Јанкуловски: Груби невистини се тврдењата дека сум ја узурпирал академската слобода

by fokus 12:51
12:51

Лаги и груби невистини се тврдењата за наводно узурпирање на академската слобода и притисоци врз Универизтетот за членство во синдикатот на УКИМ, тврди ректорот Никола Јанкуловски за интервјуто на професорката Маја Стевановиќ, претседател на НАкС (Независен академски синдикат).

-Mојата обврска како Ректор на најголемиот Универзитет беше да ја споделам информацијата која потекна од Министерството за образование и наука за ветеното зголемување на платите и потребата истото да се реализира со потпишување на колективен договор на ниво на универзитети. Синдикалното здружување е доброволно. Не можам да не ја споделам таквата информација од МОН, бидејќи платите во високото образование се многу ниски. Во ниту еден момент не е направен притисок врз кој било вработен и за само два дена постигната е репрезентативност од над 30 % од вработените на УКИМ од кои повеќе од половината се наставно-научен кадар. Самото тоа е доказ дека ниту се имало намера да се изврши притисок, а ни желба ни време тоа да се направи врз околу 1000 вработени. За жал синдикатот НАкС (Независен академски синдикат), каде членува проф. Маја Стевановиќ, не успеа да постигне репрезентативност за речиси 4 години од неговото формирање, што е веројатно и причина за ваквиот однос кон оваа ситуација. Грубо бев обвинет дека сум го казнил Факултетот за драмски уметности при УКИМ со 20.000 евра, што претставува ноторна лага. Невистина е, и повторно лажно обвинување е дека не сум ги праќал барањата за нови вработувања во МОН за потребите на Факултетот за драмски уметности. Со ваквите лажни тврдења на проф. Стевановиќ се нарушува мојот и угледот на целиот Универзитет, се вели во демантот на Јанкуловски.

Универзитетската професорка од Независниот академски синдикат Маја Стевановиќ, во „Утрински брифинг“ на „Слободен печат“ зборуваше дека нема законски пречки за покачување на платата и дека се врши притисок врз вработените.

- Advertising -

-Нема законски пречки за покачување на платата од 10% како што тврди Министерството за образование и наука. За колегите да го добијат ветеното покачување кое што е влезено во буџетот во 2019 не е потребно да се потпише колективен договор, а најмалку е потребно да се потпише непристоен колективен договор, после 30 години независна Македонија, со само еден единствен челн со еднократно покачување од 10 проценти. Апсолутно е недозволиво да се потпише колективен договор со квази синдикат кој е основан, инициран и под контрола на ректорите, рече Стевановиќ.

Поврзани новости