Македонската јавност е револтирана поради константните лоши пласмани на нашите учесници на музичкото натпреварување Евровизија. Откако синоќа, шеста година по ред, останавме без финале, социјалните мрежи се преплавија со низа критики адресирани до нашата евровизиска делегација, во кои се бара нивна одговорност, оставка, и нов состав, кој ќе донесе нови идеи, креативност и софистицираност на сцената.
Голем е бројот на јавни личности кои го изразија својот револт, а во повеќе наврати се потенцира да се откажеме од Евровизија и парите кои што се трошат таму, да бидат пренаменети за лекување на болни деца. Неофицијално, се шпекулира дека за настанот се располага со буџет од неколку стотици илјади евра, но досега никој од надлежните не сакаше да ги открие точните бројки.
Шефицата на делегацијата, Мери Попова уште лани, кога тогашната претставничка Јана Бурческа не влезе во финале, одби да ни каже со колкав буџет располагаат, повикувајќи се на релевантни служби на МТВ, но обидите да стапиме во контакт со нив и да добиеме одговор на прашањето кое што е од јавен карактер, останаа безуспешни.
Државните пари кои на годишно ниво се трошат за Евровизија и Детски Евросонг се уште остануваат тајна за народот. И додека јавноста бараше одговорност од делегацијата и лани, по неуспехот, Попова тогаш ни одговори дека не чувствува морална одговорност поради лошиот пласман.
Годинава во Лисабон, Португалија замина групата ,,Ај кју’’ во состав од три члена, Марија, Бојан и Иво. Нивни придружни вокали на евровизиската сцена беа Антониа Гиговска, Дина Јашари и Валери Димовска. Од МТВ како дел од делегацијата се Мери Попова, шеф на делегацијата веќе шеста година по ред, Александра Јовановска како шеф на прес и новинар кој подготвува специјални емисии од настанот, Каролина Петковска како коментатор и новинар кој што ги подготвува сите останати извештаи за програмата, Цветко Стојановски – снимател, Авни Ќаили, новинар од Вториот Програмски сервис и новинар од радиото, Јошко Бошковски.
Од Португалија, дел од нашите делегати во повеќе наврати за медиумите изјавуваа дека песната на ,,Ај кју’’ е доста популарна, како сите ја потпевнуваат, како Марија и Бојан немаат трема, како се дочекани со воодушевување на секое ново претставување и слично… Но, и покрај сите фалби, им се случи фијаско. И секоја година, по лошиот пласман, најчесто оправдувања за неуспехот се наводно гласовите кои си ги даваат соседните земји, тоа што Македонија е мала земја, а во повеќе наврати делгатите потенцираа дека останатите земји имале значително поголем буџет на располагање, односно милиони евра и делегации составени од 50, па и повеќе луѓе.
Во изминативе шест години, не се случи ниту еднаш било кој од делегацијата да прифати одговорност или пак да излезе со признание дека потфрлиле во својата работа. Напротив, тимот кој што константно губи, останува ист и уверен дека е на правиот пат.
И додека јавноста е револтирана и бара одговорност и промени, на официјалната страница на ОГАЕ Македонија дури и се обиделе да се пошегуваат со неуспехот, набргу по завршувањето на првата полуфинална вечер.
-Здравје да не служи! Му треба ли некому дијазепам? Ќе одиме во Кипар наредната година? Али не? (Алудирајќи дека најверојатно ќе победи претставничката на Кипар).
Втората полуфинална вечер на 63 – то издание на Евровизија ќе се одржи во четврток, а финалето во сабота. Немаме информација дали нашата делегација уште денес ќе се врати назад во Македонија, или пак ќе остане во Португалија се до завршувањето на целиот настан.
Вики Клинчарова