Специјалното јавно обвинителство изразува загриженост за начинот на известување на одредени медиуми поврзан со работата на ова Јавно обвинителство, како и работата на Специјалната јавна обвинителка и јавните обвинители.
-Ги демантираме во целост наводите објавени од страна на Курир и други медиуми дека од страна на јавни обвинители од ова Јавно обвинителство постапувано е спротивно на законските одредби во преземањето на процесните дејствија, како и дека ваквите наводни активности се по налог на Катица Јанева. Ова Јавно обвинителство, иако беше изложено на неосновани напади и во претходниот период, покажа висок степен на толеранција спрема лицата кои изнесуваа невистини, навреди, клевети и се служеа со говор на омраза насочен кон обвинителството. Со оглед дека бројните апели од наша страна не дадоа резултат, а како е потребно да се заштити интегритетот и безбедноста на јавните обвинителии нивните семејства, ја известуваме јавноста дека во периодот што следи против одредени лица ќе бидат покренати соодветни граѓански постапки за клевета и навреда, како и кривични постапки за лажно пријавување на кривично дело.
Специјалното обвинителство апелираше до сите медиуми и поединци да се воздржат од произнесување на невистини за работењето на ова Јавно обвинителство и да се воздржат од негово етикетирање и ставање во функција на дневно политички цели.