ФЕЉТОН Контроверзна лустрација: УДБА како сатана и светец

by fokus 12:32
12:32

Денес УДБА и во многу помала мера КОС се сатанизираат затоа што си поигрувале со човечки судбини. Истовремено постои и еден парадокс во однос на нивните писанија на кои денешните демократи безрезервно им веруваат и ги респектираат, па извештаите на УДБА и КОС ги читаат и прифаќаат како Свето писмо и апсолутна вистина

Д-р Гроздан ЦВЕТКОВСКИ

Посебна перверзија и апсурд претставуваат настојувањата целата вина за репресивноста на комунистичкиот систем исклучиво или во најголема мера да се сведе и префрли на тајните служби и кодошите.

- Advertising -

При тоа, свесно и тенденциозно се игнорира фактот дека службите биле само еден од инструментите за реализација на идеологијата на тогашната власт, т.е. дека работеле за Партијата која ја определувала нивната програмска ориентација, законите и правилата.

Измислувањето на сите категории класни непријатели исто така било дело на Партијата, а Службата само ги спроведувала директивите. Информбирото, Голи оток, колективизацијата, маспокот, либерализмот, граѓанската десница, албанскиот национализам и иредентизам, македонскиот екстремизам и други изми и антисамоуправни и антисоцијалистички скршнувања и деформации, ги осмислија, прогласија и со декрет ги воведуваше највисокото политичко и партиско раководство.

ШИЗОФРЕНИЈА НА ДУХОТ

Тајните служби и кодошите беа само нуспродукт и дел од механизмот од функционирањето на комунистичкиот режим. Службите само ја операционализираа програмата на владеачката структура, а воопшто не ја креираа. Во тој репресивен систем кодошите беа најспоредниот дел.

Горе – долу, службите во основна линија останаа такви и во транзицијата и плурализмот, со нужни трансформации и шминки во духот на времето, настојувајќи да се ребрендираат во „демократски служби“ односно во „сервис на граѓаните“. Па, зарем денес тие не се најлојалната и најдоверлива инструментализирана државна структура на секоја владејачка гарнитура? Но, тоа не сака да се гледа и да се признае!

Денес УДБА и во многу помала мера КОС се сатанизираат затоа што си поигрувале со човечки судбини. Истовремено постои и еден парадокс во однос на нивните писанија на кои денешните демократи безрезервно им веруваат и ги респектираат, па извештаите на УДБА и КОС ги читаат и прифаќаат како Свето писмо и апсолутна вистина. Ваквата шизофренија на духот претставува contradictio in adjecto.

Зарем денес во сеуште незавршената транзиција и мафијашкиот либерален капитализам, безбедносните служби не претставуваат инструмент на владеачките партии? Секакво поинакво тврдење претставува чиста демагогија и зафрканција.

Посебно голем гаф, незнаење или, пак, свесна манипулација претставува фамата дека само УДБА и КОС имале ексклузивно право во кршењето на човековите права и слободи. Тоа воопшто не одговара на вистината, бидејќи институционално исто, па дури и повеќе се кршеле човековите права и во ресорите на финансии, здравство, образование, издавачката дејност … што како реликт остана и до денес.

Трагична, апсурдна и идиотска е тезата и прифаќањето на резонот дека секој вид на соработка со безбедносните служби треба и мора да се прогласува за неприфатлив и неморален чин.

ХИПОКРИЗИЈА И ДИЛЕНТАТИЗАМ

Дали за кодош треба да се прогласи веќе претходно споменатиот соработник со псевдоним „Ветеринар“, кој на македонската Служба давал информации за странски дипломати и здруженија на граѓани кои спроведувале погрчување и романизирање на македонските Власи? Со неговото лустрирање и објавувањето на документи и досиеа на веб страницата на Комисијата за верификација на факти, на грчките безбедносни служби им се сервираа податоци за македонските разузнавачки активности во Грција.

На пример, за лицето под псевдоним „Демагог“ беа изнесени податоците со име и презиме со кои тој контактирал и ги организирал македонските активности во северниот дел на Грција. По лустрацијата на „Ветеринар“, оперативната врска – соработник „Демагог“ ги прекинува сите контакти со македонските активисти во Грција.

Или, пак, соработникот „Корбизие“ кој информирал за ставовите на палестински студенти во Скопје во врска со значајни акции кои ги планирале и превземале арапски командоси? Зарем тоа значи дека „Корбизије“ требало да молчи само за да не ги прекрши човековите права на странските агенти?

Ваквата логика претставува врв на хипокризија, незнаење и дилентатизам, од едноставна причина што соработниците не смеат априори и без задршка да се третираат како лица кои се занимаваат со незаконски, забранети, неморални и нечесни работи со кои на други им се нанесува штета.

Напротив, секое објавување на имињата на овој тип соработници, значи дека треба да се стави клуч на вратата од службите, бидејќи по вакви случаи никој нормален, па дури и луд или збунет нема по никоја цена да прифати соработнички однос.

АГЕНТ – ПРОВОКАТОР

Во богатата пракса од работењето на службите, постојат многубројни случаи кога соработници следеле конкретни објекти, откако претходно доброволно прифатиле да соработуваат, но многу често некои од нив следеле сосема други објекти кои не биле безбедносно интересни.

Исто така, голем дел од соработниците биле со карактерни црти на подлост и расипаност, склоност кон интриги и клевети, преиначување и предимензионирање на одредени факти, фантазирање и измислување. Таквите соработници поднесуваа извештаи соодветни на нивниот менталитет, поради што последиците од таквата соработка се покажаа како многу опасни.

Условно, ваквите типови можат да се сместат во графата „соработници во наводници“, што асоцира на криминогени и неморални личности. Доколку се сака или е возможно да се докажат нивните фалсификати поради кои настрадале невини луѓе, тие треба кривично да се гонат. Нивни жртви, освен од блиското опкружување од работната и животна средина, потенцијално и реално можеле да бидат и други граѓани.

Возејќи се во градски автобус, соработникот Н. прислушува некаков разговор на политичка тема. Бидејќи знае дека ќе биде пофален токму од каде што треба, тој во разговорот препознава антидржавни елементи, па се труди да дознае кои се лицата што го водат дијалогот, каде работат и живеат.

Или, пак, соработникот случајно се затекнува на некоја семејна веселба, при што активно се вклучува и учествува во дискусиите и истовремено внимателно слуша, се прикрадува и провоцира. Заклучокот се наметнува сам по себе: соработникот како агент – провокатор освен што постапува според дадените инструкции, пројавува и хипер самоиницијативност.

Началникот А. на Одделот го повикува инспекторот Б. и му предочува службена белешка од неговиот непосреден раководител Ц. во која се наведува дека соработникот „Кобра“ кој на врска го држи инспекторот Б. истапувал непријателски пред соработникот на неговиот непосреден раководител Ц. Меѓу останатото, „Кобра“ наводно рекол: „Тито е диктатор. И Лазо е ист. Југославија ќе се распадне и ќе се случи крвава граѓанска војна, поради што навреме ќе побегнам во странство“.

КЛАСИЧНА ПРОВОКАЦИЈА

Од денешна временска дистанца, ваквите изјави би се квалификувале како патриотски, демократски и визионерски, но во оние матни волнени времиња соработникот „Кобра“ сигурно ќе бил затворен и прогласен за народен непријател. Значи, се работи за сложен, но поучен случај за тоа колку е погрешно сѐ да се стави на една вага и да се мери со ист аршин.

Од наведениот пример произлегува и фактот дека е сосема погрешно и некомпетентно (пред)убедувањето дека врбуваните соработници секогаш биле жртви, а нивни џелати оние кои ги ангажирале. Ваквата теза е далеку од вистината, бидејќи во претходниот случај сосема е очигледно дека жртвата е соработник, но и нејзиниот џелат е исто така соработник.

Во случајов, произлегува дека оној што врбувал бил спасител на жртвата, затоа што во тоа време за вакви непријателски искажувања се одело во затвор, особено во случаи кога набедениот беше соработник на службите. Затоа, совесниот инспектор мораше да изврши проверка дали првичните сознанија одговараат на вистината, што претставува мошне софистицирана и деликатна работа и истовремено непријатна, поради фактот што инспекторот мораше да го обработува совојот соработник.

Во конкретниот случај, за среќа добива проверена и апсолутно веродостојна информација т.е. доказ за разговор меѓу двајца соработници, при што било сосема јасно дека работите се одвивале обратно, т.е. дека не пцуел и непријателски истапувал соработникот на инспекторот, туку соработникот што го држел на врска неговиот непосреден раководител. Уште поморбидно е тоа што токму провокаторот го наговарал и провоцирал соработникот на инспекторот да избега во странство.

Значи, освен што се работи за класична и беспорна провокација, се оди и подалеку: провокаторот на раководителот најбезобразно му соопштува лажни факти и податоци за конкретно лице, што претставува највалкана клевета. Подоцна случајот се расчисти: провокаторот беше маж, а другиот соработник жена која одбила да му биде љубовница.

Кога се расчисти случајот началникот на Одделот нареди проверката да се затвори као непотврдена и случајот да се стави ад акта. Агентот – провокатор не беше казнет, поради едноставна причина – неговиот раководител беше повисок по ранг во хиерархиата на Службата.

Овој случај е индикативен од аспект на влегување внатре зад тешките кулиси на тајните дискрециони права и злоупотреби на службената положба. Заклучокот се сведува на фактот дека работите се мошне комплицирани и далекусежни доколку на прашањето со досиејата се гледа еднострано и некритички.

Продолжува:

ПРОЦЕСОТ НА ЛУСТРАЦИЈА СЕ ПРЕТВОРИ ВО ЛАКРДИЈА (13)

 

Поврзани новости