Јанша: Ќе вакцинираме 70 проценти од населението до лето

by fokus

Словенечкиот премиер Јанез Јанша е уверен дека Словенија се уште може да ја постигне целта да имунизира 70 проценти од населението до лето, но и предупреди дека поради негативниот тренд на епидемијата, тешкотиите со испорака на вакцини и појавата на мутација на вирусот строго треба да се почитуваат сите епидемиолошки мерки.

Словенија досега примила и претежно веќе потрошила 76 илјади дози вакцини на Фајзер/БиоНТек и на Модерна, а во февруари очекува уште 110 илјади дози од истите производители.

Испораката на ветените 80.000 дози вакцина на АстраЗенека е многу сомнителна поради познатите несогласувања меѓу Европската комисија и производителот, рече Јанша, додавајќи дека се надева на вакцината на Џонсон/Џонсон, која наскоро треба да биде одобрена во Европа.

Словенечкиот премиер предупреди дека сегашната епидемиолошка состојба и нејзините трендови во Словенија „не се добри“, а ситуацијата ја влошува и појавата на мутацијата првпат забележана во Велика Британија, за која се покажа дека е присутна во државата од крајот на минатата година.

Поврзани новости