Антикорупциска: Како знае ЈО дека инцијативата за “Труст“ е беспредметна, кога таа не е доставена и не знае какви докази се обезбедени

by Fokus

Откако денес Јавното обвинителство (ЈО) соопшти дека иницијативата на Државната комисија за спречување на корупцијата, за постапките кои се водени по предметот Труст,  е беспредметна и најави дека ја замрзнува соработката со Антикорупциската комисија, од ДКСК реагираат:

„Податоците кои беа изнесени на седницата, а која е задолжително јавна, согласно член 22 став 3 од Законот за спречување корупција и судир на интереси, во најголем дел се веќе познати на јавноста, а ДКСК изврши анализа и хронолошко поврзување на истите. ДКСК и во овој случај постапи согласно надлежноста утврдена во член 17 став 1 точка 5, и одлучи да покрене Иницијатива за поведување постапка за кривично гонење по предметите по кои
постапува“, соопшти Антикорупциска комисија.

Од ДКСК во реакцијата велат дека се поставува прашањето како ЈО ја оцени Иницијативата дека е беспредметна и неоснована и дека Комисијата при анализа на предметот немала пред себе бројни докази ниту увид во комплетната фактичка состојба, кога Иницијативата се уште не е доставена, а Јавното Обвинителство се уште нема сознанија кои доказни  ги обезбедиле при анализата на овој предмет.

„Во духот на заедничка и организирана борба против корупцијата и организираниот криминал целисходно е ЈО претходно да ги види сите факти и аргументи со кои располагаме, бидејќи целта на ДКСК е да придонесе при расветлувањето на овој случај, а не да ја компромитира постапката што се води во ЈО. Меморандумот за соработка помеѓу институциите е само израз на добра волја за соработка, но надлежностите се јасно дефинирани во законите“, соопшти ДКСК.

Од ДКСК велат дека почитувајќи ги одредбите во Меморандумот за соработка на ДКСК со ЈО, на редовна средба го известиле обвинителството дека има сериозни сомнежи во врска со предметот Труст и дека ќе покрене Иницијатива за поведување постапка за кривично гонење.

„ДКСК и понатаму ќе продолжи да постапува согласно своите законски надлежности и да соработува со сите надлежни институции за борба против корупцијата и организираниот криминал, во интерес на владеењето на правото“, соопшти ДКСК.

 

Поврзани новости