Јавниот долг заклучно со 31 март 2022 година изнесува 57,1 отсто и е намален за 3,7 процентни поени во однос на 31 декември 2021 година, кога изнесуваше 60,8 отсто од БДП.
Според министерството за финансии на намалувањето на јавниот долг влијаеше отплатата на обврските по основ на главнина за надворешен долг во прв квартал во 2022 година, во износ од 55,2 милиона евра.
-Согласно последните податоци, јавниот долг е позициониран на ниво под мастришкиот критериум на Европската Унија, што ја покажува добро поставената фискална политика и доброто управување со јавните финансии во време на енергетска криза и зголемена инфлација, велат од министерството.
Како што информира Министерството за финансии, со цел заштита на портфолиото на државниот долг од евентуалните идни пазарни шокови, односно од неповолните промени на каматните стапки што директно влијаат врз зголемување на трошоците на Буџетот, eдна од целите во следниот период е одржување оптимална каматна структура на портфолиото на државниот долг.
Согласно ова, министерот за финансии Фатмир Бесими денеска на форумот „100 дена Влада“ истакна дека е важно да се намали цената на чинење на трошоците.
-Јавниот долг се намалува за 3,7 процентни поени. Со тоа се создава простор за 454 милиони евра дополнително финансирање во тековниот период од годинава, потенцира министерот Бесими.
Тој додаде дека од исклучително значење е носењето на Законот за буџети, којшто во моментов е во собраниска процедура. Согласно Законот, Буџетот и Фискалната стратегија треба да бидат во согласност со фискалните правила коишто се однесуваат на дефицитот и на вкупниот долг на општата власт.
Притоа, буџетскиот дефицит за соодветната година не смее да надмине ниво од 3 отсто од номиналниот БДП, додека вкупниот долг не смее да надмине ниво од 60 отсто од номиналниот БДП.
Согласно ревидираната Стратегија за управување со јавниот долг, се очекува долгот на крајот на годинава да изнесува 63,5 отсто од БДП. На среден рок, односно до 2026 година, проекциите во Стратегијата за управување со јавниот долг се дека тој ќе се стабилизира и ќе се намали на 56,5 отсто, додека државниот долг ќе се сведе на 50 отсто.