Јавниот долг на Македонија достигна 3,9 милијарди евра

by Фокус

Според податоците на Министерството за финансии, вкупниот јавен долг на Македонија во јуни изнесува 3,92 милијарди евра или 43,7 отсто од бруто-домашниот производ.

Во вториот квартал годинава, надворешната задолженост се намалила за 13,5 милиони евра и сега изнесува 2,61 милијарда евра. Внатрешниот долг пораснал за 24,3 милиони евра и сега изнесува 1,30 милијарди евра. Ова значи дека вкупниот долг на Македонија за три месеци, од март до јуни, се зголемил за 10,8 милиони евра.

За утре пак, е најавено ново задолжување на Владата за 2,2 милиони евра. Задолжувањето ќе се направи со емитување на државни хартии од вредност. Истовремено, во наредните две недели, ќе се направат и две раздолжувања на долг од 7,9 милиони евра кон домашните кредитори. Со ова, Владата ја продолжува праксата која ја имаше и досега, пред секое раздолжување да прави ново задолжување.

Поврзани новости