Јавниот долг на Македонија прв пат ја надмина границата од 50 отсто од Бруто домашниот производ. Заклучно со третиот квартал, јавниот долг достигна скоро 4 милијарди 760 милиони евра или 50,6 отсто од БДП, објави министерството за финансии.
Во споредба со претходниот квартал, јавниот долг се зголемил за 1,2 проценти или за над 486 милиони евра.
Како што велат од Министерството за финансии, зголемувањето на државниот и на јавниот долг во однос на вториот квартал се должи на издавањето на еврообврзницата во јули 2016 година, која е наменета за покривање на буџетскиот дефицит во 2016 и во 2017 година.
– Со еврообврзницата ќе се покријат повеќе обврски кои доспеваат во текот на оваа и на наредната година, како отплата на 130 милиони евра која ќе се изврши во ноември врз основа на доспеан кредит – велат од Министерство за финансии.
Инаку, ова досега е рекордно ниво на јавниот долг, кој во изминативе години постојано е во пораст.