Јолевски: Не ни треба нас само од странство да ни кажат за корупцијата, самите знаеме

by Fokus

Работата на обвинителството и особено на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција е клучна во борбата против корупцијата (ОЈО ГОКК) и сметам дека тоа обвинителство ќе треба сега малку повеќе и поинтензивно да работи, изјави денеска претседателот на Совет на јавни обвинители, Антонио Јолевски.

Според Јолевски, резултатите ќе се видат кога ќе почне да се отвораат предмети, нагласувајќи дека тоа е подолг процес и не може веднаш да се видат резултатите.

– Треба да се започнат постапките и треба да се отворат предмети онаму каде што е очигледно, онаму каде што веќе има индиции да ги проверат сите тие наводи и не ни треба нас само од странство да ни кажат, ние самите знаеме за многу места, ги слушаме и од вас медиумите и сметам дека тоа обвинителство ќе треба сега малку повеќе кога има веќе и шеф тоа обвинителство да започне поинтензивно да работи на тие предмети, изјави Јолевски.

Борбата против криминалот и корупцијата, посочи, е работа на сите обвинителства, меѓутоа организираниот криминал е исклучиво во надлежност на тоа обвинителство, додека останатите обвинителства во рамките на своите надлежности ќе треба на локално ниво да ги расчистат оние работи кои тие ги имаат во своите средини.

– Ние не зборуваме за одделни случаи. Во оваа држава ние зборуваме дека постои организиран криминал на повисоко ниво, односно на сите нивоа и затоа секој во рамките на своите надлежности би требало да започнат борбата со корупцијата и со криминалот, изјави Јолевски.

Поврзани новости