вчера настапи на собирот во Скопје, каде што движењето ,,Бојкотирам” ги славеше резултатите од референдумот со музичка програма.

Тој пееше патриотски песни пред присутните, а за ,,Фокус’ раскажа кој бил мотивот да настапи на собирот, дали е дел од организаторите, дали пеел за висок хонорар или пак од љубов кон земјата, но и дека тој лично е за достоинствен влез во ЕУ и НАТО.

-Не, јас не бев ниту во организацијата, ниту во движењето. Бев еден од многуте совесни граѓани на Македонија кој не гласаше на референдумот, бидејќи сметав и сметам дека со договорот кој требаше да го прифатиме ние како Македонци, требаше да платиме превисока цена за влез во ЕУ и НАТО. Секако дека јас сум за ЕУ и НАТО, но да влеземе достоинствено и како народ, а не како штотуку произведени безимени роботи. Од движењето „Бојкотирам ми се јавија и ми кажаа дека ќе има семакедонска народна прослава во која ќе се слави гласот на народот и желбата на народот, а тоа е Македонија и македонски народ со своја историја, култура и посебност. Имале договорено некои мои колеги, но истите откажале на самиот ден на референдумот. Кога ме прашаа мене дали ќе сакам“ да дојдам, јас како човек кој што има голема професионална подршка од македонскиот народ во и надвор од Македонија, не сакав, а и морално не можев да им го свртам грбот. Од организаторите ми беше кажано дека тие се спремни и да си надоместат колку што треба. На уште не завршена прашална реченица, мојот одговор беше дециден дека јас не сакам никаков надоместок! Тоа ќе го направам само од љубов кон својот народ. Како и многу настапи од таков тип, но овој, беше настап со посебна тежина и одговорност, бидејќи се работи за мојата земја и народ. Јас не сум од тие артисти кои секаде ќе пеат и се ќе пеат за пари. Има нешто што не се купува за пари, а тоа е образ и достоинство –тврди Митев, кој е еден од најбараните фолк пејачи во дијаспората.

Додава дека би пеел и во случај референдумот да го добиеше потребното мнозинство, бидејќи никогаш не вртел грб на оние кои си ја сакаат својата земја.

-Да, јас и тогаш доколку бев поканет ќе настапев, бидејќи и тогаш немаше да им го свртам грбот на искрените Македонци кои што си ја сакаат својата земја – потенцира музичарот.

Исто така, вели дека треба да научиме да се почитуваме, и да не менуваме име, туку ментален склоп. Наместо на музичари од страна, големите хонорари требало да се дадат на нашите квалитетни естрадни уметници.

-Едно да научиме ние: Ние не треба да си менуваме име, ние треба да си го смениме менталниот склоп, да научиме да се почитуваме и да се поддржуваме во се, па и во музиката. Проблемите никој нема да ни ги реши освен ние самите. Наместо на гроздобери, татлијади, сомунијади и какви се не ЈАДИ, големите хонорари треба да ги пуштат меѓу квалитетните естради уметници…па да видете како тогаш ќе има и естрада. Така и во другите бизниси. А не ние ќе пееме за семки и аплауз, а од страна ќе ви дојдат, ќе ги товарите добро и ќе си одат без да ги допреме, а камоли да се сликаш. Значи, да работиме на себе. Така ќе бидеме почитувани секаде, а не секој да се зае*ава со нас – порача Митев.

Вики Клинчарова

Поврзани новости