Лозарите бараат средба со Николовски: Десет тона грозје е колку твојата едномесечна плата, прими не на разговор!

by Fokus

По шест часа блокада на регионалниот пат Неготино – Кавадарци, односно од 10 часот до 14 вчера, лозарите кои протестираа си заминаа во своите домови. Нивната покана, министерот за земјоделство Љупчо Николовски да дојде да се сретне со нив и да ги слушне нивните барања, вчера остана неодговорена.

Затоа, како што појаснуваат за ,,Фокус”, упатиле писмено барање до Николовски, да ги прими на разговор најдоцна до утре (петок), и тврдат доколку не се оствари средбата, тие од понеделник повторно излегуваат на протест и ќе го блокираат патот на неодредено време.

“Го најавиме протестот, медумите известија за него, јавно упативме покана до министерот Николовски, да дојде и да се сретне со нас. Тој сепак, не се појави помеѓу насобраните лозари – разочано раскажуваат лозарите од Неготино и Кавадарци.

Велат дека годинава, кога имаме огромни поскапувања, а родот беше преполовен поради лошите временски услови, многумина од нив започнале да размислуваат да се откажат од лозарството. Откупните цени се недоволни да се покријат трошоците, а младите генерации токму поради слабата заработка, сосема изгубиле интерес за лозарството.

-Нашите барања се јасни, бараме по 5 денари субвенција за предаден килограм грозје, да се вратат старите суми на субвенции по хектар кои сега се намалени, и да не се покачува цената на водарината.

Незамисливо е со денешната инфлација, килограм смедеревка да изнесува 14,5 денари, килограм вранец 17 денари. Цените се понижувачки и ако нема промена, лозарството сосема ќе замре. Лозарите имаа многу лоша година поради временските услови, но и разните болести кои ја погодија виновата лоза.

За да биде појасно, со овие цени, за еден тон смедеревка ние добиваме 14.500 денари, односно околу 235 евра. За десет тона, тоа се 2.350 евра. Цела година труд, вложување, макотрпна работа и големи трошоци, за сума која е колку едномесечна министерска плата.

Има голем број на лозари кои годинава не набраа ниту по десет тона грозје од хектар, значи не само што не заработиле, туку и влегле во минус.

Ова е долгогодишна мачна ситуација, сакаме отворено да ни се каже дали да продолжиме да се занимаваме со лозарство или да ги ископачиме лозјата. Помеѓу лозарите веќе нема ни млади луѓе, цели генерации се откажуваат и имаат право поради таквите одлуки- велат од здружението Лозаро-овоштари.

За време на протестот на еден од истакнатите транспаренти му порачаа на Николовски дека не се задоволни од она кое го сработил за земјоделците, и потсетија дека десет тона грозје се колку една негова плата. Бараат да бидат сфатени сериозно и министерот да ги прими на средба.

Вики Клинчарова

Поврзани новости