Според податоците на Министерството за финансии, вкупниот јавен долг на Македонија во јуни изнесува 3,92 милијарди евра или 43,7 отсто од бруто-домашниот производ.
Во вториот квартал годинава, надворешната задолженост се намалила за 13,5 милиони евра и сега изнесува 2,61 милијарда евра. Внатрешниот долг пораснал за 24,3 милиони евра и сега изнесува 1,30 милијарди евра. Ова значи дека вкупниот долг на Македонија за три месеци, од март до јуни, се зголемил за 10,8 милиони евра.
За утре пак, е најавено ново задолжување на Владата за 2,2 милиони евра. Задолжувањето ќе се направи со емитување на државни хартии од вредност. Истовремено, во наредните две недели, ќе се направат и две раздолжувања на долг од 7,9 милиони евра кон домашните кредитори. Со ова, Владата ја продолжува праксата која ја имаше и досега, пред секое раздолжување да прави ново задолжување.