Васка Јанковска, скопјанката чиј што моќен глас го потресе целиот Балкан долги години наназад, кога ја отпеа „Едерлези“ на Горан Бреговиќ во култниот филм „Дом за бесење“ и одтогаш стана дел од неговата музичка екипа, повторно го крена својот глас, овојпат против политичарите од земјава. Таа им порача да не си играат со боите на Шарената револуција и да престанат да се однесуваат како деца од градинка, посебно претседателот Ѓорѓе Иванов, алудирајќи на неговите помилувања.
„Цели 12 години пеев на концерти со Бреговиќ и неговиот „Оркестар за свадби“ и погреби“. Ја претставував гордо Македонија низ целиот свет, имав и по 150 концерти годишно. Во некои земји се случуваше луѓето дури и да не знаат каде се наоѓа Македонија, а јас од се срце им раскажував за мојата татковина. Но ова што денес се случува кај нас е срамота! Сакам да им порачам на сите од власта да си научат каде им е местото, да не си играат со народот и со боите. Посебно на претседателот би му порачала да ја води правилно политиката и да престане да си игра со граѓаните. Де дава аболиција, де ја откажува, тоа го нема никаде во Европа и светот ни се смее! – изјави Јанковска за Фокус.
Таа додава дека и Бреговиќ е добро упатен во нашата политичка состојба и, според неа, нему воопшто не му се допаѓа тоа што му се случува на нашиот народ.
-Уште во 2001 година тој ми предлагаше да купам стан во Белград и да се преселам, но не го послушав. Се уште се надевам дека кај нас состојбата ќе се среди, оти срамота е што дури Бугарите и Романците пред нас влегоа во Европа. Нека си ги завршат политичарите своите договори и преговори побргу, народот заслужува подобар живот, а не ова што го гледаме денес – изјави за Јанковска.
Некогашната членка на бендот на Бреговиќ прекина со редовните концерти пред четири години, откако доживеа сообраќајна несреќа во соседна Грција, враќајќи се од концерт. Од преголем шок, откако нивното возило удрило во камион, и се изгубил гласот. По долготрајна терапија, гласот повторно и се вратил, но сега пее само на представата „Кармен“.
Вики КЛИНЧАРОВА