Иако до сега скоро сите барања на Специјалното јавно обвинителство беа одбиени од судот како неосновани, Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева вели дека уште верува во судството и интегритетот и професионалноста на судиите.
– Будно ги следиме овие случувања околу судството, како институција која е зависна од судските одлуки. Што се однесува до нас, ние се надеваме дека личниот и професионалниот интегритет на судиите ќе дојде до израз во оваа ситуација и дека нивните одлуки ќе бидат засновани на закон и на нивен личен интегритет и дека нема да трпат влијание во однос на нашите постапки и барања – рече Јанева, која денеска присуствуваше на дебатата „Судско одмерување на казните и практична примена на алтернативните мерки во македонското законодавство“.
Последното отфрлање на нејзиното барање за одредување мерки на претпазливост за осомничените во „Трезор” се уште ги очекува, но Јанева рече дека најверојатно ќе ја обжалат и оваа одлука на Кривичниот суд.