Врховниот суд на Косово ја потврди забраната за Курти да учествува на изборите

by fokus

Врховниот суд на Косово денеска делумно ја отфрли жалбата на Движењето самоопределување (ВВ) на претходните одлуки на Централната изборна комисија (ЦИК) и на Изборниот панел за поплаки и претставки (ПЗАП), по што на лидерот на таа партија дефинитивно му се ускрати правото да учествува на вонредните парламентарни избори на 14 февруари, јави дописникот на МИА од Приштина.

Курти и уште двајца кандидати на ВВ, Албулена Хаџиу и Бајрам Мавриќи, согласно неодамнешната одлука на Уставниот суд на Косово, немаат право на учество на овие избори, затоа што биле правосилно осудени за кривично дело во последните три години.

Споменатите тројца кандидати на ВВ во септември 2018 година се осудени со конечна судска одлука на условна казна затвор во траење од над една година, заради пуштањето димни бомби во косовското Собрание и попречување на службени лица во вршењето на должноста.

За двајца од кандидатите на ВВ, како и за еден од Алијансата за иднината на Косово (ААК), кои првостепените инстанци, ЦИК и ПЗАП, ги исфрлија од гласачките листи, Врховниот суд одлучи да им се овозможи да учествуваат на изборите, затоа што до 14 февруари истекува рокот од три години забрана поради изречени казни за кривични дела.

Забрана за учество на изборите, освен на Курти, Хаџиу и Мавриќи, им е изречена на уште околу 40 кандидати од партиите ААК, Социјалдемократската иницијатива (Нисма), Партијата на Ашкалиите за интеграција (ПАИ) и Нова демократска странка (НДС).

Поврзани новости