Денеска дојдов на покана од страна на Специјалното јавно обвинителство, иако поканата ја добив вчера доцна попладне, изјави поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска која денеска во СЈО требаше да даде свој исказ за предметот „Тврдина“.
– Како странки кои би требало да бидат рамноправни во една постапка, јас и тимот на мојата одбрана инсистираме да бидат исполнети барем минимум елементарни услови, процедурата да може да се одвива и каде ќе бидат исполнети и минималните права за странките во постапката. Во тој контекст, денеска побаравме барем минимално почитување на процесните права.Свесна сум дека ова што се случува,е резултат на тоа што се наближуваат изборите, и како што јавноста и медиумите коментираа дека тие целосно се ставени во функција на политичката кампања на опозицијата, која нема што да им понуди на граѓаните, па сега најважна алатка им е само СЈО – вели Јанкулоска.
Таа рече дека претпоставува дека вакви распити во скоро време ќе се повторуваат, повикувајќи се на завчерашната најава на СЈО.
– Денеска јас не барав ништо посебно, барав елементарно запознавање со доказите за да можам да се изјаснам. Тогаш кога ќе видиме некој доказ, повторно ќе дојдам во било кое време – нагласи таа.
Јанкулоска повтори дека немала сторено никакво кривично дело, а нејзиното барање за минимални услови било внесено во записник.
Запрашана дали и недостига министерската функциија, таа одговори негативно и нагласи.
– Сега се чувствувам одлично.